Името на московскиот патријарх Кирил повторно е вклучено во предлогот на Европската Унија за нов пакет санкции против Русија, објави Еуроњуз.
Европската комисија се обиде да воведе санкции против поглаварот на Руската православна црква и во 2022 година, но иницијативата тогаш беше блокирана од Унгарија на Виктор Орбан, која се повика на прашања поврзани со верската слобода.
Според објавата, името на патријархот Кирил е вклучено во новиот пакет мерки што им беше претставен на земјите-членки на Европската Унија во рамките на разговорите за 21-от пакет санкции против Москва.
Индивидуалните санкции вклучуваат замрзнување на имот и забрана за патување на територијата на Европската Унија.
ЕУ повеќепати го обвини патријархот Кирил за јавни изјави кои, според Унијата, ја оправдуваат или поддржуваат војната во Украина.
Посебно се посочуваат текстови и изјави поврзани со ставот на Руската православна црква кон руската инвазија врз Украина.
И покрај повторното појавување на предлогот, дипломатски извори оценуваат дека неговото конечно усвојување не е сигурно, бидејќи воведувањето санкции бара едногласна согласност од сите 27 земји-членки на Европската Унија.
Целта на Брисел е да се постигне договор за новиот пакет санкции до 15 јули.

