Почетна Анализа За значењето на двоглавиот орел
За значењето на двоглавиот орел

За значењето на двоглавиот орел

506
0

Двоглавиот орел е еден од најпрепознатливите симболи на православието денес. Според преданието неговите корени потекнуваат уште од самите почетоци на првото христијанско царство – Ромејското. Имено, кога светиот цар Константин Велики (306-337) ја обединил разединетата Римска империја и станал единствен нејзин господар, го вовел двоглавиот орел како симбол на единството – две глави (Истокот и Западот) во едно тело. Од времето на ромејскиот василевс Исак Комнен (1057-1059) двоглавиот орел се користи и како декоративен мотив на царскиот двор и на церемонијалните одежди на членови од царската фамилија. Овој знак го добива и своето друго значение – го симболизирал единството помеѓу црквата и државата, којашто делувала по принципот на симфонија, согласие помеѓу духовната и световната сфера во христијанското општество.

По заземањето на Константинопол од страна на Латините (1204 г.), двоглавиот орел продолжил да се користи од земјите наследнички на Ромејското царство – Епир, Никеја и Трапезунт. Никејските владетели го користеле како ознака за источните и западните владенија на некогашната пространа империја, а коишто владенија, сакале повторно да ги освојат. Со возобновувањето на Ромејското царство (1261 г.), со константинополскиот трон завладејува династијата на Палеолозите. Под влијание на западната хералдика, оваа царска фамилија го направила двоглавиот орел свој официјален грб, но тој се поистоветувал не само со династијата туку и со целото царство. Притоа, орелот на Палеолозите бил со златно-жолта боја на порфирна позадина (тоа биле бои кои ја означувале царската власт). На средината од орелот била изобразена симпилема (династички монограм), а канџите на орелот биле слободни. Надвор од царската фамилија се употребувал црн орел на златна позадина (орелот бил црн – како сенка на владетелскиот златен орел).

Во подоцнежните векови се појавиле неколку различни изобразенија на двоглавиот орел. Има претстави во кои орелот држи сфера со крст (како ознака на православната екумена) во едната од канџите и меч (симбол за победа и правда) во другата. Се среќаваат и претстави во кои орелот држи скиптар и крст, два меча, или пак, меч и сфера.

Двоглавиот орел од Византија се раширил и во другите земји што духовно и културно се надградувале, црпејќи од неа. Русија го презела двоглавиот орел во времето на Великиот кнез Иван III (1462-1505). Откако кнезот Иван се оженил со византиската принцеза Софија Палеолог, се прогласил себе си за легитимен наследник на ромејските цареви. Московскиот двор бил преуреден по углед на византискиот царски двор; многу работи биле преземени од Византија, вклучително и двоглавиот орел.

И Хабзбуршката монархија го прифатила двоглавиот орел од Ромејското царство, а тука се уште и Бугарија (го користела во врмето на царот Иван Александар (1331-1371)), Србија, Црна Гора.

Ѓорѓи Кастриот, пак, во неговата борба против Османлиите, го зел двоглавиот орел како симбол на православната Византија и го направил свое востаничко знаме. Подоцна, тоа знаме, модифицирано и прилагодено за новосоздадената Албанска држава, станало и официјално знаме на Албанија.

Но, не биле само световните власти кои го преземале двоглавиот орел како државно обележје. Византија била теократска православна монархија, со устројство што претсавувало мирски (земски) образ на небесната хиерархија. Световното и духовното биле тесно поврзани и се надополнувале едно со друго. Оттаму, и двоглавиот орел се јавува како симбол на тоа двојство, но истовремено и на нивното единство. Па, затоа, тој нашироко се користи и во православната црква ширум светот, како еден од симболите на православието и православната држава. И црквите во Македонија не се исклучок од тоа. Кај нас, тукуречи, и да нема постара црква во којашто не се сретнува двоглавиот орел. Таква појава се и двата орли од Бигорскиот манастир. Тие денес се наоѓаат прилепени однадвор, на северо-западниот дел од северниот ѕид на манастирската црква.

Oвие двоглави орли се изобразени во плиток рељеф на две мермерни плочи со правилна шестоаголна форма. И во двата на средината е извајана годината 1795. Наоколу на плочите стојат натписи во коишто се споменуваат имињата на ктиторите на цркавта: игуменот Тарасиј, архиѓаконот Стефан и папуџијата Велјан. Првобитно овие плочи се наоѓале внатре, во црквата – едната, во амвонот под големото кубе, а другата, под малата купола. Служеле за да ја означат годината на изградба или доградба на црквата (станува збор за постарата црквичка на чиешто место, подоцна, во времето на игуменот Митрофан, била подигната денешната голема црква). Обичај било кога ќе се изгради некоја црква, годината на изградба да биде впишана во плоча со двоглав орел. Овој симбол се користел од почит кон традиционално наследство на Ромејското царство. Ваквата постапка била практикувана при изградбата на повеќето храмови, без разлика во кое време и под чија јурисдикција биле изградени.

/Православно секојдневие – Daily Orthodox

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *