Христијанин кој осудува други, посебно ако тоа го прави јавно, превидувајќи ја предвидената евангелска и црковна судска процедура – е лажен христијанин, и духовник кој го прави истото – е лажен духовник
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Денешното евангелско четиво отвора едно големо прашање: како, токму тие што само го „знаат“ законот и правилата, сакаат да ги убијат и Богочовекот Христос и жената фатена во блуд; и Светиот и грешникот? Како, само „знаењето“ на правилата на Законот, секако прават од човекот убиец? Секогаш, како богоубијци и човекоубијци, се појавуваат истите траги-комични ликови: книжниците, фарисеите и првосвештениците. И, иако цел свет ги гледа како такви, тие себеси – не можат.
Она што не го разбираат овие братоубијци е дека Бог ни ги дал правилата лично и единствено за нас и за наше духовно растење – преку нивното исполнување. Сѐ дотогаш, тие правила немаат и никогаш нема да имаат, ама баш никаква врска со нашите ближни – нам поединечно, ниту ни е дозволено да ги мериме преку нив, ниту ни е дозволено да им судиме и да ги осудуваме преку нив, туку – како што веќе напомнав, преку нив, се проверуваме единствено самите себеси.
По тоа и се познава дека ние самите правилно ги користиме или сме ги исполниле правилата, кога престануваме да ги мериме, судиме или осудуваме другите преку нив; како и кога престануваме да глумиме чувари на правилата, без некој да нѐ постави за тоа – на душевна штета на нашите ближни и на сопствена. Самиот Свет Дух ги одредил и ги чува правилата во Црквата, преку оние што ги исполниле и преку Светите Вселенски Собори.
Оној што го очистил своето срце, преку исполнување на правилата, и што го открил изворот на жива вода внатре во себе – во своето срце, односно, оној што ја активирал благодатта Божја – добиена при Крштението, во своето срце, таквиот престанува да ги суди и осудува другите преку правилата, а, преку својот просветлен ум, истите ги прилагодува и ги користи, согласно силите на своите ближни – за нивно спасение; без формално да ги менува истите. Таквиот човек е свет.
Светиот го ослободува својот ближен од словото на правилата – што убива, и го оживува преку Духот на правилата што му се открил. На пример, ако духовникот не процени колку еден човек може да пости и му ја натовари целата тежина на постот, тој ќе го одбие човекот, наместо да го приближи кон Црквата и Христос. А ако го натовари толку колку што може да носи, човекот самиот ќе побара да го исполни целото правило на постот, откако сам ќе ја стекне силата на постот. И слично.
За разлика од светителите, фарисеите, книжниците и свештениците – и тогашни и денешни, мислат дека е доволно да ги знаат правилата и формално и јавно да ги извршуваат – колку да изгледаат праведни пред луѓето. Тие забораваат дека суштинското неисполнување на правилата од правилата прави идоли – оти можат да ја знаат и чуваат само нивната форма, а нив самите ги претвора во идолопоклоници, кои на своите идоли им ги принесуваат ближните на жртва – прво оние кои ги исполниле и надминале правилата, а потоа и оние кои ги игнорираат и нарушуваат нивните „идоли“; по тоа и ги познаваме. Оти, ако не глумат чувари на правилата, тие немаат ништо, тие се потполно празни, и нивниот живот нема никаква содржина и смисла; тие го немаат Бог во себе.
Токму со неможноста да Го препознаат воплотениот Син Божји – Христос, првосвештениците, книжниците и фарисеите самите за себе сведочат дека својот ум го хранеле само со празно знаење на правилата, но не и своето срце со добрите дела пропишани со правилата, не со исполнување на правилата: „Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет“ (Јован 7, 48–49). Тие никогаш нема да разберат дека за оној што ги исполнил правилата важи само едно двоедно правило, правилото на слободата и љубовта.
Судењето и осудувањето на другите, а истовремено – самооправдувањето, е најголемата пречка за заедница со Светиот Дух Господ. Христијанин кој осудува други, посебно ако тоа го прави јавно, превидувајќи ја предвидената евангелска и црковна судска процедура – е лажен христијанин, и духовник кој го прави истото – е лажен духовник; таквите прават голема штета во Црквата: „Дали нашиот Закон суди човек додека прво не го сослуша и не дознае што прави?“ Духот Божји нема никаква заедница со клеветничките духови на антихристот, а евангелската и црковна процедура се предвидени да го приволат грешникот, пред сѐ на покајание, а не да го анатемисаат и одлачат од Црквата. Еве, денес е Педесетница, Светиот Дух Господ „се чуди“ колку многу вонредно има да се „симнува“ – за да може Црквата да функционира, а колку малку редовно.

