Христијани од различни деноминации во Сибир обединети во служба на бездомните

Date:

Share post:

Од 2020 година наваму, христијани од католички, православни и протестантски заедници во сибирскиот град Краснојарск ги здружуваат своите сили за да организираат секојдневно хранење за бездомните лица. За членовите на овој екуменски тим, меѓу кои и сестрите на милосрдието на Свети Карло Боромео, водечкото начело е: „Милосрдието не е сожалување, туку помош.“

Според податоците на независната истражувачка компанија „Валидата“, во Русија има околу 2,13 милиони бездомни лица, од кои повеќе од 36.000 се наоѓаат во Краснојарскиот крај. Во самиот Краснојарск постои само едно прифатилиште со 33 легла.

Христијанските заедници во градот со години им помагале на бездомните, секоја на свој начин. Од 2020 година тие се обединиле во проектот „Мобилни пунктови за хранење“, со цел секојдневно да обезбедуваат топол оброк за луѓето на улица.

Денес постојат девет постојани пунктови, од кои на две локации оброци се служат секој ден. Распоредот е организиран така што секоја заедница презема одговорност за одредени денови: католиците во понеделник, православните во вторник и четврток, а протестантските заедници во останатите денови од неделата.

Обезбедувањето храна претставува прв чекор кон подлабока помош. Преку оброкот се отвора простор за разговор и поддршка на оние што се наоѓаат во тешки и навидум безизлезни состојби. Христијаните помагаат во обновување на изгубени документи, посредуваат за сместување во прифатилишта или рехабилитациски центри и обезбедуваат лекови, облека и обувки. Во случаи на смрт, погребите на бездомните лица се финансираат со заеднички донации од христијанските заедници.

Многумина пристапиле кон ова служење преку лична средба со човек во неволја. Људмила Самојлова од протестантската заедница „Христијански живот“ се сеќава на бездомник кого го сретнала на автобуска станица во студен зимски ден. Откако видела дека го оттурнуваат од автобусите поради тоа што нема билет, решила да му помогне и да му го плати превозот. Таа вели дека токму таа средба ја поттикнала на подлабока вклученост во помошта на луѓето без покрив над главата.

Веќе пет години сестрите на милосрдието на свети Карло Боромео служат заедно со парохијаните на католичката парохија „Преображение Господово“. Секој придонесува според можностите – некои готват, други донираат, а едно семејство редовно подготвува четириесет кифли неделно за бездомните.

Сестра Летиција Горневович сведочи дека во оваа служба гледа простор каде човекот го среќава човекот, а Божјата милост се пројавува преку конкретна љубов. Во текот на годините се испишани бројни приказни, и тажни и охрабрувачки. Меѓу нив е и приказната за Сергеј, кој бил во тешка состојба, но со помош на заедницата успеал да го обнови својот живот и денес има семејство.

Иван, кој пристигнал во Краснојарск од Норилск и бил ограбен, во миг на очај сакал да си го одземе животот. Случајна средба со бездомен човек го довела до центарот за помош, каде добил храна, сместување и поддршка за обновување на документите. Подоцна успеал да се врати кај своето семејство.

Андреј, пак, велел дека не доаѓа само за храна, туку за разговор и пријателство. Секогаш го земал својот оброк последен и го отстапувал доколку некој задоцнел. Кога се проширила веста дека починал, по еден месец повторно се појавил на пунктот за хранење – токму во текот на Страсната седмица, што присутните го доживеале како симболичен настан.

Неколку пати годишно учесниците во проектот „Мобилни пунктови за хранење“ се собираат на заедничка молитва и разговор, споделувајќи искуства и планови. Тие сведочат дека токму во ваквата конкретна љубов и соработка се надминуваат поделбите и се гради вистинско единство. Како што велат, кога христијаните се обединети во служењето, повеќе нема „ние“ и „тие“, туку постои само едно „ние“ во Христос.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img