
Митрата со охридски бисери главна вест во италијанските медиуми
Веста дека папата Франциск добил митра, рачно изработена од монахињите од манастирот „Свети Георгија-Победоносец“ во Рајчица стана главна тема во италијанските медиуми.
Специфичниот подарок кој претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски му го подари на папата Франциск при аудиенцијата во Ватикан организирана во рамки на одбележувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ ги предизвика медиумите во Италија да објават фотографии од настанот, но и да ги истражат причините за ваквата уникатна идеја на македонската делегација.
Посебни комплименти медиумите дале за раскошната изработка на митрата со охридски бисери, која ја претставиле и како белег на македонската култура и уметничка традиција.
Интересно е што и слободната интернет енциклопедија Википедија веднаш ја ажурирала страната на која е поставен списокот со круните на папата.
Оваа митра монахињите ја изработувале специјално за Папата Франциск. До сега имаат направено околу 700 митри за целиот Православен свет, вклучително и за Вселенскиот, Рускиот, Ерусалимскиот Патријарх.
Иако пред неколку децении со Ватиканскиот Концил беше укинато носењето на вакви митри, сепак, според монахињите од манастирот Рајчица, таа била подарена како израз на почит и еден специфичен украс во спомен на пријателството со нашата земја.
Митрата како што е добро познато е символ на трновиот венец Христов и своевиден потсетник на одговорноста што претстојателот ја носи пред Бога како поглавар на својот народ.
Р.З.