Руската држава гони активист за грижа за децата болни од рак за наводно „дискредитирање на армијата“

Date:

Share post:

Против Лида Мониава, основачка на првиот детски хоспис во Москва „Дом со светилник“, е составен административен протокол за „дискредитирање на армијата“. Постапката е покрената врз основа на член 20.3.3, став 1 од Кодексот за административни прекршоци на Руската Федерација, а предметот е доставен до Измајловскиот окружен суд во Москва.

Во изјава за медиумите, Мониава нагласи дека работата на „Дом со светилник“ продолжува непречено и дека фондацијата и понатаму им помага на тешко болните деца.

Лида Мониава е позната јавна личност во Русија, која својот живот го посветила на развојот на палијативната грижа. Нејзиното име е тесно поврзано со христијанската добротворност, а добитничка е на бројни руски и меѓународни признанија за поддршката што им ја дава на неизлечиво болните деца и млади лица. Таа е парохијанка на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Москва.

Родена е на 29 ноември 1987 година во Москва и од 2008 година работи во невладиниот сектор. Кариерата ја започнала во фондацијата „Подари живот“, која помага на деца со онколошки и тешки хематолошки заболувања, а подоцна се приклучила на фондацијата „Вера“, каде ја развивала детската програма за палијативна грижа. Има клучна улога во основањето на детскиот хоспис „Дом со светилник“, чиј заменик-директор станала во 2014 година, а од 2018 година е директор на фондацијата. Во 2022 година основала и втор фонд за помош на бегалци и лица погодени од воени конфликти, кој престанал со работа во септември 2025 година.

„Дом со светилник“ обезбедува поддршка за тешкоболни деца и млади до 30 години, како и за детските хосписи во Москва и Московската област и за хосписот за млади возрасни лица. Во рамките на фондацијата работат повеќе од 400 стручни лица и околу 500 волонтери. Во нејзиниот управен одбор членуваат истакнати културни дејци и свештеникот Алексеј Умински.

Во руската правна практика обвинението за „дискредитирање на армијата“ може да се однесува на јавна критика на војната, повици за мир или објави на социјалните мрежи. При повторно прекршување, случајот може да премине во кривична постапка со можни казни што вклучуваат принудна работа или лишување од слобода.

Според податоците на иницијативата „Христијани против војната“, против десетици духовници на Руската православна црква се водат административни или кривични постапки поради нивните антивоени ставови. Слични случаи се регистрирани и во Белорусија, каде што, како што се наведува, одредени православни свештеници и мирјани биле предмет на државни мерки.

1 COMMENT

  1. Ако човек е посветен на добротворство на дело, нема ни време ни простор да се занимава со политички активизам. Секоја сериозна држава во услови на војна има повисоки критериуми за консолидација под државното знаме, во спротивно победата може да биде поткопана од некои нејзини жители кои впрочем поим немаат од воени стратегии, ни од постигнување позитивни резултати за општеството како целост во тие услови. Раслабувањето на борбениот дух, со тоа и на воените редови не може да биде подвиг на домашните “хуманитарци”, во спротивно нивниот добротворен активизам ќе биде соочен со такви последици од можни загуби, што бројот на луѓето со потреби од туѓа помош и неможноста таа да им биде укажана би биле застратшувачки и за самите тие хуманитарци. Русија фактички одржува прилично демократска атмосфера во своето општество за време на тековната војна против Украина. А бројот на родољубиво население со висока свест и херојски дух во овие услови е секако за восхит.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img