Претседателот на Дирекцијата за верски прашања на Турција, Сафи Арпагуш, е гостин во Македонија. Во средата бил пречекан на официјална средба во Исламската верска заедница во Скопје од поглаварот Шакир Фетаи и членови на Ријасеот на ИВЗ.
ИВЗ соопшти дека оваа средба претставува еден од најзначајните настани во рамките на институционалната соработка меѓу двете верски институции, одразувајќи ги силните историски, духовни и културни врски меѓу двете земји. Посетата на Арпагуш на Скопје е негова прва во ова својство.
За време на средбата се разговараше за продлабочување на соработката во областа на верското образование, размена на искуства меѓу кадрите, како и за заеднички проекти насочени кон унапредување на верскиот живот и негување на вредностите на разбирање и хармонија. Исламската верска заедница на РСМ е особено благодарна за континуираниот придонес што Дирекцијата за верски прашања на Турција го дава во различни области, како и за поддршката од другите државни институции на Република Турција во реализацијата на проекти од посебен интерес за верниците во оваа земја, велат од ИВЗ.
ИВЗ соопшти дека двајцата поглавари разговарале за детали околу Самитот на верските лидери на Балканот, што оваа година ќе се организира токму во Скопје, нагласувајќи дека Скопје претставува значаен центар и на минатото и на сегашноста. Фетаи на средбата потсетик дека Скопје бил вилаетски главен град за време на владеењето на Отоманската Империја, оценувајќи го тоа наследство како мост што ги поврзува народите и културите.
-Од своја страна, проф. д-р Сафи Арпагуш истакна дека секогаш се подготвени да придонесат во секоја сфера на соработка, особено во образованието, овозможувајќи им на студенти од нашата земја да ги продолжат студиите во Турција. Тој ги пренесе и најсрдечните поздрави од турскиот народ, почнувајќи од претседателот Реџеп Таип Ердоган па сè до последниот граѓанин, до пријателскиот и братски албански народ, велат од ИВЗ.
Турскиот верски гостин вечерта одганизирал и Ифтар вечера, на која покрај поглаварот на ИВЗ, гостин бил и претседателот на Совранието, Африм Гаши.

