Храмот на Христовиот Гроб во Ерусалим беше затворен од безбедносни причини по иранските ракетни напади врз израелска територија, меѓу кои и врз Светиот Град.
Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари започнаа заеднички воени операции против Иран, по што Техеран возврати со бранови ракети и беспилотни летала кон Израел и американски воени бази на Блискиот Исток. Низ Израел се огласуваа сирени за воздушна опасност, а жителите побараа засолниште.
Поради затворањето на храмот, Ерусалимската патријаршија ja одбележа Неделата на Православието на алтернативна локација. Вечерната богослужба не беше отслужена во hрамот на Христовиот Гроб, како што е вообичаено, туку во Патријаршискиот и манастирски храм „Свети Константин и Елена“.
Со службата началствуваше Патријархот Ерусалимски Теофил III, во сослужение со братството на Светиот Гроб и присутните архиереи.
И Божествената литургија во неделата наутро беше отслужена во храмот „Свети Константин и Елена“. На богослужбата присуствуваа монахињи, мал број верници од Ерусалим и поклоници.
По Литургијата беше извршена литија со светите икони на терасите на централниот манастир, по што беше прочитан Синодиконот – со возглас „Вечен спомен“ за бранителите на светите икони и „Анатема“ за иконоборците и еретиците. Одбележувањето заврши со поворка до Патријаршиската сала и празничен прием.

