Еден комерцијален радио оглас на Радио Кочани беше причина цела Брегалничка епархија да се дигне на нозе и јавно да се огради од најавите за одржување на некаков проруски собор во дворот на неизградената црква во село Блатец – Виничко, закажан за утре во 18 часот.
Брегалничката епархија, преку свои свештеници уште во четвртокот вечерта преку Фејсбук се огради и не го благослови овој собор, давајќи им до знаење на верниците дека таа и МПЦ-ОА не стоијат зад тоа.
Ставот го објави епархискиот намесник отец Димитар Арсовски, а набргу неговата објава на социјалните мрежи ја презедоа и останати профили блиски до Брегалничката епархија. Отец Димитар наведе дека собирот „не е под покровителство на Црквата, и е без знаење и благослов на нашиот надлежен епископ“.
–Со самото тоа се оградуваме од каква било поврзаност со истиот. Исто така, храмот каде што е закажан собирот е во изградба и не е адекватно место за вакви собири. Црквата го демантира и не го одобрува овој собир бидејќи е без нејзино знаење. Црквата е македонска и му припаѓа на народот Божји од Блатец и на сите луѓе, а е под управа на МПЦ-ОА Брегалничка епархија – се нагласува во објавата.
Вчера пак јавна осуда и дистанцирање од овој настан изрази и лично митрополитот Брегалнички, Иларион. Тој во изјава за дневниот весник Вечер вели дека собирот воопшто не им бил пријавен дека ќе се одржи, иако тоа е потребно. И МВР не добило пријава за одржување на собирот.
–Овој собир го сметаме за провокативен и нема да дозволиме тој да се одржи пред и во кругот на храмот. Како Црква и како Епархија, не го поддржуваме и не стоиме зад него. Таму и онака нема услови за тоа бидејќи не е завршен и со тоа не е безбеден. Но, не сакаме и да дозволиме собири со таква димензија. Дворот на црквата не е место за такви разговори. Ние како Црква не сакаме да заземаме никакви страни. Сакаме соработка со сите, но тоа не се прави на ваков начин – изјави надлежниот брегалнички митрополит, Иларион, за весникот ВЕЧЕР.
Засега се уште никој не знае кој го организира овој Собор. Во редакцијата на Радио Кочани, како што изјавиле за Вечер, дошол човек кој уредно платил за емитување на комерцијален оглас. Текстот на тој оглас гласи: „Се повикуваат граѓаните на Општина Виница и на Општина Кочани, нека повелат на сенароден собир и на разговор околу македонско-руското пријателство, православната поврзаност и иднината на Република Македонија со оглед на сегашната состојба, определба и правец во кој се движи народот и здравата Македонија. Собирот ќе се одржи пред руската православна црква во село Блатец, на ден 14. 06. 2026 година во 18 часот“.
Реакцијата на Брегалничката епархија доаѓа, веројатно откако ја слушнале објавата на Радио Кочани и бидејќи не биле информирани решиле да реагираат.
Реакцијата на Брегалничката епархија би била исправна, доколку самата епархија и самата МПЦ-ОА има изграден здрав став за тоа дека Руската црква и Русија изминативе речиси пет години врши сериозно влијание врз црковната јавност, моделирајќи ја анти ЕУ и анти НАТО, и создава црковна јавност која станува се погласна во одбраната на рускиот црковен наратив. Но бидејќи Брегалничката епархија во јавноста досега не демонстрирала каков било отпор кон руското црковно влијание во МПЦ-ОА, тогаш навистина е изненадувачки овој нејзин став.
Дополнително ако се разгледаат профилите на социјалните мрежи, кои го лиферуваат ставот на Брегалничката епархија дека е против овој собор, тогаш парадоксот е уште поголем, бидејќи лесно може да се заклучи дека голем дел од тие профили се дел од шемата за растурање на руско влијание во црковната јавност во Македонија, бидејќи само еден или два поста претходно има глорификација и величање на руското православие како спас за светот.
Дополнително, реакцијата на Брегалничката епархија би била за поздравување и ако на идентичен начин посочи на пример дека црковниот портал на МПЦ-ОА е извор на руското црковно влијание во црковната јавност и за да има кредибилитет ставот дека „Ние како Црква не сакаме да заземаме никакви страни. Сакаме соработка со сите,“, да посочи дека тоа што го прави црковниот портал „тоа не се прави на ваков начин“.
Значи да заклучиме. Причината за паниката од некаков мистериозен собор во Блатец, каде ќе се шири руско влијание врз верниците не треба да ја бараме во тоа што Брегалничката епархија не сака на нејзината територија да се шири вакво влијание, туку во аматеризмот на мистериозните организатори, кои не го поканиле владиката на овој настан. Да имаше уредна покана, сосема извесно е дека за настанот ќе известеше и црковниот портал на МПЦ-ОА, кој до овој момент не го пренесе соопштението на Брегалничката епархија.

