Русија ќе ги учи децата за морална култура во училишта од учебната 2026–2027 година

Date:

Share post:

Од учебната 2026–2027 година во училиштата во Руската Федерација ќе биде воведен нов предмет со наслов „Духовно-морална култура на Русија“. Соодветната одлука на Министерството за просвета е објавена на официјалниот портал за правни информации.

Во подготовката на содржината на новиот предмет учествува митрополитот на Крим, Тихон (Шевкунов), а изработката на методологијата ја реализира Московскиот државен педагошки универзитет.

Предметот ќе се воведува поетапно. Од 1 септември 2026 година ќе го изучуваат учениците од петто одделение, а од учебната 2027–2028 година ќе бидат опфатени и учениците од шесто и седмо одделение. Вкупно се предвидени 85 наставни часа: 17 часа во петто одделение и по 34 часа во шесто и седмо одделение. Новиот предмет се воведува преку намалување на часовите по англиски јазик од три на два неделно, што предизвика реакции во дел јавноста.

Според официјалната документација, целта на курсот е формирање кај учениците на систем на вредности заснован врз „традиционалните руски духовно-морални идеали“, меѓу кои се наведуваат патриотизмот, граѓанската одговорност, служењето на татковината, семејството како сојуз меѓу маж и жена, единството на народите на Русија, историската меморија, творештвото и верата во Бога.

Овие вредности, според програмата, ќе се разработуваат преку запознавање со животот и делото на државни, воени и културни личности, меѓу кои кнезот Александар Невски, поетот Александар Пушкин, космонаутот Јуриј Гагарин и разузнавачот Рихард Зорге.

Посебно место во предметот ќе имаат примери за храброст и пожртвуваноста, вклучително и современи личности. Во програмата се предвидува учениците да се запознаат и со „подвигот на хероите од специјалната воена операција“, како што официјално се именува војната во Украина во руските државни документи.

Во делот „Моралниот идеал на човекот во традиционалните религии“ се вклучени житија на одредени светители, меѓу кои и на великата кнегиња Елисавета Фјодоровна, како и личности претставени како примери на благочестие. Меѓу нив е и протојерејот Михаил Василиев, кој загина во ноември 2022 година во Херсонската област и постхумно беше одликуван.

Новата наставна дисциплина веќе предизвикува јавни дебати околу улогата на религијата во образованието и односот меѓу воспитните содржини, државната политика и современите општествени процеси.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img