
Една одлична анализа за Руската православна црква, објавена на двери.бг. Како и зошто РПЦ е она што денеска е. Политички инструмент, наместо црковна ерархија.
Целата анализа во продолжение
Пред речиси деведесет години, мајка Марија (Скобцова) со пророчка точност опиша што ќе се случи кога државата ќе престане да ја прогонува црквата во Советскиот Сојуз (Русија) и таму да дојдат вчерашните комсомолци (комунистичка советска младина, заб.).
Изненадувачки е што таа го напиша ова во време кога прогонството на Црквата беше на врвот, а големата репресија допрва почнуваше. Останаа седум години до познатата средба на Сталин со митрополитите, по што прогонуваната Руска црква почна да станува дел од структурата на советската држава.
Меѓутоа, многу пред тоа мајка Марија ја предвиде претстојната промена на државната политика кон Црквата – донации и отстапки. После тоа, во црквата ќе дојдат луѓето кои претходно не беа заинтересирани – многу посебен тип на луѓе: советските граѓани.
Тие се одликуваат со нивната увереност во постоењето на одредена општа линија, збир на „само вистинити“ идеи и ставови кои влијаат на сите аспекти на животот. Тие веруваат во непогрешливоста на раководството, кое единствено има право да диктира ставови за сите поважни и помали работи од животот и секојдневието. А советскиот граѓанин „послушно, за сите прашања, безусловно целосно ги прифаќа сите пропишани позиции“. А ако утре се сменат во спротивна насока, тој веднаш се кае за вчерашните ставови и „безболно го преуредува светогледот во согласност со барањето“ на претпоставените.
Еве што напиша таа:
„Ако во Црквата, која ужива толеранција и признание од советската власт, дојдат нови кадри воспитани од оваа власт, ќе дојдат токму со таква психологија… На почетокот, како многу нетрпеливи и приемчиви слушатели, ќе учат различни гледишта, ќе ги согледаат проблемите, ќе присуствуваат на богослужбите итн.
„Во одреден момент, кога конечно ќе почувствуваат дека се вистински црковни луѓе, поради нивната целосна неподготвеност за антиномско размислување, ќе кажат: ‘Постојат неколку мислења за оваа работа – кое е точно? Затоа што неколку мислења не можат да бидат вистинити во исто време. И ако ова е вистина, тогаш другите мора да бидат уништени како лажговци’.
„Отпрвин ќе прашуваат во Црквата, лесно придавајќи ѝ го својот вообичаен признак на непогрешливост. Но, наскоро тие ќе почнат да зборуваат во името на Црквата, применувајќи го на себе овој признак на непогрешливост. Ако на полето на експанзивниот и неопределен марксистички светоглед горат со страста на ересоманијата и ги уништуваат своите противници, тогаш на полето на православното учење ќе бидат уште поголеми уништувачи на ересите и чувари на православието.
„Карикатурално може да се каже дека ќе бидат казнети за неправилно прекрстување, а за одбивање на исповед ќе бидат протерани во ‘Соловки’. Слободната мисла ќе биде казнета со смрт. Тука не треба да има илузии – во случај на признавање на Црквата во Русија и во случај на зголемување на нејзиниот надворешен успех, таа не може да се потпре на други кадри, освен оние воспитани во некритичкиот, догматски дух на авторитет. А тоа значи – за многу години замрзнување на слободата. Тоа значи нови ’Соловки’, нови затвори и логори за сите кои ја бранат слободата во Црквата. Тоа значи нови прогони и нови маченици и исповедници“.
Мајка Марија направи грешка само во однос на времето: прогонството на Црквата престана непосредно пред распадот на Советската империја. Но, за сè друго беше во право: довчерашните комсомолци ја исполнија Црквата со нетрпеливост, догматизам, формализам и омраза кон сите никулци на слободата на мислата и духот.
И сега живееме во истата црковна реалност, во која и пастирите и паствата на многу начини му се сродни на овој советски систем.
Монахињата предвиде и до што ќе доведе тоа – кога црковниот организам премногу ќе се спои со државниот:
„Државното покровителство полека внесува нецрковни концепти во црковниот живот, го заменува лицето на Христос, ги менува плановите… Црквата се претвора во агенција компромитирана од државните, понекогаш пагански, идеали. Ова труење на црковниот организам оди дотаму што дури и црковните архиереи ја оправдуваат, на пример, смртната казна од гледна точка на христијанството…“.
Како што гледаме, не само што е оправдана смртната казна, туку учеството во војна воопшто е прогласено за висока христијанска доблест. Црковните архиереи и клирици почнуваат да живеат со потполно земни интереси. Тие не го бараат „Царството Божјо и Неговата правда“, туку наклонетоста на властите. И ја „гмечат“ секоја манифестација на слобода. Тие се обидуваат да го доведат Божјиот дух во границите пропишани од претпоставените.
„Би било очајно“, вели мајка Марија, „ако, заедно со овие перспективи, не веруваме дека автентичната Христова вистина е секогаш поврзана со слободата, таа слобода нема целосно да згасне во Црквата до Страшниот суд… И, конечно, најважно, што и да се случи во животот на Црквата – било да е тоа додворување од страна на државата, прогон од безбожниците, искривување на духот на Христовата слобода – ништо не е страшно, бидејќи портите на пеколот нема да ја надвладеат.
„Но, на нашиот пат, нашата исповед, нашиот подвиг и нашиот крст е да ја пренесеме слободната Христова вистина преку сите искушенија“.
Пишува: Свештеник Јоан Бурдин
Извор: Dveri.bg