Санкциите за патријархот Кирил би можеле да го засилат евроскептицизмот и да создадат простор за антиевропска реторика во Бугарија, предупреди бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во интервју за Еуроњус, објаснувајќи зошто Софија побарала рускиот верски поглавар да биде отстранет од предложениот 21. пакет санкции на Европската Унија против Русија.
Петрова-Чамова изјави дека европските санкции треба да предизвикуваат реални економски и финансиски последици за Москва, наместо да останат мерки со претежно симболично значење. Според неа, санкционирањето на поглаварот на Руската православна црква во православна земја како Бугарија може да биде искористено за ширење на пораки дека Европската Унија дејствува против православието.
Бугарија поради тоа силно се спротивставила на предлогот патријархот Кирил да биде ставен на европската санкциска листа. Неговото име било отстрането од нацрт-пакетот за време на разговорите меѓу амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Бугарската министерка оцени дека ваквите симболични санкции, доколку немаат конкретно влијание врз руската економија, може да создадат поволна средина за антиевропските политички и пропагандни структури во земјата. Таа изрази задоволство што името на Кирил на крајот било отстрането од предлогот.
Патријархот Кирил е еден од најгласните верски поддржувачи на руската инвазија врз Украина. Тој војната ја опишува како борба со духовно и цивилизациско значење, а неговите јавни настапи се користат за оправдување на политиката на рускиот претседател Владимир Путин.
Критичарите го обвинуваат Кирил дека го користи својот верски авторитет за да ја легитимира руската агресија и насилството врз украинските цивили. Поради тоа, Европската комисија предложила тој да биде дел од новиот пакет рестриктивни мерки.
Бугарската и Руската православна црква се самостојни цркви со различни патријарси, но ги поврзуваат историски, културни и верски врски. Токму овие односи, според Софија, ја прават темата политички чувствителна и лесно подложна на манипулации насочени против Европската Унија.
Предложениот 21. пакет санкции е насочен кон секторите кои обезбедуваат приходи и ресурси за руската воена машинерија, меѓу кои енергетиката, финансиските услуги, криптовалутите и трговијата. Во моментот на интервјуто, земјите членки сè уште преговараа за неговата конечна содржина.
/рацин.мк


Бандеритите го прогонуваат руското Православие од 2014 г. наваму. Агитацијата против чествувањето на руските Светители во Украина е подигната до степен на непишана забрана. Се отвараат дури и гробови на прочуени руски духовници на украинско тло, заради бесчестење на моштите. Ова не е мое сведоштво, не е само сведоштво на православни Руси туку и на очевидци од Запад. Германскиот блогер Конрад Франц има долга патеписна репортажа од својот неодамнешен престој во Донбас. Тој е православен христијанин, можеби и неговиот духовен отец е со руски корени. Но, тоа не значи дека тој ќе лаже за нештата што ги видел и доживеал за време на неговото поклоничко патување по храмовите и манастирите во воената зона на руско-украинскиот конфликт.
Да се тргне против чествувањето на канонизираните руски светители значи да се влезе во војна против Црквата во Торжество. Да се прогласуваат руските светители за империјални, за непријатели на Украина, како начин да се зајакне украинскиот национален идентитет е исто така војна против Црквата во Торжество. Тоа е отворена борба против целото Православие, не само против руското. Русија му дала илјадници Светители на човештвото. Некои од нив се омилени чудотворци, молитвени застапници, небесни покровители на огромен број христијани на сите меридијани во сите векови од нивното јавување до денес. Со нивната бесконечна љубов и милостивост тие и ќе го сотрат украинското зло. А оние чии лажливи усти свесно дрдореа за некаква злонамерност и ерес на Руската Православна Црква ќе останат посрамени и со празни раце.
Св. старец Зосим Донбаски одамна го беше предвидел прогонството што ќе го доживеат руските православни христијани во тие краеви од бандеритите и дал насоки за посебна изградба на манастирскиот храм, со можности да одолее на насилните напади и да им пружи засолниште на неговите духовни чеда.
А слугите на кнезот на овој свет почнаа да се повикуваат на украински разузнавачки служби како извор и критериум на сведоштва за честа на руското Православие.
Не сакам ни да помислам што би било кога во Македонија би се забранувало чествувањето на грчки светители на пр., или да се забранувало чествувањето на српските светители кога своевремено постоеше спорот меѓу двете Помесни Цркви. А камоли да се репресираат домашни слави, насилно да се преименуваат црковни храмови и што ти не. Црквата во Торжество е простор на неодземлива слобода. Таму е блаженството на миротворците не како минато, туку како непрекинат и нераслаблив потенцијал на измирување на народите, на раскараните, на завојуваните итн. Ако некој ги принудува луѓето да заборават на Нејзините можности дарувани на секој човек кој се родил во светот, а вели дека се бори за чистотата на Православието, или за добробит на човештвото, слободни сте да ја разгласувате неговата мизерија, но ако ја пофалите нема да ви веруваат.
Каква е црковната организација којашто доби Томос за автокефалност од Цариградскиот Патријарх си знае тој самиот. Неговата очигледна идеја е нејзината врхушка (која до денес не успеала да даде монаси) еден ден да и’ шефува на Украинската Православна Црква за, цитирам, “да се чуе украинскиот православен глас” (до неодамна огранок на Московската Патријаршија во Украина), која не само што има многумилионско стадо во Украина, не само што има непрекинато монашко наследство туку и дала прочуени, големи Светители, во земја во која процентот на руското население не е мал. Ако вака звучи тој украински оравославен глас, ич да не се чуеше.
Нека даде Украина, односно нејзината насилно промовирана Црква, Светители, па нека шират украинско влијание во светот. Очигледно бандеритите веруваат дека украински Светители досега немало или дека никој не ги чествува. Не верувам дека тоа е вистина. Вистината по се’ изгледа е дека една духовно неписмена клика се обидува на свој начин да го озакони своето безаконие, и дека пет пари не дава за никаква и ничија светост. На православните, па и на сите останати христијани, е да се клонат од тоа безаконие и да ја градат својата духовна тврдина на каменот на искреното богољубие.