Протоерејот Митко Газинковски реагира на недоследностите околу најавената изградба на српска православна црква во словенечкиот град Крањ. Тој ја поддржува изградбата на православни храмови, но бара почитување на законите и предупредува дека црковните прашања не смеат да се користат за предизборни ветувања и политички договори.
„Црква врз темелите на законите, а не на политички договори“ е насловот на објавата што Газинковски, свештеник и претставник на Македонската православна црква во Словенија, ја објави на својот профил на Фејсбук, реагирајќи на актуелните случувања околу планираната изградба на нова православна црква во Крањ.
Неговата реакција доаѓа по медиумските откритија за разговорите меѓу претседателот на словенечкиот парламент Зоран Стевановиќ и градоначалникот на Крањ, Матјаж Раковец, со претставници на српската заедница за обезбедување земјиште и донација за изградба на храмот.
Според објавените снимки и извештаи на словенечките медиуми, на средбата одржана на 22 октомври било разговарано за можноста бизнисменот Младен Милановиќ да го финансира купувањето општинско земјиште, чија вредност била проценета на 400.000 до 600.000 евра.
Контроверзијата произлегува од фактот што земјиштето што било предложено како локација за црквата, според актуелниот општински план, е наменето за гробишта. Во разговорите се споменувала и можноста за промена на неговата намена, како и за организирање јавна аукција по локалните избори.
Стевановиќ јавно ја поврзал својата улога во обезбедувањето донатор со функцијата претседател на парламентот, додека градоначалникот Раковец негирал дека ветил дека ќе го приспособи тендерскиот или продажниот процес во корист на однапред познат купувач. Случајот отвори прашања за можната употреба на политичкото влијание во општинските постапки.
Во својата објава Газинковски нагласува дека не е против изградбата на српската православна црква во Крањ. Напротив, тој вели дека ја поддржува изградбата на секој православен храм и се надева дека и Македонската православна црква во Словенија еден ден ќе добие сопствен црковен објект.
„Искрено се радувам на секоја црква што ќе се изгради, на секој нов Божји храм и на секоја заедница што ќе добие простор за молитва, богослужба и живот во верата“, порачува свештеникот.
Тој потсетува дека ги поддржувал и напорите за изградба на православна црква во Ново Место и дека ќе продолжи да ги поддржува идните проекти, но нагласува дека основниот услов е сите постапки да бидат законски, чесни и транспарентни.
„Црквата не смее да стане средство за политичка трговија, предизборни ветувања или прикриени договори“, пишува Газинковски, додавајќи дека изградбата на Божји храм мора да се темели на вистината, чесноста и довербата.
Прашањето за гробиштата и предизборните ветувања
Особено критичен е делот во кој свештеникот го отвора прашањето за земјиштето наменето за последното почивалиште на починатите.
Тој потсетува дека пред Денот на сеќавањето на починатите, кога јавно се зборува за почитта кон покојните, традицијата и вредностите, тие вредности треба да се покажат и преку конкретни постапки.
Газинковски ги повикува и верниците на Српската православна црква да се потсетат дека прашањето за изградба на црква во Крањ било актуелно и пред осум и пред четири години, прашувајќи зошто ваквите теми повторно се отвораат токму во предизборни периоди.
„Ова не се прашања против Црквата. Напротив. Ова се прашања во одбрана на нејзиното достоинство, веродостојност и мисија“, наведува тој.
На крајот од објавата, Газинковски порачува дека најголема радост за него ќе биде денот кога ќе биде осветен храмот на Српската православна црква во Крањ, но и кога македонската православна заедница во Словенија ќе добие сопствен храм.
„Божји храм не може да се гради така што ќе ги погазиме вредностите што тој храм треба да ги претставува“, порачува протоерејот Митко Газинковски.

