Изборниот успех на студентската листа во Србија предизвика реакции и во црковните кругови. Меѓу нив е и објавата на Донко Ракочевиќ, Новинар и публицист од Подгорица, кој смета дека епископот Григориј, кој ја предводи Српската православна црква во Германија, е еден од архиереите што се обидуваат да го прошират своето политичко влијание.

Во статусот со наслов „Идниот патријарх?“, Ракочевиќ тврди дека Григориј се радува на изборниот резултат на студентската листа затоа што верува дека политичките промени во Србија ќе ги зголемат неговите шанси за избор за поглавар на СПЦ.
Како повод за ваквите толкувања ја наведува фотографијата што Григориј ја објави од средбата во Германија со митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј и познатиот српски кошаркар Дејан Бодирога, кој беше кандидат на студентската листа на парламентарните избори.
Фотографијата привлече внимание и поради бројот три на масата, истоветен со бројот под кој студентската листа се најде на гласачкото ливче. За оваа средба известуваа и црногорските медиуми, но самата фотографија не докажува дека станувало збор за политички договор или координација.
Како еден од главните аргументи за својата теза, Ракочевиќ се повикува на настаните од 2008 година, кога здравствената состојба на патријархот Павле го отвори прашањето за неговото повлекување од тронот на СПЦ.
Во тоа време, епископот Григориј испратил писмо до архиереите во кое остро ја критикувал одлуката патријархот да остане на тронот и се залагал за отворање на прашањето за избор на нов поглавар.
Ракочевиќ оди чекор понатаму и тврди дека Григориј уште тогаш имал лична амбиција да стане патријарх. Сепак, достапните извештаи за писмото не се доволни за тоа тврдење да се прифати како утврден факт.
Обвинувања за политички ангажман
Во својата објава, Ракочевиќ го критикува и јавниот ангажман на епископот Григориј, обвинувајќи го дека е поврзан со политичките кругови во Србија што се спротивставуваат на актуелната власт.
Тој го споменува и честото присуство на Григориј во српскиот неделник „Недељник“, кој го оценува како медиум со антисрпска ориентација. Тоа е политичката оценка на авторот на објавата, а не неутрално утврден факт.
Ракочевиќ потсетува и на фудбалските настапи на Григориј во дрес на белградска Црвена звезда, користејќи стихови од песна на покојниот црногорски поет Момир Војводиќ за да ја нагласи својата критика.
На крајот од статусот, тој најавува дека би можел да напише многу подолг текст за, како што ги нарекува, престапите на епископот Григориј, но засега се задржува на овие примери.
Објавата на Ракочевиќ ја отвора темата за односот меѓу црковното раководство, политиката и јавниот ангажман на архиереите на СПЦ. Неговата теза дека Григориј се подготвува за патријаршискиот трон, се толкува и како напад врз епископоите на СПЦ, кои во времето на режимот на Вучиќ останаа доследни и на потклекнаа пред притисоците до врвот на СПЦ во одбрана на Вучиќ и нападите врз студентите. Некои од нив, како Жичкиот епсикп Јустин понесоа и санкции за тоа.
Инаку, Григориј ќе остане запаметен и по една изјава во едно интервју од пред девет години, за Н1, во кое на шеговит начин го објаснува неговиот однос со Вучиќ.

