Почетна Анализа Синот на Хамас
Синот на Хамас

Синот на Хамас

529
0

Мосаб Хасан Јусуф, наречен „Зелениот Принц“, е роден на 5ти мај 1978 година во селото Рамала, на 10 километри северно од Ерусалим. Мосаб е Палестинец, кој под името Шин Бед работел тајно за Израелската служба за безбедност во периодот од 1997 до 2007 година.

Шин Бед го сметаат за најдрагоцен извор на информации за Хамас, бидејќи со негова помош се спречени десетици самоубиствени напади и атентати врз Израелци, а откриени се и многу ќелии на терористичката организација Хамас. Мосаб Јусуф му помага на Израел да следи многу членови на терористичката организација, со крајна цел да го стави во затвор и својот сопствен татко, водачот на Хамас – Шеик Хасан Јусуф. Во март 2010 година, тој ја објави својата автобиографија под името „Синот на Хамас“.
Во 1999та година Мосаб Јусуф ја прими христијанската вера, а од 2007та година живее во САД. Барањето за политички азил во САД му беше одобрено во 2010тата година.

Има многу интересни спомени и раскази на самиот автор кој ги навраќаат читателите кон денешните актуелни настани – Синот на Хамас сам ја нарекува оваа група терористичка организација:

– Ми поставија прашање на вториот канал на Германската телевизија: Дали Хамас е терористичка организација? Како може да се одговори на ова прашање? Ние уште ја имаме на себе крвта на илјадници невини луѓе, кои сведочат за нападите на Хамас. Да, Хамас е терористичка организација (…) Хамас беше создаден за да го уништи Израел. Значи Хамас беше создаден за да урива, а не да гради. Јас можам да тврдам, бидејќи имам право да го кажам тоа. Мојот татко Шеик Хасан Јусуф е еден од основачите на организацијата. Моето семејство плати огромна цена. Имаше период кога Хамас беше единствена цел на мојот живот, мој проект, мој бизнис и бизнис на моето семејство. Знам за членовите на Хамас повеќе од било кој друг припадник на таа организација (…) Луѓето таму не можат да ја видат идеолошката компонента. Всушност Хамас е војна на неверниците против Западната цивилизација. Тоа што се случува не е радикален ислам. Јас сум живеел во благоразумно муслиманско семејство.

Татко ми Хасан, бил љубимецот во неговото семејство. Од сосема мал одел со дедо му во џамија. Никој од неговите браќа не се интересирал толку за исламот, како него.

Од дедо ми, кој што бил почитуван во земјата како религиозен водач, татко ми се научил да ги пее муслиманските молитви. Тој имал убав глас и усрдност, на кои луѓето со задоволство му одговарале. Дедо ми се гордеел со него. Кога татко ми наполнил 12 години, дедо ми му рекол:

– Гледам дека многу се интересираш за исламот и сакам да те испратам во Ерусалим за таму да го научиш шеријатскиот закон.
Но татко ми отишол во Ерусалим не само да ја изучува религијата – дедо ми го подготвувал да биде водач. На 18 години, штом ја завршил обуката, татко ми се преместил во Рамала, каде веднаш добил работа како имам во џамијата на стариот град. Исполнет со силна желба да му служи на Алах и на луѓето, тој едвај чекал да започне со работа во тој град, исто како некогаш дедо ми во Ал – Занија.

Но татко ми бил запрепастен кога за прв пат влегол во џамијата и таму видел само петмина возрасни мажи, кои го очекувале. Сите останати биле во кафаните или стриптиз клубовите каде се опивале и играле карти. Дури и човекот којшто требало да ги пее муслиманските молитви седел при вратата на кафаната со микрофон, чиј кабел водел до минарето, за така да си ги исполнува муслиманските задолженија, без да го прекинува  играњето карти.

Срцето на татко ми страдало многу за тие луѓе, но тој не знаел како да допре до нивните души. Дури и оние петмина возрасни мажи рекле дека одат во џамија, најмногу бидејќи знаат дека скоро ќе умрат, па сакаат да отидат на небото. Е тие навистина биле подготвени да го слушаат татко ми, и тој започнал со она што го имал на располагање. Ги водел во молитвата и ги поучувал за Куранот. Набрзо тие искрено го засакале и почнале да велат дека им е испратен ангел од небото. Дедо ми веднаш разбрал дека неговиот син има многу поголеми способности отколку што предвидувал на почетокот, затоа го испратил во Јордан, за таму потемелно да го изучува исламот.

Тогаш во средината на 70те години, организацијата „Муслиманско Братство“ била веќе добро структурирана и ја имала поддршката на народот. Нејзините членови го правеле тоа што татко ми го посакувал во своето срце – ги охрабрувале отстапниците од верата да се вратат во исламот и се труделе да ги одвраќаат луѓето од расипничкото влијание на општеството. Татко ми верувал дека членовите на оваа организација сакале само да ги спасуваат луѓето и да им го подобрат начинот на живот, а не да убиваат и да уриваат. Ете зошто, кога сретнал некој од поранешните водачи на братството, тој си рекол: ‘Да, ова е тоа што го барав’.
Во раните години татко ми го гледал само оној дел на исламот во којшто имало љубов и сострадание. Она што тој не го забележувал и никогаш нема да си дозволи да го види, е другата страна на оваа вера.

Исламот е изграден како скалила: На првото скалило се молитвите и славењето на Алах. Потоа, на погорното скалило, е помошта за сиромасите и оние во невоља, отворањето на училишта, учеството во добротворни акции. Највисокото скалило е џихад.
Тоа скалило е многу високо. Ретко некој да погледне кон она што се наоѓа на врвот од скалите. Патот кон највисокото скалило е бавен, се врви незабележливо, несвесно, како мачка која се прикрадува на птица. Птицата не ги трга очите од мачката, но таа не гледа како со секој нов круг на полет мачката сè повеќе се приближува кон неа и наеднаш во еден миг мачкините канџи се облеваат со крвта на птицата.

Традиционалните муслимани стојат на еден чекор од тоа скалило и живеат со чувство на вина дека не го практикуваат вистинскиот ислам. На самиот врв се фундаменталистите – оние за кои гледаме вести на телевизија, кои убиваат.
Умерените се некаде на средина. Сепак тие се, всушност, поопасни од фундаменталистите, бидејќи изгледаат безопасни и никогаш нема да сетите во кој момент ќе се качат на последното скалило. Поголемиот дел од бомбашите самоубијци започнуваат токму како умерени муслимани.

Во денот кога татко ми стапил на првото скалило, тој немал ни претстава колку ќе биде принуден да се оддалечи од првоначалната идеа, качувајќи се нагоре. И сега, 35 години подоцна, би сакал да го прашам: Се сеќаваш ли од каде започна? Ти ги гледаше сите оние заталкани луѓе, срцето ти страдаше за нив, копнееше да ги приведеш кон Алах и да ги спасиш. А сега што гледаат твоите очи? Атентатори, самоубијци и невина крв. Тоа ли сакаше да го правиш?

Но во нашата култура, не е прифатено децата да зборуваат со своите татковци за такви нешта. И сега тој продолжува да си го врви овој опасен пат.

Постепено „Муслиманското Братство“ од заедница на сиромашни и бегалци се претвори во организација на образовани мажи и жени, бизнисмени, професионалци, кои штедро ги отвораа џебовите за градење на училишта, болници и други добротворни установи. Но во текот на тој развој, претставниците на муслиманските движења решија дека братството треба да се спротивстави на западната и израелска окупација. Татко ми во тоа време веќе бил еден од главните водачи на тоа братство. Во 1986 година, се одржала тајната историска средба во Хеброн, каде собраните се договориле да започнат со обичен граѓански отпор – фрлање на камења и палење на гуми. Целта им била да ги разбудат, обединат и мобилизираат Палестинците, а исто така да им покажат дека треба да се борат за независност под знамето на Алах и исламот. Така се роди Хамас, а татко ми се издигна уште неколку скалила погоре, кон врвот на исламот.

На Хамас му требаше некаков, било каков повод кој што би го оправдал почетокот на востанието. И тој се појави во декември 1987 година кога во Газа беше убиен Шломо Сакал, продавач од Израел, а само неколку дена подоцна четири лица од Газа загинаа во сообраќајна несреќа. Но се разнесоа гласини дека тие биле убиени од Израелците во знак на одмазда. Започнаа безредија. Еден младич фрли молотов коктел и беше застрелан од израелски војник. Народот излезе по улиците, а Хамас застана на кормилото и се претвори во нова воена сила.

Јас растев со идеологијата на Хамас, според плановите на татко ми, кои соодветствуваа со моите желби. Во иднина и јас требаше да се искачам на врвот. Сигурно така и ќе беше, доколку не беше Божјата промисла. Во текот на зимата 1996 година бев уапсен за незаконско поседување на оружје. Неколку седмици ме измачуваа во затворот на израелската воена база. Потоа ме осудија на 16 месеци затвор. Токму во затворот започна да се менува мојот однос кон Хамас. Гледав озлобеност, религиозно слепило, суета за безначајни нешта, кои беа издигнати на ранг на особена духовност. Гледав како службата за внатрешна безбедност на Хамас ги апси во сопствените редови оние кои немаа влијателни роднини ниту врски и организираа срамен суд над божемните „предавници“ измачувајќи ги и убивајќи ги поради измислени обвиненија.

Излегов од затворот потполно збунет. Не можев да сфатам кој е, всушност, вистинскиот непријател на мојот народ: Хамас или Израел. Во својот стремеж да го разрешам внатрешниот личносен конфликт, се пријавив на универзитет, бев примен и по извесно време започнав да градам пријателски односи со Израелците. Набрзо потоа се запознав и со Христијани.
Еднаш, со својот најдобар пријател Џамал, врвевме низ Дамаската порта во Ерусалим, кога наеднаш некој ми се обрати:

– Како се викаш?
Младиот човек кој што ми се обрати, беше на околу 30 години и иако ме прашуваше на арапски, беше очигледно дека не е Арап.
– Се викам Мосаб.
– Каде одиш?
– Си одиме дома, ние сме од Рамала.
– Јас сум од Англија – рече тој и продолжи на англиски.
Потоа, сепак, почна одново да зборува на арапски, но акцентот му беше толку необичен што одвај успеав да сфатам за што станува збор. Најпосле заклучив дека ми зборува нешто за Христијанството и за некаква библиска група која се собира во домот на Здружението на младите Христијани, во западен Ерусалим.

Го знаев тоа место, немав никакви други планови и си реков сигурно ќе биде интересно да научам нешто за Христијанството. Бидејќи веќе имав доста научено од Израелците, зошто и другите „неверници“ да не внесат нешто вредно во мојот живот. И општо земено, момчињата што ми се обратија не изгледаа претенциозно, туку само ме поканија на дружба, не за да ме убедуваат да гласам за Израелците на следните избори.

Таа вечер бевме околу 50 луѓе, најмногу студенти на моја возраст, од различни етнички и религиозни групи. Ми подарија Нов Завет на арапски и англиски. Се запознав со нови луѓе и нова култура. Беше неверојатно! Новиот Завет беше подарок, а во арапската култура кон подароците се однесуваме со многу почит, тие високо се ценат. Затоа решив да ја прочитам таа книга.
Започнав со читање и кога стигнав до Проповедта на Гората си помислив: ‘Гледај ти! Овој Исус навистина бил забележителна личност. Сè што зборувал буди восхит!’ Не можев да се одвојам од книгата. Сè повеќе се убедував дека секој стих отвара длабока рана во мојата душа. Тоа беше многу достапна порака но исполнета со исцелителна сила и на некаков начин ми даваше надеж за душата.

Потоа прочитав: ‘ Сте слушнале дека е кажано: Љубете ги ближните и мразете ги непријателите. Јас пак ви велам љубете ги своите непријатели, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Небесен Отец. Бидејќи тој го остава Своето сонце да грее и над лоши и над добри и праќа дожд и на праведни и на неправедни.’(Мат.5:43-45).

Овие зборови ме поразија како молња. Никогаш претходно немав слушнато нешто слично, но длабоко во душата сфатив дека тоа е посланието по кое сум трагал целиот свој живот. Со години се обидував да сфатам кој се всушност моите непријатели. А сега осознав дека непријателите не се Израелците и не е Хамас, ниту она момче кое во затворот ме удираше со својот автомат, ни оној што ме измачуваше во самицата. Сфатив дека непријателите не се одредуваат според националноста, религијата или бојата на кожата. Сфатив дека сите ние сме подложени на нападите на едни исти непријатели: Алчност, гордост и секаков друг ѓаволски мрак кој живее внатре во нас. А тоа значеше дека можам да ги љубам сите луѓе и единствените мои вистински непријатели се внатре во мене.

Исус вели: Не судете за да не бидете судени. Каква голема разлика помеѓу Него и Алах! Исламскиот бог осудува многу и арапската заедница го следи неговиот пример. А Христос напротив ги прекорил книжниците и фарисеите за нивното лицемерие. Веднаш си спомнав за својот чичко Ибраим како тој еднаш, добил покана за некаква прослава и колку се имаше разгневено зошто не му го оставиле најпочесното место. Како Исус да Му се обраќаше на Ибраим и на секој шеик во исламот.

Апсолутно сè што Христос го кажуваше низ страниците на таа книга, имаше длабока смисла за мене. Не можев да се воздржам и заплакав. Бог ги даде сите одговори на моите прашање, во облик на тој мал Нов Завет.

Продолжив да го читам и да ги посетувам библиските предавања. Започнав да минувам повеќе време со младите од црквата и сфатив дека се насладувам со  нашето пријателство. Ние расудувавме за својот живот, за традициите и верата. Тие секогаш се однесуваа со многу почит кон мојата култура и моето муслиманско наследство. Видов дека можам да бидам она што вистински сум кога сум со нив.

Започнав да размислувам како да го внесам во мојата култура она што го научив, бидејќи ми стана јасно дека не можеме да ја обвинуваме окупацијата за нашите страданија. Проблемот кај нас е многу подлабок од војската и политиката.

Еднаш се прашав: Што би правеле Палестинците, доколку Израел исчезне, доколку сите Евреи ја напуштат Светата Земја и одново се распрснат по светот? И за прв пат во животот го знаев одговорот: Ќе продолжиме да војуваме. Едноставно така. Ќе војуваме со девојчињата без покривало на главите, ќе војуваме за тоа кој е посилен и поважен, кој ги определува правилата на играта и кој да има најдобро место во собранието.

Тоа беше крајот на 1999тата година. Имав 21 година. Оттогаш, животот целосно ми се промени.

/преземено: hristijanstvo.bg

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *