Пишувајќи го ова, не ѝ се обраќам на душевноста во вас – оти таа кратко трае, туку на духовноста
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Вистински предизвик е да се толкува денешното евангелие; Господ нека ни е на помош во тој обид. Пишувајќи го ова, не ѝ се обраќам на душевноста во вас – оти таа кратко трае, туку на духовноста; не сакам да ја поттикнам сентименталноста, туку духовниот разум во акција.
Прво, „Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството Небесно.“ Ако не се повратиме од насоченоста кон надвор, ако не се повратиме од страшната расеаност на енергијата на нашиот ум, преку сетилата, кон светот и ако не ја насочиме таа енергија молитвено кон нејзината суштина во срцето, нема како да влеземе во Царството Небесно, кое преку светото Крштение го примаме таму; нема како да станеме исцелени и девствени (чисти) како деца.
И ако сето ова треба човек да го дообјасни, ќе му треба цела книга да напише; битно е дека ова е опис на преминот од првиот – очистување на срцето од страстите, во вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот. Друго би било пишувањето за описот на односот дете – родител; за довербата помеѓу нив итн., тоа би нѐ допрело сентиментално, но кратко трае и брзо се заборава.
Второ, „кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во Царството Небесно.“ Со оваа реченица, Богочовекот Христос, го опишува третиот степен од духовниот развој – обожение на целата личност, и на душата и на телото. Ова не ни е баш дадено да го знаеме, но од примерот на Господ, гледаме дека се работи за крајна саможртва и истоштение за спасение на сите, без оглед кој како се однесува кон нас; но, затоа и гледање на светлината на Воскресението, на несоздадената енергија Божја, на логосите на битијата во сите и во сѐ создадено, како и љубовна копнеж: „сите да бидат едно, како Ти Оче што си во Мене и Јас во Тебе“.
И ако ова, човек, треба да го опише, и тоа само во делот – како гледа дека може да го постигне, во смисла на единство и надградба на Телото на Црквата, би требало да си ја опише својата лудост – поради Христос.
Трето, „кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима“. Овде Господ ни говори за духовното раководство. За тоа сум пишувал многупати – нагласувајќи го ставањето на нашиот ум во процес на исцеление преку послушание, сѐ до отворањето на срцето добивањето на дарот на умно-срдечната молитва. Пишував и во минатата беседа: „Кој не ве слуша вас, од Мене се откажува“.
Четврто, „кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина“. Овде Господ ни говори за одговорноста на оние на кои им е некако дадено духовното раководство – преку човек, но за истото – немаат внатрешно духовно покритие – од Бог, и иако во себе, длабоко, го знаат тоа, не наоѓаат сила за покајание. Пред сѐ, во голема мера, за мене си пишувам; признавам.
И петто, „гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец Небесен“. На крај, Господ ни говори – каков треба да биде нашиот однос кон секој човек што Божјата Промисла го внесува во нашиот живот: „кој му направи нешто на еден од овие најмали Мои браќа, Мене ми направил“. И тука нема што да се додаде: „Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното“.
Пресвета Богородице, спаси нас!

