Митрополитот Иларион (Алфеев) изнесе нови детали за случајот со неговото приведување во Чешка, тврдејќи дека на пакувањата со наркотични супстанции, кои беа пронајдени во неговиот автомобил, не биле откриени негови отпечатоци од прсти, туку единствено отпечатоците на полицискиот службеник кој ги пронашол.
Во интервју за руската агенција РИА Новости, митрополитот го цитираше писмото од својот адвокат, според кое криминалистичкото вештачење не пронашло никакви траги што би укажувале дека тој или другите патници во автомобилот имале контакт со забранетите супстанции.
„На запленетите пакувања, паричникот и банкнотите беа барани отпечатоци од прсти и ДНК-траги, но беа откриени само отпечатоците од полицаецот кој ги пронашол“, изјави Иларион.
Тој посочува дека, според адвокатот, полициската акција била спроведена врз основа на анонимна дојава и дека полицијата однапред знаела кој ќе биде запрен и каде ќе се случи контролата. Дополнително, архиерејот тврди дека за време на претресот него и останатите патници ги одвеле во зградата на бензинската пумпа, така што не присуствувале при пребарувањето на багажникот.
Според адвокатот, полицаецот што го пронашол малиот паричник со две банкноти од по 50 евра и неколку кесички со бел прав, кој подоцна бил идентификуван како наркотична супстанција, не користел заштитни ракавици. Поради тоа, како што тврди одбраната, на предметите останале само неговите отпечатоци од прсти.
Иларион додава дека службеното полициско куче не открило други наркотични супстанции во возилото и дека чешката полиција на крајот ја суспендирала постапката против него и против останатите патници.

