Митрополитот Повардарски Агатангел во интервју за телевизијата Алфа упати отворена поддршка за актуелната влада предводена од Христијан Мицкоски, изразувајќи целосна доверба во премиерот и неговите министри, а притоа направи и необична споредба на политичката долговечност на ВМРО со владеењето на Јосип Броз Тито.
„Македонија сега е во сигурни раце. Имам целосна доверба во актуелната влада, која на секое поле работи за консолидација на државата, штитејќи ги националните интереси“, изјави Агатангел.
Говорејќи за политичките случувања во регионот, тој ги спомена Србија, Албанија и Унгарија, правејќи паралела со долгогодишното владеење на претходни политички лидери. Притоа, се осврна и на поранешната власт на Никола Груевски, за да ја изнесе својата прогноза за политичката иднина на актуелната владејачка партија.
„Јас им реков: колку владееше претседателот на Југославија, толку ќе владее и ВМРО сега. Немате шанси повеќе да дојдете на власт. И дај Боже да остане така“, рече митрополитот.
Агатангел не ја криеше ниту личната политичка доверба во владиниот состав, набројувајќи ги премиерот Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и вицепремиерот Александар Николоски.
„Верувам во премиерот, верувам во Тошковски, верувам во Муцунски, верувам во претседателката, верувам во Александар Николоски, во сите министри верувам“, изјави Агатангел, додавајќи дека довербата ја темели на нивната посветеност и љубовта со која, според него, ја извршуваат работата.
Изјавите на митрополитот отвораат прашања за границата меѓу црковното служење и јавното политичко позиционирање, особено кога архиереј на МПЦ-ОА не само што дава поддршка на актуелната влада, туку и посакува нејзината партија да остане на власт на долг рок.

