Мериленд ја укина „Оче наш“ од седниците на општината

Date:

Share post:

Окружниот совет на округот Вајкомико во американската сојузна држава Мериленд одлучи да престане со читање на „Оче наш“ на почетокот на своите седници, по добиена жалба од атеистичка правна организација и по препорака на правните служби.

Одлуката ја донел претседателот на Советот, Џон Т. Кенон, откако бил информиран дека федералните судови во Мериленд и Апелациониот суд на Четвртиот округ имаат пресуди против молитви што ги водат избрани функционери. Според правниот совет, секој обид за оспорување на оваа судска практика би значел скапа и долготрајна постапка, со реални шанси само пред Врховниот суд на САД.

Со месеци наназад, Кенон лично ја рецитирал „Оче наш“ на почетокот на официјалните седници, по што следело изведување на заклетвата на знамето. Практиката била оспорена во октомври минатата година, кога организацијата Freedom From Religion Foundation, со седиште во Висконсин, испратила официјална жалба, повикувајќи се на пријава од „загрижен член на заедницата“.

Во жалбата се наведува и конкретен случај од септември 2025 година, кога еден советник читал библиски текст и ги повикал присутните да станат христијани. Организацијата оценила дека молитвата и верското проповедање на владини седници се непотребни, несоодветни и предизвикуваат поделба, додавајќи дека функционерите имаат право на приватна молитва, но не и на верска практика за време на службени обврски финансирани од даночните обврзници.

Одлуката предизвика реакции во локалната власт. Извршната директорка на округот, Џули Џордано, јавно ја критикуваше мерката, оценувајќи дека локалните власти „поклекнале пред една личност на сметка на 104 илјади жители“. Таа изрази став дека не постоела реална опасност од тужба, нагласувајќи дека проблем би имало само доколку граѓаните биле принудени да учествуваат во молитвата, што, според неа, не било случај.

Кенон официјално ја информирал атеистичката организација дека од почетокот на 2026 година „Оче наш“ повеќе нема да биде дел од агендата на седниците на Окружниот совет.

Иако Врховниот суд на САД во 2014 година дозволи христијански молитви на почетокот на локални собранија, таа одлука се однесуваше на молитви што ги изговараат поканети свештени лица, а не директно на избрани функционери, што остава простор за различни правни толкувања на локално ниво

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here