
Митрополитот Тихон (Шевкунов), кој беше назначен за поглавар на Кримската митрополија, изнесе проштално обраќање пред парохијаните во манастирот Псков-Печерск. Притоа тој иронично го спореди своето преместување на анексираниот Крим со испраќање во „одморалиштата во Колима“. Колима е регион во Сибир, познат по најстрашните работно-поправни логори на советскиот режим – Гулаг, каде што 500 илјади затвореници ја дочекаа својата смрт.
Митрополитот Тихон прави референца помеѓу Колима и неговата нова дестинација на Крим, кој во римскиот и византискиот период бил познато место за заточение (праќање во егзил) на световните и на црковните лица коишто паднале во немилост.
Еве ги зборовите на Митрополитот Тихон:
„Што е Крим? Што бил Крим во античка Грција, во Византија? Колима! Ова е Колима! За нас тоа е Крим, но за нив Херсон беше местото каде луѓето не живееја нормално. Таму биле прогонети Јован Златоуст и папата Климент Римски. Во Колима! Така е и со мене – во одморалиштата на Колима“.
Нема информации од јавен карактер за тоа што ја предизвикало ваквата одлука на московскиот патријарх Кирил, која тешко би била возможна според сегашната реалност во Русија, доколку не била координирана со Кремљ. И во политичкиот и во црковниот живот во земјата во моментов се водат „чистки“ за отстранување на „непријателите со партиска книшка“, што се манифестира со неочекувани отпуштања, прогони и паѓање во немилост на луѓе коишто до тој момент беа блиски до центрите на моќ. Друг сличен пример од последното заседание на синодот на РПЦ е доскорешниот раководител на Одделот за внатрешни работи на Московската патријаршија (висока административна позиција, слично на главниот секретар на Светиот синод), Митрополитот Дионисиј (Парубеус). Пристигнувајќи на седницата на Синодот на 11 октомври, обезбедувањето не му дозволило да влезе во салата со образложение дека „не е на списокот на учесници“, иако бил постојан член на Светиот Синодот. Од прв викар на Московскиот патријарх, тој сега е испратен за митрополит во Омск.
Процесите во црковниот живот во Русија ги следат оние во државниот и јавниот живот, каде што на сите нивоа се наметнува репресивна моќ од еден човек. Црковните канони низ вековите создадоа различни средства за да се спротивстават на неизбежните злоупотреби на моќта, што произлегуваат од сличен развој на настаните како посочените, а еден од нив е забраната епархиските епископи да се префрлаат во други градови (епархии) по нечија одлука – било да е тоа цар, секуларен владетел или патријарх. Меѓутоа, Руската православна црква е исклучок од повеќето локални Цркви и таа не функционира во типичниот „синодален систем“, каде што патријархот е прв меѓу еднаквите митрополити. Во руската црковна практика постои строга вертикала на моќ и патријархот си дозволува да владее сам, да менува митрополити и епископи и сл. по свое наоѓање. Синодалниот систем на црковно владеење, кој функционира и кај нас, е создаден за да се спречи таква концентрација на моќ во рацете на еден архиереј.
Пред неколку дена, Парламентарното собрание на Советот на Европа ја прогласи Руската Федерација за диктатура, односно земја во која повеќе не функционираат демократските институции на општеството, а моќта е концентрирана само во рацете на Путин. Постепеното и долгогодишно занемарување на црковните канони и нивната селективна примена во организацијата на црковниот живот, прави и РПЦ да не е имуна на влијанието на овие световни процеси.
/Двери.бг
Веројатно треба да части што не сум ставиле Новичок во чајот!