Почетна Анализа Руски рулет за МПЦ-ОА со полн револвер
Руски рулет за МПЦ-ОА со полн револвер

Руски рулет за МПЦ-ОА со полн револвер

1.29K
0

Шефот на руската црковна дипломатија, Митрополитот Антониј, ќе слета во Скопје и ќе биде пречекан со високи почести во Архиепископијата во Скопје.

Во Македонија и тоа во исклучително важен период и за МПЦ-ОА, но и за државата, доаѓа вториот човек на Руската Православна Црква, а македонските медиуми, како по обичај, дознаваат од странство. Посета на една таква личност не е нешто што е договорено денеска за утре, па македонската црква немала време да ги извести медиумите. Тоа што веста се чувала во тајност, има само една порака. Јавноста воопшто и не требала да дознае. А што не требало да се дознае? Да не се дознае тоа за што ќе се разговара? Да се договори таен план за некаква тајна стратегија? Што сакале да докријат од МПЦ-ОА?

Тоа што во МПЦ-ОА мислат дека се може да помине само во шест, осум, десет… очи, е сериозен проблем на Црквата во однос на нејзината перцепција за комуникацијата со јавноста. Но, тоа што во Македонија доаѓа еден од највлијателните луѓе во Руската црква, и тоа токму сега, кога руската црква во целокупниот православен свет е таргетирана како стратешки сојузник на воената интервенција во Украина, е сериозен проблем за Македонија.

Но, како по правило, јавноста секогаш дознава. Така и овој пат, дозна, но преку бугарските медиуми. Но, нејсе… За штетите од таквата комуникација со јавноста последиците секој сам си ги сноси.

Сега малку за суштината.

Во Македонската православна црква засега немаат прецизен одговор на клучното прашање пред оваа посета. На чија покана доаѓа шефот на руската црковна дипломатија?

Одговорот на ова прашање треба да ја даде целосната слика за тоа по кој пат тргнала МПЦ-ОА. Ако Митрополитот Антониј доаѓа на самопокана, односно ако нековата посета е на негово барање е една работа, но ако неговата посета е на барање од МПЦ-ОА, тогаш тоа е сосема друга работа. За првата може и да се најде разбирање, за втората ќе се понесува одговорност.

Она што е сосема извесно е дека и по оваа посета во Скопје, многу прашања нема да добијат целосен одговор. Јавноста нема да ја дознае целта на посетата, нема да дознае детали за што е разговарано, но текот на настаните во иднина точно ќе дефинираат што и како било договорено и на чија штета.

Бугарските медиуми пишуваат дека целта на Антониј е да ја придобие МПЦ-ОА на страната на рускиот црковен свет. И не треба да се биде некој голем пророк за да се продре во оваа суштина, бидејќи тоа не е ниту тајна, ниту пак е равенка со две непознати.

Неофицијалните информации велат и дека рускиот црковен дипломат носи договор за пакт со МПЦ-ОА. Ќе нуди некакви гаранции за сеправославен Собор на кој МПЦ-ОА ќе била признаена како автокефална со име „македонска црква“ од сите цркви, а за возврат МПЦ-ОА да ги прекине сите комуникации со Вселенската патријаршија и да одбие каков било Томос издаден од Вартоломеј.

Ако се погледнат разни проруски инсталации, во и околу МПЦ-ОА, кои заговараат слична терорија за наводно решен црковен спор со Томос од СПЦ и признавање од РПЦ, тогаш, ваква евентуална  понуда од рускиот митрополит на маса и не е за неверување.

Принципи и принципи

Но, во контекст на овие случувања, особено пред носење на какви било стратешки одлуки, и во контекст на сегашните ставови и позиции што ги застапуваат Руската и Српската црква, добро е да се потсетиме на ставовите и позициите што Руската и Српската црква ги застапуваа претходно во поглед и на авткефалноста на МПЦ-ОА, но и на името на МПЦ-ОА.

Во некаде 2012 година, сега покојниот шабачки епископ Лаврентиј од СПЦ (кој имаше прилично либерален став кон македонското црковно прашање) ќе изјави дека на МПЦ-ОА треба да и се даде автокефалност. Како одговор на тој став ќе добие едно жестоко јавно писмо потпишано од бачкиот епископ Иринеј Буловиќ, насловено „Quo vadis, Laurentie?“. Писмото е пишувано со такви навредливи зборови за шабачкиот епископ, споредувајќи го неговото познавање од теологија со ниво пониско и на студент од прва година. Главната поента на тој жесток одговор на Иринеј Буловиќ е тезата дека СПЦ не е црквата која што може да дава автокефалност, туку само црква која може да предложи автокефаност. „Вината“ на неговиот брат во Христа била толку голема што тој воопшто се дрзнал да споменува автокефалност за МПЦ-ОА, црква за која Иринеј реди десетици поградни епитетите.  Еве што пишува во тоа писмо:

„Поттикнат од неговата крајно непромислена, несериозна и црковно-канонски неприфатлива изјава дека нашата Црква треба да и додели независност или автокефалност на т.н. Македонска црква. Значи, по лаврентовата логика, еден црковноразбојнички пуч, антисаборски и антисаборен акт на самопрогласување, извршен со активно учество и поддршка на световните, притоа безбожнички и антицрквни власти, треба просто-напросто да се признае: Безаконието треба да се прогласи за законито, расколништвото за црквеност, омразата за љубов, злото за добро. Каде тоа ќе не одведе. (…)  Дали блаженопочинатите патријарси Герман и Павле и толку наши епископи за време на речиси половина век раскол биле во тешки заблуди или во состојба на умствена пореметеност, кога и покрај сите закани на тогашниот режим, заземале одлучен, а канонски единствен можен став кон црковните пучисти и нивните наследици? Дали сите помесни Православни цркви се во заблуда – или „незрели“, како што тоа го велат водачите на расколот во Скопје – затоа што солидарно со СПЦ не ја признаваат самопрогласената автокефалност и одбиваат канонско општење со расколниците? Проблемот да биде уште полош, богословското знаење, особено еклисиолошкото знаење на пречесниот апологет за расколот и расколничките права, е толкаво и толку големо што тој нема поим како со векови се давала и стекнувала автокефалност во Православната црква, а очигледно тој не ни слушнал за современиот, сеправославен консензус по ова прашање. Да слушнал нешто за тоа, ќе знаел дека ниту една помесна црква, сама на себе, не може да даде автокефалност, туку само да предложи сеправославно разгледување за евентуална независност на некои нејзини епархии. Жалам што мојот почитуван постар брат и сослужител не знае – или можеби не сака да го знае? – она што денес секој студент на прва година теологија, па и ученик на Богословија го знае, напиша тогаш Иринеј Буловиќ.

Се она што во 2012 година Буловиќ го напиша за Лаврентиј, десет години подоцна може да го напише сам за себе. На едно такво денешното писмо најсоодветен наслов би бил „ Quo vadis Irineje?“. Но, сосема јасно е дека денеска во СПЦ постојат други интереси, поинакви од „канонските прописи“. Тие интереси денеска ете налагаат токму СПЦ да издава Томос за автокефалност. Логиката вели дека ако нивото на теолошко образование на Лаврентиј, (кој барал СПЦ да признае автокефалност) било на ниво пониско од студент на прва година Телогија, кое е нивото на теолошко образование на оние кои сега издаваат Томос за автокефалност?

Следниот принцип е за Руската Православна Црква. Тоа е црква за која некаде во 2003 или 2004 година, кога веќе СПЦ ја создаде ПОА, како паралелна црква и тврдеше дека црковното прашање е решено во Македонија, МПЦ-ОА побара, преку  нејзиниот тогашен авторитет, Патријархот Алексеј, да биде медијатор во спорот СПЦ-МПЦ. Формално такво нешто не се случи, но неформално руската црква играше една таква посредничка улога.

Како резултат на тоа во 2007 година, на првата Светска верска конференција во Охрид дојде Николај Балашов. Тоа е заменик на одделот за надворешни црковни прашања на Руската црква. Станува збор за исклучително интелегенен човек, црковен дипломат, кој практично е главниот оперативец во тој оддел на Руската црква. Таму е и денеска. Практично шефовите на црковната руска дипломатија се менуваат, тој не. Во 2007 година е заменик на тогаш Митрополитот Кирил, сега Патријарх на РПЦ. По Кирил како шеф на црковната диполоматија доаѓа Иларион Алфеев, а по него од пред шест месеци сегашниот Антониј, кој сега ќе биде во Скопје.

Со Николај Балашов во Охрид во 2007 година снимав интервју. Иако дипломатичен, во тоа интервју тој го црта костурот на идното можно решение на црковниот спор. Особено важен е делот околу именувањето на МПЦ-ОА. Балашов е дециден дека името „Македонска православна црква“ е практично невозможно име за црквата која би требало да добие целосна автокефалност. Затоа тој тогаш за прв пат го нуди решението МПЦ да бара признавање под древното историско име.

Погледнет го делот од интервјуто токму околу името на МПЦ.

Во одговорите на Балашов најважни се две поенти. Првата дека за вистинско решение за автокефалност на МПЦ-ОА е потребно нејзино прифаќање и единство со сите цркви. А за да се случи тоа неопходно е МПЦ да прави компромис со нејзиното име. Тој најбезболен компромис е името Охридска Архиепископија. Иако од тогаш до денеска ништо се нема променето во суштината на црковните правила, денешната позиција на Руската црква е практично водење во спротивен правец од оној што таа тогаш го застапива. Тој спротивен правец практично води во ќорсокак, а како мамка за него се злупотребува токму емотивниот елемент кај македонската црковна јавност.

Но, откако Балашов замина од Македонија, две години подоцна во 2009 година МПЦ врши уставна измена на своето име додавајќи го и името Охридска Архиепископија. Тогаш тоа на јавноста и се продава како причина дека треба да се заштити името затоа што Врнишковски (ПОА) веќе го користи тоа име и да му се оневозможи можна регистрација. Во суштина додавката Охридска Архиепископија беше предлог на Николај Балашов и Руската црква за да се овозможи дојно именување на црквата. Официјалното име Охридска Архиепископија и име кое ќе се користи во комуникацијата со блокот грчки цркви, и име Македонска Православна Црква, за блокот словенски цркви.

Поглаварот на МПЦ на црковно-народниот собор на 12 ноември 2009 година, кога се носи одлуката за промена на уставното име ќе изјави: „Треба да биде јасно дека името на црквата, е самата црква. Нејзината историја и нејзината сегашност и нејзината иднина. Во името на Македонската православна црква е и името Охридска Архиепископија и името Јустинијана Прима. Секој што знае историја не може тоа да го негира, изјави тогаш Архиепископот Стефан.

Девет години подоцна на Црковно-народниот Собор во октомври 2018 година во Калишта, Архиепископот г.г Стефан прави еден поширок осврт на македонското црковно прашње, токму во годината кога се случуваат пресвртници во односите на МПЦ-ОА во православниот свет и кога е веќе покренато барање за апелација пред Вселенската патријаршија.

Во тој говор на Архиепископот, кој е архивиран и во неговата книга на собрани говори и дела, меѓу другото вели:

„…Познати се децениските маки и понижувања од страна на СПЦ. Повеќе пати се сретнуваа комисиите на двете цркви. Постојано ни поставуваа најразлични услови…кога ќе им „завршеа“ барања не упатуваа на Цариград: божем и тие да не признале ќе било сеедно оти Вселенскиот патријарх го имал последниот збор! Ќе отидевме во Цариград и таму ни велеа прво договорете се со Србите, а потоа ние тоа би ги прифатиле! И се така цели 60 години – и никако да се договориме. Во меѓувреме, барајќи излез од ситуацијата, а имајќи предвид дека како црква која последно управувала со епархиите во Република Македонија, а која како и нејзината претходничка дошла со окупаторска војска, ја замоливме Бугарската црква да ни помогне и и се обративме со надеж дека преку Софија ќе се актуелизира нашето прашање и верувам – успеавме во тоа! Веднаш со реакција се јави Белград, се јави Цариград, коментираше Москва… затоа велам успеавме зашто постојано некој од разни страни го спомнува името на нашата црква. Но очигледно времињата се менуваат. Секој си ги рзбира каноните по свое и според потребите си ги пратикува по свое“, ќе рече тогаш Архиепископот г.г. Стефан.

Пет години по тој говор, МПЦ-ОА е на нова пресвртница. Да оди по патот по кој и досега врвеше и да ја заокруж својата историска шанса со целосно нејзино прифаќање во православниот свет, или да го игра рускиот рулет и притоа знаејќи дека револверот е полн.

М.Н.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *