На 73-годишна возраст, во Џилонг, Австралија, ненадејно почина протојерејот-ставрофор Чедомир Илиевски, долгогодишен парохиски свештеник на Македонската православна црковна општина „Свети Јован Крстител“ во Џилонг и еден од најистакнатите свештеници на Австралиско-сиднејската епархија.
Повеќе од четири децении отец Чедомир му служеше на Бога, на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на македонскиот народ во Австралија, оставајќи длабока трага во духовниот живот на македонската дијаспора.
Покрај својата пастирска служба, тој активно учествуваше и во работата на епархиските тела. Беше член на Црковно-просветниот совет, член на Уредничкиот одбор на епархиското гласило „Православие“ и делегат на Епархиското собрание, давајќи значаен придонес во развојот и мисијата на Австралиско-сиднејската епархија.
-Веста за неговото упокојување со голема тага беше примена од свештенството, монаштвото и верниот народ низ Австралија. Во соопштението на Австралиско-сиднејската епархија и на Македонската православна црковна општина „Свети Јован Крстител“ во Џилонг се истакнува неговата долгогодишна, пожртвувана и несебична служба.
-Почивај во мир, високопречесен оче Чедо. Вечен ти спомен и Царство Небесно за твојата долгогодишна и посветена служба на Црквата и на нашиот верен народ. Твојот лик и пастирски труд ќе останат засекогаш врежани во срцата на сите верници кои во тебе гледаа духовна поткрепа и вистински пример за свештенослужител“, се наведува во соопштението на епархијата.
Од Епархијата информираат дека погребението ќе се изврши во среда, 29 јули 2026 година, со почеток во 10:30 часот, а богослужбата ќе ја предводат повеќе свештенослужители од Австралиско-сиднејската епархија.
По повод неговото упокојување, бројни македонски православни црковни општини низ Австралија испратија телеграми со сочувство до семејството на отец Чедомир Илиевски, до неговите најблиски, свештенството и верниците од Џилонг.
Со заминувањето на отец Чедомир Илиевски, Македонската православна црква во Австралија загуби свештеник кој повеќе од четириесет години беше духовен отец на генерации Македонци, посветено работејќи на зачувување на православната вера, македонскиот идентитет и единството на црковната заедница. Вечен му спомен! Царство Небесно!

