Новиот свет на Павославната црква

Date:

Share post:

Партениј – Епископ Антаниски, на литургијата во Имврос јуни 2023

Денес повторно Сесветиот Дух нѐ собра во единство на поредна Педесетница, за секој на својот јазик, но со една душа да Го прославиме Божјото величие врз нас и да Му заблагодариме за преголемите дарови на нашата света и чесна вера. Вакви зборови би звучеле премногу вообичаено и како да се повторени многупати; но нив не ги изговараат едноставно нашите усни, туку нашето срце ги извикува гласно, зашто е преполно со радоста на единството. Преполно е со радост која не стивнува, бидејќи пред не многу време, пред само една година, ние кои ви говориме од ова свето место, не бевме во можност личните пријателства да ги прославиме и да им се радуваме на оној начин кој им е соодветен на Христијаните – на Божествената Евхаристија. Како Јона во китот, ние мислевме дека никогаш нема да нѐ озари светлината на Божјата милост, но таа го беше допрела сожаливото, човекољубиво и мудро срце на Сесветиот Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, кој снисходливо ни подаде рака и нѐ зеде во својата татковска прегратка. Поради неговата љубов и трудови ние стоиме овде пред вас и со вас, да му се радуваме заедно на нашиот возљубен брат и неуморен пастир на овој свет остров, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил.

Раздавајќи огнени јазици, Светиот Дух сите ги повика на единство и тоа единство, кое денес се чини дека е највисокиот идеал на Црквата, нешто посакувано, но тешко остварливо – е практично суштина и основа за нејзиното постоење. Тоа слегување на Светиот Дух имало за цел да го обнови повреденото од гревот единство на човековата природа, да го поправи она што беше неминовен резултат на човековата суета, буквално и метафорички претставено преку Вавилонската кула.

Доколку некој не може да замисли како се чувствувале ѕидарите на Вавилонската кула во оној миг кога Духот слегол и им ги измешал јазиците, кога добро познатите лица станале потполни странци, кога устите што дотогаш изговарале зборови на единство станале извор на разногласие – еве, нека погледне во нашево совремие и нека ја види нашата суета, нашето непослушание, нашите малечки кули кои амбициозно сакаат да достигнат до Небото. Концентрирајќи го сиот свој труд кон истакнување на себеси, ние потполно се застранивме еден од друг, станавме заблудени како овци без пастир. Некои од нас, истоверни, дури и истородни браќа, со кои сме јаделе леб заедно, сега станаа потполни странци, зашто го презреа востановеното од века предание на светата Црква. Тие Го отфрлија Духот Божји во своите залудни напори да изградат црква која, наместо Бога, во средината на нивниот култ ќе го има нивниот лик и идолите кои тие си ги изградија. Идолите на моќта, идолите на парите, идолите на нацијата, идолите на политичката држава, идолите на нездравото порамнување, теоретизирањето, мудрувањето и релативизирањето.

Една од жртвите на тоа релативизирање е и еклисиологијата на Светата Црква, која во нашево време е безмилосно повредувана и жртвувана на олтарот на световната моќ и на нацијата, која пак, се основа на граници и поделби кои не се востановени од Бога и од природата, туку од самиот човек, по човечки критериуми. Гледаме како во нашево време, едната соборна Црква е претворена во федерација на независни помесни цркви, кои честопати ќе најдат повеќе нишки на различност, отколку на заедништво. Послушанието, кое постои на секој степен на црковната јерархија, парадоксално престана да важи за нејзиниот највисок степен – на една таква федерација повеќе не ѝ е потребен Првојерарх кој ќе ја координира и обединува. Привилегиите на Вселенскиот Патријарх, востановени и утврдени со каноните на Вселенските собори, надополнети и дообјаснети од врвните Отци на Црквата, им станаа излишни, непотребни и неприфатливи на десетиците мали папи во секој агол на вселената.

Доколку во светот соперништвото може да роди иновативност и да биде корисно за оние кои спорат, доколку спорат доблесно, во Црквата не смее да има непријателство и спротивставени табори, зашто еден е Патот, една е Вистината, еден е Бог и една е Верата. Од житијата на мачениците знаеме дека Бог се сведочи докрај и од житијата на Светите Отци знаеме дека Верата се брани без компромис.

Болките и трудовите на Свети Кирил Александриски за верата биле огромни, а неговата љубов кон Богочовекот и Богомајката ги надминувала неговите човечки сили и го оспособила да стане столб на црковните догми. Но, да забележиме нешто што не е воопшто подробност, туку цела една страна на Кириловиот живот… Бидејќи сите луѓе, па дури и светителите, не се имуни на човечките слабост, така и свети Кирил, поттикнат од својот стрико Теофил Александриски, чисто од лични, а не од догматски причини, хранел голема омраза кон свети Јован Златоуст, Патријархот Константинополски и не сакал да го спомнува, ниту жив, ниту покоен. Но Пресвета Богородица, чија љубов го имала исполнето неговото срце, не сакала нејзиниот верен слуга да загине, туку му се појавила во својата слава, имајќи го Светиот Златоуст од својата десна страна. По ова видение тој се покајал и во продолжение станал еден од најголемите поддржувачи на делото на светиот Патријарх Константинополски.

Затоа, да се помолиме на Богородица и на Светиот Кирил Александриски, да се охрабрат сите срца на оние што од лични и суетни причини не сакаат да го спомнуваат наследникот на Свети Јован Златоуст, бидејќи во својата заблуда тие не сфаќаат дека Првиот престол на Вселената не може да биде одделен, туку само тие да бидат отсечени од него. Нека Бог ни го врати потполно единството на Црквата и да ги собере сите свои чеда заедно.

Уште еднаш би сакал да му се заблагодарам на светиот пастироначалник, Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, за огромната чест што ни ја направи при нашиот престој на ова благословено место, а кое се овенча со ова свето литургиско празнување и повторно да му посакам многу и благословени години!“

На крајот од произнесените духовни и просветителни слова, кои од небото излеаја благодат врз слушателите и „кога го чуја тоа, во срцата им стана мило“ (Дела 2,37), светите архиереи, во духот на љубовта и единството, си подарија архиерејски енколпии во спомен на историското прво сослужување на Имврос, по повод именденот на Имвроскиот Митрополит. Тој, исто така, на Архимандритите од нашата Обител им подари по еден граден архимандритски крст, а на старешинките на двата женски манастири по една икона за молитвен спомен. Нашиот домаќин не изостави во текот на овие два дена, и покрај материјалната оскудност и тешкотиите на тамошната христијанска маченичка заедницата, да приреди богати трпези на љубовта за многубројните монаси, монахињи и верници.

Нека му се многубројни и благословени годините на Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил!

1 COMMENT

  1. Првиот престол на Вселената историски е секако во Ерусалим. Сега, дали Св. Апостол Јаков, братот Господов, на некој начин паѓа во Вашите очи како еден од најмистичните свештенослужители на сите времиња, не е лесно да се опсервира. Но во контекстот кој го поставивте не е ни битно. Ако Св. Цар Константин успеал да му извојува на христијанскиот свет некаков прв Престол, тоа е секако царски, државен (политички) а не свештен престол во строга еклисиолошка смисла. Таквата политичка тврдина за христијанскиот свет Цариград или ако сакате Византија, пред многу векови ја изгубија. Денес Цариград е престолнина на една претежно исламска (макар декларативно секуларна држава). Не верувам дека денес некој и’ ги оспорува историските заслуги на Цариградската Патријаршија низ вековите. Но наследството по автоматизам на тие заслуги е поблиску до Дарвиновата теорија за еволуција одошто на концептот на апостолско преемство. Сите знаеме дека не сите Цариградски Патријарси биле на рамништето на Св. Јован Златоуст. Сериозните приговори за екуменистичките исчекори на Московската Патријаршија на адреса на денешниот Цариградски Патријарх не може да се игнорираат од позиција на историски наследен авторитет и безгрешност. Лично, мојот поглед по тоа прашање се разликува и од забелешките на Московската Патријаршија (чии информации на таа тема не ми се докрај познати, но никако не се осмелувам да ги наречам измислени или недозреани заклучоци) и од Вашите глорифицирачки безрезервни ставови. А тоа што како автор на овој текст го нарекувате “десетици мали папи во секој агол од вселената”, тоа е еклисиологијата на ранохристијанската Црква на првите три векови, кога свеста дека Богочовекот Исус Христос е единствената Глава на Црквата Божја била доволно свежа и витална. Сега некому му треба уште една глава за да може да се потпре на нечија безгрешност (во вид на наследник на Св. Јован Златоуст – дали и Римскиот Папа е наследник на Св. Апостол Петар, кој дури и распишува конкурс за сите богослови на светот на таа тема е друго прашање). Единството по кое копнее авторот на овој текст (и не само тој) е очигледно надворешното, видливото за телесните очи, слободно кажано ‘црковно-политичкото’ единство. За духовно единство може да се зборува само на духовно рамниште, и тоа единство ниту е денес поголемо од пред една деценија ниту е поразнишано. Тоа единство е во рацете на Господ и на срцето на секој човек поединечно, значи неодземливо и неподарливо на ниеден друг начин, освен преку личниот подвиг на секој од живите членови на Црквата како Сеопфатност на Вселената (Думитру Станилое зборува за ова во неговите догматски текстови). Духовното единство претставува еднакво учество во барем приближно истоветен напредок во благодатта (што е широка и комплексна тема за која не може лесно да се разговара ни на синаксис на навистина возвишени подвижници, а камоли на медиум за широки народни маси). Да се зборува на истиот духовен јазик, да се има еднакво рамниште на богопознание (што дури ни тогаш никако не значи идентично откровение во секој миг) тоа е отприлика реалното единство во Светиот Дух. Се’ друго се рамки во кои се воспоставуваат условите за духовен развој на повиканите. Или православен фолклор за тоа чие село е поубаво или поархаично. А цената на црковната дипломатија никогаш не ни била мала; тоа се очекува да му е познато на еден доста смел дипломат каков што е авторот на оваа анализа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Киев: Манастирот „Св. Јона“ оштетен од руски ракети

Манастирската црква на Света Троица во манастирот „Св. Јона“ во Киев претрпе оштетувања поради ноќниот ракетен напад, објави...

Тиктокерка се јавувала по цркви барајќи помош за бебешка храна – каков одговор добила?

Американската тиктокерка Никали Монро веќе неколку недели објавува видеа во кои се јавува на различни цркви со едно...

Немам непријатели, сите ги убив!

Во септември патував за Вашингтон, на покана од фондацијата „Слободна Русија“. Таму се сретнав со американски функционери, аналитичари...

Во Волос се одржал Вториот музички симпозиум на црковни псалтки

Во првите денови од ноември во грчкиот град Волос се одржал Вториот музички симпозиум на тема „Жените и...