
Монашкото сестринство на манастирот Света Богородица Пречиста се зголемува. Како што расте возбновувањето на овој манастир, така расте и сестринското семејство.
Митрополитот г. Тимотерј и Епископот г.Партениј за Мала Богоридица, отслужија литургија на која беше замонашена новата монахиња Теодосија.
-Божествена благодат бликаше сношти, радост се отсликуваше на сечие лице, трепереше секој поклоник дојден тука во слава и поклонение на Пречистата. И Таа, благодатно присутна меѓу нас, со топла љубов ги исполнуваше срцата на сите поклоници и молители. Сепак, несомнено најсилно таа ја прегрна својата нова монашка рожба, духовно родена и воспитана за монашки подвиг од нашиот Старец, а сега принесена пред светиот олтар под закрилата на старешинката на Обителта, монахиња Харитина. А таму, пред светиот и сечесен олтар, пред тој свештен простор во кој невидливо пребива Самиот Христос и целата небесна Црква, нашата сестра Николина, ги положи возвишените монашки завети и од рацете на нашиот монахољубив архипастир, Високопреосветениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ја прими рамноангелската монашка схима, облекувајќи се во светата облека на доброволното сиромаштво, девственост, послушание и духовна радост. Новопотстрижената сестра Теодосија, вбројувајќи се во ангелскиот монашки ред, го доби славното име на светата Преподобномаченица Теодосија Константинополска, која сега стана нејзина моќна застапница пред Бога. Новата невеста Христова го доби тоа монашко име исто така и во чест на достојно споменуваниот ктитор на денешниот величествен соборен храм на Манастирот, блаженоупокоениот игумен Теодосиј, кој ја изградил оваа црква во 1848 година, велат од Бигорската обител, во чие семејство е и манастирот Пречиста.