Одлуката на Високиот суд во Алахабад, кој има надлежност над сојузната држава Утар Прадеш, внесе нова надеж кај христијанските заедници во Индија. Судот пресуди дека молитвените собири одржани во приватен имот не бараат претходна дозвола од властите, повикувајќи се на член 25 од Уставот на Индија, кој ја гарантира слободата на вероисповед како основно право.
Пресудата се смета за значајна, особено во контекст на зголемени инциденти против христијани во Утар Прадеш. Според податоците на Обединетиот христијански форум (UCF), во изминатите пет години биле регистрирани меѓу 100 и 300 случаи на насилство годишно. Од 2014 година, кога на власт дојде националистичката партија Баратија Џаната, во државата се евидентирани вкупно 1.317 инциденти — повеќе од која било друга индиска сојузна држава. Организацијата предупредува дека реалната бројка може да биде и повисока, бидејќи податоците се темелат на самоизвештаи на жртвите.
Дел од правните експерти ја оценија пресудата како „предупредување против произволни полициски постапки“, додека други повикаа на претпазлив оптимизам, укажувајќи дека спроведувањето на одлуката и ограничувањето на самоволни групи останува сериозен предизвик.
Главната загриженост на христијанските заедници, сепак, се однесува на т.н. антикoнверзиски закони, познати како „Закони за слобода на религија“, кои се во сила во 12 сојузни држави, од кои девет се управувани од партијата на власт. Овие закони предвидуваат кривична одговорност за верска конверзија што се смета за присилна, измамничка или поттикната со „награда“ или „примамување“.
Според законските одредби, лицето што сака да ја промени верата мора 60 дена однапред да поднесе изјава до локалните власти. Полицијата потоа спроведува истрага за околностите на конверзијата, а по нејзиното извршување следува и дополнителна пријава. Законот го префрла товарот на доказ врз обвинетиот, кој мора да докаже дека конверзијата не била присилна или измамничка.
Во истата недела кога беше донесена пресудата во Алахабад, Врховниот суд на Индија испрати известувања до централната влада и 12 сојузни држави, барајќи одговор по поднесена петиција од Националниот совет на цркви, кој тврди дека антикoнверзиските закони ги повредуваат основните уставни права.
Иако стапката на осудителни пресуди е исклучително ниска — во Утар Прадеш само четири од 835 регистрирани случаи меѓу ноември 2020 и јули 2024 завршиле со осуда — бројот на апсења е висок. Во истиот период биле извршени 1.682 апсења по обвинение за незаконска конверзија.
Христијанските лидери тврдат дека овие закони служат како средство за заплашување и создавање правна несигурност. Во некои сојузни држави, свештеници и верници организираат молитвени собири со свесност дека можат да бидат приведени. Дури и семејни прослави со молитва понекогаш доведуваат до полициски интервенции.
И покрај тоа, според локални пастори, нови верници продолжуваат да се приклучуваат на христијанските заедници, особено преку домашни цркви.
„Постои вистински страв меѓу христијаните“, изјави Вијеш Лал, генерален секретар на Евангелската алијанса на Индија. „Но верата продолжува. Црквите продолжуваат. Нашиот став не е конфронтациски, туку уставен. Не бараме привилегии, туку еднаква заштита според законот.“

