Десетици верници вчера се собраа пред зградата на Софиската митрополија во центарот на Софија, изразувајќи поддршка за архимандритот Никанор, поранешен игумен на Гигинскиот манастир, кој во последните денови е во отворен конфликт со бугарскиот патријарх Даниил.
Според информациите од Бугарија, патријархот Даниил, кој воедно е и Софиски митрополит, го повикал архимандритот Никанор за да му врачи ревизорски акт. Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија обвинувања, пласирани од кругови блиски до патријархот, дека Никанор не оправдал средства во висина од речиси еден милион евра, наводно добиени за обновата и уредувањето на Гигинскиот манастир.
Архимандритот Никанор ги отфрли овие тврдења со кратка изјава:
„Не може да има неоправдани средства, кога не постои документ дека воопшто се примени пари.“
За време на собирот, поддржувачите на Никанор залепија натпис на вратата од Софиската митрополија со пораката: „Извинете нè, во тек е дерусификација!“. Во околината беше забележано засилено полициско присуство.
Во бугарските црковни кругови се шпекулира дека финансиските обвинувања се дел од обидот да се дискредитира архимандритот Никанор, кој јавно ја поддржува Православната црква на Украина и отворено се спротивставува на, како што тврди, засиленото руско влијание во Бугарската православна црква.
Само пред неколку дена Никанор јавно побара патријархот Даниил да се повлече од патријаршискиот престол, обвинувајќи го дека создава нови поделби во православниот свет.
Случувањата пред Софиската митрополија претставуваат нова ескалација на кризата во Бугарската православна црква, која во последните денови е проследена со меѓусебни обвинувања, јавни реакции и сè поголема поларизација меѓу свештенството и верниците околу односот на Црквата кон Русија и Украина.

