Митрополитот Јоаникиј: Српските студенти победија со трпение, вистина и патриотизам

Date:

Share post:

Митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј изјави дека студентите во Србија ја оствариле изборната победа благодарение на трпението, воздржувањето од одговор на провокациите и насилството, како и со свежата енергија, интелигенцијата, вистината и патриотизмот.

Во гостувањето на РТВ Подгорица, Јоаникиј отворено призна дека не бил поддржувач на режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ги политичките промени во Србија и резултатите што ги постигнале студентите.

Според него, успехот на студентите ги демантирал обвинувањата дека станува збор за изманипулирана група или за луѓе кои работат во интерес на странски центри на моќ.

„Отпаднаа сите тие обвинувања на сметка на тие деца дека се предавници или дека се изманипулирани од некого, дека некој однадвор раководи со сè“, рече Јоаникиј.

Тој оценил дека појавата на нови луѓе, кои носат свежина, хумор и креативност, ги вознемирува оние кои се навикнати на воспоставените политички обрасци и привилегиите што ги носи власта.

„Победија со трпение и со тоа што не одговараа на провокациите, насилството и клеветите. Победија со свежа енергија, интелигенција, вистина и, пред сè, со голема љубов и патриотизам кон својата татковина“, изјави црногорско-приморскиот митрополит.

Јоаникиј додал дека сè уште не е сосема јасно како новата енергија ќе се одрази врз идните политички прилики во Србија, но дека е неспорно оти студентите и граѓаните кои ги поддржале покажале голема сила и патриотизам.

Митрополитот Јоаникиј е еден од шестемина архијереи на Српската православна црква кои јавно им дадоа поддршка на студентите уште од почетокот на нивното движење. Меѓу нив се и митрополитот Григориј, епископот Јустин, епископот Максим, епископот Иринеј и епископот Димитриј.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img