Почетна Вести Христијанство Патријархот Кирил му пиша на Архиепископот Стефан
Патријархот Кирил му пиша на Архиепископот Стефан

Патријархот Кирил му пиша на Архиепископот Стефан

418
0

Поглаварот на Руската црква, Патријархот Кирил испратил писмо до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во кое го запознал со одлуката на Синодот на РПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да го впише Поглаварот на МПЦ во диптихот.

Во продолжение целото писмо.

До Неговото Блаженство, Блаженејшиот Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и Митрополит Скопски

Ваше Блаженство, возљубен собрате и сослужителе пред Божјиот престол!

Срдечно Ве поздравувам и Ви благодарам за писмото од 13 јули оваа година, во кое соопштувате за признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и за врачувањето на Томосот за автокефалија, од Светејшиот Патријарх Српски Порфириј на Вашето Блаженство. Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажлив дар!  (2 Кор 9, 15)

Нашата Црква секогаш се стремеше да го поддржува македонското православие, во текот на многу години на сите можни начини, помагајќи го дијалогот помеѓу српските и македонските браќа по вера. Радосно е што сега тие усилби се овенчаа со обновување на општењето меѓу двете Цркви.

Светиот Патријарх Српски Порфириј се обрати до мене со официјално известување за давањето на автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со молба да ја признам таа автокефалност, давајќи им пример и на останатите помесни православни Цркви.

На 25 август оваа година, Светиот синод на Руската Православна Црква, го разгледа посланието на Неговата Светост. Заблагодарувајќи Му на Господа за разрешувањето на статусот на Православната Црква во Северна Македонија на канонска основа, Светиот синод реши да ја признае Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија за сестринска автокефална Црква, и во свештениот Диптих, како Поглавар, да го впише името на Вашето Блаженство.

Соопштувајќи Ви братски за тоа решение, од лицето на Светиот синод и од сета полнота на Руската Православна Црква, се надевам дека Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, цврсто ќе ја чува чистотата и непорочноста на светата православна вера и ќе ја запазува верноста на православното канонско предание.

Уверувајќи го Вашето Блаженство во подготвеноста за развивање на сестрана соработка помеѓу нашите Цркви, молитвено Ви посакуваме телесни и духовни сили и изобилни милости од Господа и многу години поглаварско служење, а на Вашата богољубива паства ‒ мир и благоденствие.

Со братска љубов во Христа Исуса,

+КИРИЛ, ПАТРИЈАРХ МОСКОВСКИ И НА ЦЕЛА РУСИЈА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *