Светогорски монах: Руската црква и денес функционира по моделот на Сталин

Date:

Share post:

Игуменот на светогорскиот манастир Есфигмен, архимандрит Вартоломеј, во интервју за LB изјави дека денешната Руска православна црква практично го репродуцирала моделот на односи меѓу Црквата и државата од сталиновата епоха, користејќи го православието како инструмент за политичка контрола и оправдување на војната.

Според архимандритот, по доделувањето на Томосот за автокефалност на Православната црква на Украина во 2018 година, Москва започнала систематска борба против Вселенската патријаршија, претворајќи ја Света Гора Атон во едно од главните средства на таа кампања.

„Првиот чекор на Руската црква беше да го искористи Атон како едно од средствата за борба против Вселенската патријаршија. Тогаш Иларион Волоколамски ги повика руските поклоници да не ја посетуваат Света Гора. А ако сепак отидат – да го посетуваат само манастирот „Св. Пантелејмон““, истакна игуменот.

Во исто време, тој нагласи дека Вселенската патријаршија не одговорила на расколот со исти мерки.

„Ако кај нас дојдат руски поклоници и побараат да се причестат, ние би ги причестиле. Ние не го прекинавме општењето. Вселенскиот патријарх и денес го спомнува патријархот Кирил за време на богослужбите. Тој трпи, чека и не сака да создава уште поголеми проблеми“, рече архимандритот Вартоломеј.

Игуменот е уверен дека Русија ја користи Света Гора не само за поклоништво, туку и за ширење на идеологијата на „рускиот свет“ меѓу православните верници од различни држави.

„Русите ја промовираат својата идеологија преку монасите од манастирот „Св. Пантелејмон“. Таму доаѓаат не само Руси, туку и поклоници од други земји, вклучително и од Украина. Прашањето е што слушаат таму. Токму тука се покажува духот на Руската црква – таа сака да разделува. „Раздели па владеј““, нагласи тој.

Архимандритот се осврна и на долгогодишното руско влијание во Грција, кое, според него, било градено и преку финансиска поддршка и преку историски митови за Русија како „ослободителка“ на православниот свет.

Најостриот дел од неговата оценка беше критиката кон современиот модел на постоење на Руската православна црква.

„Руската црква беше православна црква, а одеднаш почна да го проповеда „рускиот свет“. Зошто? Затоа што власта расипува. Кога ќе добиеш власт, таа веднаш покажува каков човек си“, рече тој.

Според игуменот, денес Руската православна црква практично ја повторува шемата создадена од советскиот диктатор Јосиф Сталин.

„Црквата се поистовети со државата, токму како што беше во времето на Сталин. Сталин ја уништи Црквата, а потоа повторно ја создаде, бидејќи му беше потребна за преку неа да управува со народот. Црквата стана лост, инструмент за контрола врз народот. Истото се случува и денес“, изјави архимандритот.

Тој нагласи дека по децениите на советскиот режим, руското општество сè уште не успеало да се ослободи од тој модел на размислување.

„Настапи целосно поистоветување на државната власт со Црквата. Црквата стана инструмент кој со својот благослов ја прикрива државата, го прикрива она што таа сака да го направи и да го наметне. Тоа може да биде спротивно на совеста на поединечни луѓе. Но, кога Црквата го благословува тоа, секое сомневање исчезнува и човекот почнува да верува дека сето тоа е благословено“, истакна тој.

Според архимандритот, токму затоа духовната одговорност што ја носи раководството на Московската патријаршија за поддршката на војната е многу потешка од каква било судска казна.

„Духовната одговорност што ја носат во Руската православна црква е многу поголема од одговорноста што би им ја определил Хаг или кој било друг суд“, нагласи игуменот.

Сепак, тој не повика на одмазда, туку на молитва за преобраќање и просветлување на оние што носат одлуки.

„Мојата цел, мојата молитва и мојата постојана желба е Бог да ги просветли умовите на луѓето. Не смее во XXI век војните да останат средство за решавање на проблемите. Тоа е спротивно и на човечката логика и на христијанската совест“, заклучи архимандритот Вартоломеј.

/hristianstvo.bg

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img