Традициите (71%), историјата (69%) и бугарскиот јазик (57%) се најсилните обединувачки фактори за бугарското општество, покажува најновото социолошко истражување на агенцијата „Тренд“, спроведено за весникот „24 часа“.
Анкетата е реализирана во периодот од 12 до 18 февруари 2026 година, преку директно полустандаризирано интервју „лице в лице“, врз примерок од 1001 лице постаро од 18 години.
Според резултатите, фолклорот е обединувачки фактор за 33% од испитаниците, додека православното христијанство го посочуваат само 18% од анкетираните. Во анализата се наведува дека овој податок доаѓа по повеќегодишна јавна кампања поврзана со „традиционалните вредности“.
Во однос на прашањето дали бугарската култура и идентитет се загрозени, 60% од испитаниците сметаат дека постои одредено ниво на закана. Од нив, 42% оценуваат дека културата е „повеќе загрозена“, додека 18% сметаат дека е „силно загрозена“.
Две третини од Бугарите изјавуваат дека најсилно ја чувствуваат поврзаноста со националната култура за време на националните празници. За 54% од испитаниците чувството на припадност е најизразено токму кон сопствената култура, а за 50% тоа се манифестира преку музиката, ората и фолклорот.
Кога станува збор за иднината, повеќето Бугари очекуваат дека по 20 години културата ќе се зачува во одредена форма. Петнаесет проценти сметаат дека таа ќе биде зачувана и дополнително развиена, 37% дека ќе се адаптира кон нови форми но ќе остане препознатлива, додека 19% прогнозираат дека ќе се изгуби под влијание на глобализацијата. Уште 15% веруваат дека ќе опстане само во помали заедници.
На прашањето „Како лично се самоопределувате?“, 83% од испитаниците одговараат „Бугарин“, 9% „Европеец“, 4% „Балканец“, а 3% „граѓанин на светот“. Според агенцијата, податоците јасно укажуваат на доминантна национална идентичност.
Кога станува збор за припадност, 47% од анкетираните се чувствуваат најповрзани со Бугарија како држава, 30% со својот град или село, 12% со регионот, а 7% со Европа. Локалната идентичност е поизразена кај жителите на помалите населени места.
Истражувањето укажува дека Бугарите најмногу го поврзуваат својот идентитет со традицијата, културата и историјата, додека улогата на Црквата како обединувачки фактор е значително поограничена.

