Во сите македонски црковни општини во рамките на Австралиско-сиднејска православна епархија најторжествено и традиционално беше одбележан празникот Водици.
Прославата почна уште во неделата со светите неделни литургии и водоосветувањето по повод празникот Водопост, а продолжи и следниот ден, на самиот празник Богојавление, кога по отслужените Свети Литургии, со литијско чекорење, редици на македонски верници пристигнаа на крајбрежјата, каде што беше извршен Чинот на Големиот водосвет со полагање на чесниот Христов крст, кој од осветените води беше подигнуван од верните.
-И покрај бројните животни искушенија, далечината од татковината и предизвиците на современиот начин на живеење, македонските православни верници во Австралија и натаму ја сведочат својата вера на дело. Со масовното учество на богослужбите, со молитва, пост и активно вклучување во празничните собири, тие покажуваат дека верата не е само наследена традиција, туку жив и дејствителен однос со Бога, кој ги обединува и духовно ги зацврстува. Прославата на Водици уште еднаш потврди дека македонската црковна заедница во Австралија останува цврсто втемелена во православната вера и во духовното наследство на својот народ. Преку зачувувањето на богослужбениот живот, народните обичаи и црковната дисциплина, Македонците во дијаспората ја пренесуваат верата од поколение на поколение, сведочејќи дека и во туѓина може достоинствено и ревносно да се живее православниот христијански живот, велат од епархијата.










