Бугарската православна црква повторно се тресе од скандали откако архимандрит Никанор, игумен на Гигинскиот манастир „Св. св. безсребреници и чудотворци Козма и Дамјан“, остро го нападна патријархот Даниил со обвинувања за изопачување на православната вера, ширење нетрпеливост и омраза, воведување на Црквата во „демонските кремљовски колосеци“, како и за игнорирање на пријави за педофилија.
„Време е т.н. „патријарх Даниил“ да си замине“, смета Никанор, нарекувајќи го патријархот „лакеј на рускиот империјализам“.
„Неговото избирање за патријарх е злосторство против православната вера и народот“
„Вчера, на 27 јули, по телефон ми се јави викарниот епископ на Софиската митрополија за да ми каже дека патријархот Даниил ме повикал да се појавам денеска во 14 часот во Митрополијата. Во врска со тоа, со ова го известувам патријархот Даниил дека ниту денеска во 14 часот, ниту кога било другпат, нема да се појавам во зградата на улица „Калојан“ 7 во Софија, додека тој ја користи. Бог да ги скрати овие денови!“, го започнува својот текст на Фејсбук архимандрит Никанор.
Па продолжува:
„Можеби не сите знаат, но јас никогаш немам поднесено писмена молба да бидам примен во организацијата „Бугарска православна црква“. На 21 јули 2004 година, тешко вооружени луѓе упаднаа во нашиот манастир и со сила нè „приклучија кон канонскиот Синод“. За тоа бугарската држава подоцна беше осудена во Стразбур.
Откако станав дел од структурата на БПЦ-БП, совесно се трудев за нејзиното материјално и духовно добро. Што сум направил и што ќе оставам како мое наследство по мојата смрт, на сите им е познато. Патријархот Даниил нема придонесено ниту една илјадинка од тоа. И сите околу него заедно – исто така.
Уште при неговото избирање за патријарх сакав да ја напуштам БПЦ, бидејќи сметав – и сè уште сметам – дека тоа е особено тешко престапување против православната вера и против бугарскиот народ. Ќе видите дека со текот на времето сите ќе се согласите со мене.
Отидов на разговор со него, но тој ме задржа со лажни ветувања дека заедно ќе работиме за доброто на БПЦ. Речиси веднаш потоа започна прикриена административна војна против мене и против братството на Черногорскиот манастир.
Пред година и половина, како што е предвидено според Уставот, се повлеков од игуменската функција во манастирот за да можам да добијам отпусно писмо од БПЦ и да продолжам да се трудам на Божјата нива на друго место.
Патријархот Даниил ја занемари волјата на манастирското братство и не го почитуваше Уставот на БПЦ.
Оттогаш и ние го презревме него.
Игумените на Дивотинскиот и Бистришкиот манастир добија отпусни писма во рок од 24 часа. Јас чекам речиси 550 пати по 24 часа – ако ова не е дискриминација, што е?
Го потсетувам патријархот Даниил дека црковната дисциплина не се темели на принуда, туку на љубов и духовен авторитет. Поради тоа јас по совест не можам да бидам негов клирик, ниту да покажувам и најмала „послушност“ кон него.“
Обвинувањата
Архимандрит Никанор упатува директни обвинувања кон поглаварот на БПЦ:
„– истиот не докажал несомнено, како што бараат каноните, дека нема поврзаност со убиството на свештеникот Стефан Камберов пред 24 години. Јас не можам да покажувам послушност кон човек обвинуван за соучесништво во убиство;
– истиот повеќепати го оправдувал злосторничкиот руски напад врз Украина, досега не покажал ниту трошка сочувство на дело кон страдалниот украински народ и неговите деца. Откако минатата есен примивме група украински деца во манастирот, бев повикан во Митрополијата и бев казнет со „аргос“ (забрана за служење). Вчера испративме втора група деца и – повторно ме повикуваат во Митрополијата. Случајност? Не мислам така. Јас немам удел со овие луѓе;
– истиот вети, но одби да се сретне со млад човек кој сакаше лично да му сведочи за можни педофилски дејствија во манастир под негово раководство. Јас по совест не можам да имам послушност кон епископи кои одбиваат целосно да ги истражат ваквите пријави;
– истиот, наместо да работи за обединување на нашето општество, за воспоставување дух на трпеливост, сочувство, љубов и мир, охрабрува и учествува во појави кои создаваат нетрпеливост и злонамерна омраза кон цели групи во општеството. За мене тоа е изопачување на православната вера;
– истиот јавно не се откажал од ересите на „рускиот свет“ и „православниот шахидизам“, кои со своите дејствија уште како митрополит покажал дека ги поддржува. Додека јавно не се откаже од овие ереси, јас не можам да го прифатам за православен патријарх и не можам да служам под неговиот омофор;
– истиот го нарече изборот на еден странски претседател „враќање на нормалноста“, но јас не можам да прифатам како нормално да не му се дава поддршка на нападнатиот и послаб народ и да се создаваат нови воени конфликти низ светот. „Нормалното“ за патријарх Даниил не е нормално за мене и затоа не можам да имам ништо заедничко со него и со оние околу него.“
Никанор додава дека овој список, според него, „може да продолжи бесконечно“, бидејќи секојдневно се дополнува.
Тој посочува и на, како што вели, „самоволни вмешувања без соодветна одлука на Светиот Синод“ во работата на државната власт во Бугарија и на независниот суд во Украина.
Според Никанор, „нормално мислечки, психички и морално здрав човек не може истовремено да му служи на Христос и да биде под омофорот на патријарх Даниил“.
Поради тоа, тој наведува дека веќе година и половина чека отпусно писмо од БПЦ.
„Денес Црквата повторно е непријател на својот народ“
„Наместо тоа, Атанас Трендафилов, кој се претставува како „патријарх“, си замислил дека има некаква власт над мене. Е, со ова јавно му порачувам дека нема никаква! Повеќе од тоа. Му давам последна шанса да ми потпише отпусно писмо и да се разделиме живи и здрави.
Не мислете дека мене ми е многу забавно да се занимавам само со неговите глупости. Ако повторно реши да ме „казнува“ и слично, овојпат нема да си играм на црква и ќе го игнорирам.
Побарав сам да си заминам од Черногорскиот манастир – не сакаше. Ако останам, тогаш ќе мора да ме изнесе од таму мртов! Знам дека тој има искуство во овие работи, но мене не ми е страв!“, пишува Никанор.
Во продолжение на својата изјава, архимандритот обвинува дека Црквата повторно станала противник на сопствениот народ и дека работи спротивно на интересите на оние кои материјално ја поддржуваат.
„Ако Бог ме повикал да се обидам да ја зачувам и да ѝ служам на евангелската проповед во Бугарија во благословена „непослушност“ кон Атанас Трендафилов, ќе го следам тој повик одозгора без двоумење!
Уште повеќе што многу наши сонародници престанаа да ги посетуваат храмовите по неговиот „избор“ – а за нив некој треба да се погрижи да не останат без духовна грижа.
Пред 180 години бугарскиот народ започна наизглед безнадежна борба против фанариотството, кое ја претворило Црквата во оружје против бугарството, против неговиот идентитет и народната свест.
Денес, во рацете на Атанас Трендафилов – „патријарх Даниил“, Црквата повторно е непријател на својот народ и работи против интересите на оние кои ја издржуваат материјално, бидејќи е заробена и ставена во „демонските кремљовски колосеци“.
Повторно сме повикани на црковно-народна борба, ако сакаме да имаме вистински православна и вистински народна Црква, онаква за каква се бореле нашите преродбеници, а не жална имитација на Црква – лакеј на рускиот империјализам!“, наведува архимандрит Никанор.

