Американскиот архиепископ му подари на претседателот крст и го нарече „Втори Константин“, но Трамп никогаш не е втор. Тој секогаш е прв. Патријархот Теофил го надмина архиепископот и го направи претседателот не само витез, туку Голем витез на Редот на крстоносците на Светиот Господов Гроб.
Пишува: Архимандрит Никанор (за hristianstvo.bg)
Меѓу христијаните уште од најраните времиња се поставува и разгледува прашањето за Второто Христово доаѓање и настаните што ќе му претходат, а кои ќе го означат крајот на времињата и настапувањето на есхатонот – преминот на светот од привремениот кон вечниот живот.
Во овие настани исполнети со многу тага и страдања, централно место зазема ликот на лажниот Христос – човекот кој ќе биде прифатен од човештвото, а и самиот ќе се претставува како дојдениот/вратениот Христос – Наместо-Христос (гр. Αντίχριστος) или Антихрист.
Светиот апостол Павле го нарекува „син на погибелта, кој се противи и се издигнува над сè што се нарекува Бог или светиња, така што ќе седне како бог во Божјиот храм, покажувајќи се себеси дека е бог“ (2 Сол. 2:4).
Под „Божји храм“ во ова пророштво вообичаено се подразбира Ерусалимскиот храм, кој во времето на апостолот сè уште постоел и бил во функција – бил разрушен дури во 70 година по Христа при задушувањето на Јудејското востание од страна на Тит.
Поради таа причина, обновувањето на државата Израел, а особено плановите на некои религиозни ентузијасти Храмот повторно да биде изграден, од многумина се сметаат за знаци на „последните времиња“.
Се разбира, можно е и друго толкување, имено дека Антихристот ќе седне на светото место во христијанската Црква на Божјиот Гроб, претворајќи ја во „гнасота на опустошувањето“, но во секој случај акцентот е ставен врз тоа дека настанот ќе се случи во светиот град Ерусалим.
И навистина, овој град како повторно да почнува да зазема сè поважно место во животот на целото човештво – како поради политичките случувања поврзани со него, кои го привлекуваат вниманието на сите и влијаат врз животот на секој од нас, така и поради засилените обиди Ерусалим да земе „историски реванш“ и да ги потисне и Рим и Константинопол (Истанбул) како еден, единствен и обединет центар, а не Стар и Нов, Трет или Четврт Рим.
Еден, единствен и обединет Центар – светиот град Ерусалим.
Тоа навистина би бил одлучувачки чекор кон исполнувањето на древните пророштва.
Да видиме сега кој и зошто придонесува за таков развој на настаните, воден од сопствениот ситен интерес и слеп за пошироката слика.
Двајца се светските лидери кои, по различни и навидум неповрзани причини, ги туркаат работите кон издигнување на Ерусалим над традиционалните верски центри од последните 2.000 години.
Од една страна е оној на кого папата Лав му изгледа премногу нападен, а патријархот Вартоломеј – премногу либерален. А во конкретниот контекст на Светиот град – латинскиот патријарх Пицабала е премногу остар и иритирачки. Тоа природно го насочува изборот кон православниот патријарх Теофил III, кој по една случајност е многу близок роднина на поранешниот директор на ЦИА Џорџ Тенет.
Пред патријархот Теофил се поставуваат многу важни задачи во контекстот на целиот Блиски Исток (и не само таму), или како што овие денови забележа Jerusalem Post:
„Средбата е значајна затоа што ја поставува улогата на Ерусалимскиот патријарх во поширок меѓународен контекст. Честа што му беше укажана на претседателот е поврзана со црквата „Свети Гроб“, но поширокото прашање е улогата на Патријаршијата во заштитата на христијанските заедници, зачувувањето на светите места, како и одржувањето отворени канали за дијалог во време на регионална и меѓународна несигурност“, сподели претставник на патријаршиската канцеларија.
Какви точно се задачите што му се доверени на високиот православен духовник „во поширока смисла“, во врска со „растечкото меѓународно значење на Ерусалимската патријаршија“, не е сосема јасно, но неговите посети на Анкара и Вашингтон без каква било координација и согласување со Вселенската патријаршија, во чиј диоцез несомнено спаѓаат и двете дестинации, како и без да биде известена грчката дипломатија (а Теофил е Грк), неговата победа (со помош на Нетанјаху) во неодамнешниот спор за Синај и очекуваната негова посета не било каде, туку во Москва, зборуваат најмалку за „сериозна поддршка“.
За оние што се способни да размислуваат, кажаното е доволно.
Другиот светски лидер – оној кај кого се очекува Ерусалимскиот патријарх наскоро да гостува, одамна се потпира на Светиот град како на меѓуалка во „повеќепотезната комбинација“ за целосно прекројување на светското Православие според имперско-чекистички идеал. Неговата дворска црква, заедно со државните разузнавачки служби и пропагандните канали што ги контролира (таканаречените „четириилјадници“ низ целиот свет), систематски ја промовираат идејата Ерусалим да стане прва и единствена Мајка Црква на сите Цркви, бидејќи Римската (Ромејската) империја веќе не постои. Притоа и Стариот и Новиот Рим, со своите непопустливи (во првиот случај принципиелно, а во вториот – барем засега неконтролирани) духовни водачи, ќе бидат оттурнати во втор план со постепено згаснувачки функции.
Во оваа фаза „всё идёт по плану“ („сè оди според планот“) и надежите што се положени во патријархот Теофил имаат сериозни шанси да се оправдаат. Неговиот грчко-православен патриотизам е целосно поразен од неговиот универзално-христијански идентитет со помош на сето она што ѝ е добро познато на историјата уште од најдревните времиња…
Патем, вреди да направиме една кратка споредба меѓу наводно еднаквите по чест и достоинство патријарси на Ерусалим и на Бугарија. Патријархот Теофил III, испраќајќи свето миро за крунисувањето, индиректно го помаза за царување кралот Чарлс III, кој од своја страна е поглавар на целата Англиканска црква и ужива во комфорот да се однесува кон американскиот претседател со лежерност својствена за кралска личност кон свој поранешен поданик.
Се разбира, сето тоа е добро обвиткано во традиционалната англиска (но не и континентална) смисла за хумор.
Меѓутоа, монархот помазан со ерусалимско миро не ја сметал посетата на бугарскиот патријарх во неговата кралска престолнина за доволно важен повод за да го откаже ловот на лисици на својот провинциски имот, па духовниот водач на Бугарите бил пречекан од лондонскиот аналог на Трајчо Трајков, во својство на гостин во епархијата на митрополитот Никита од Вселенската патријаршија. Толку за „еднаквоста“ меѓу патријарсите…
Така, гледаме како од причини кои на прв поглед немаат ништо заедничко со есхатологијата, двата најмоќни политички пола на планетата работат синхронизирано за (повторното) враќање на Ерусалим како духовна и цивилизациска престолнина на човештвото.
Кога тоа ќе се случи, човечкиот род ќе биде еден чекор поблиску до настаните за кои зборуваат светите апостоли Павле и Јован Богослов во своите добро познати и доволно подробно протолкувани текстови.
Ќе се запрашате: каква врска има сето ова со нас самите?
Има директна врска. Осознавањето, разбирањето и формулирањето на правилните заклучоци од случувањата ќе ни помогне да разбереме во кое течение и во чие лоно стоиме – дали во навистина традиционалното, светоотечко христијанство со неговите два историски центри – Рим, кој се утврдил уште во епохата на прогоните, и Константинопол, кој својот статус го добил на Вселенските собори, или во новиот, очигледно апостатски и есхатолошки правец, кој се обидува од темел да го преврти илјадагодишниот црковен поредок и Предание, за да му го отвори патот на оној кој „се противи и се воздигнува над сè што се нарекува Бог или светиња“.
„Радувај се, Свет Сионе – Мајко на Црквите и живеалиште Божјо!“
Поучно објаснување кон фотографијата:
Американскиот архиепископ му подари на претседателот крст и го нарече „Втори Константин“, но Трамп никогаш не е втор. Тој секогаш е прв. Патријархот Теофил го надмина архиепископот и го направи претседателот не само витез, туку Голем витез на Редот на крстоносците на Светиот Господов Гроб. Притоа со грамота од Патријаршијата на Светиот и Свештен град Ерусалим, а не од некој што денес не значи ништо во претставите на жителот на Овалната канцеларија. Иако Ерусалимскиот патријарх е носител на одликувања од Израел, од Руската Федерација и од Московската патријаршија, тој не го направил Путин „Голем крстоносец“ и во духот на Анкориџ сега Доналд симболично доминира над Владимир.
Дополнително, по посетата на Вселенскиот патријарх на Белата куќа, подоцна тој му бил претставен на Ердоган од Големиот крстоносец како „претставник на Грчката црква“ кој „бара некакво духовно училиште“, додека патријархот Теофил го покани претседателот во 2030 година (практично по завршувањето на неговиот мандат), по повод 2000 години од Господовото Крштение, да го посети Хашемитското Кралство Јордан на реката Јордан за отворање на Православен универзитет.

