Апсурдни се одлуките на владиката Петар, реакција на Македонците од Австралија

Date:

Share post:

Апсурдно е повторно да се вршат крштавки, венчавки и погреби во Австралиско-сиднејската епархија бидејќи биле правени според сите црковни канони за време на управувањето на починатиот владика, Тимотеј. Ваква реакција доаѓа од македонските иселеници од најмладата, втората епархија на МПЦ-ОА, откако на неодамнешното Епархиско собрание на првата Австралиско-новозеландската епархија било упатено барање до Светиот синод на МПЦ-ОА тие црковни треби да мора повторно да се извршат бидејќи ги направиле осудени и расчинети свештеници, пишува дневниот вескик Вечер.

Религија.мк, вее објави дека на Собранието на Австралиско-новозеландската епархија одржано на 12 јануари и на кое доскорешниот администратор, владиката Петар, се прости од Епархијата, беше усвоено ваквото барање.

– Епархиското собрание бара САС на МПЦ-ОА целосно да ги спроведе своите донесени одлуки и ставови за извршените треби од расчинетите свештеници, кои се невалидни, при што се дава рок од 6 месеци за верниците да се обратат кај легитимните свештеници, за повторно извршување на требите, но со соодветна такса, согласно со таксеникот за треби, стои во одлуката на епархиското собрание на Австралиско-новозеландската епархија.

Освен ова, Епархиското собрание бара Светиот синод на МПЦ-ОА да донесе одлука со која сите расчинети лица да бидат третирани исклучиво како мирски лица.

– А екскомуницираните мирски лица Ицо Најдовски и Игор Аврамовски да се третираат само како неверници, и ним да не им се дозволува прием и комуникација со архиереите и свештените лица на МПЦ-ОА – стои во одлуката.

-Ваквите епархиски одлуки кои се донесени на крајот на управувањето на владиката Петар, очигледно, имаат корен во судирите и кавгите, кои сè до 2015 година ја потресуваат дотогаш единствената Австралиско-новозеландска еперхија на МПЦ-ОА. Познато е, повеќе македонски црковни општини тогаш дојдоа во конфликт со него бидејќи не сакаа да дозволат тој да стане управител и со општински имоти. По дведецениските кавги, Синодот на МПЦ-ОА во 2016 година донесе одлука со која го прифати Статутот на новоформираната Австралиско – сиднејска епархија и за чиј администратор го постави митрополитот Тимотеј. Потоа, на 23 февруари 2017 година, беше регистрирана  епархијата како правно лице пред австралиските власти и признаена како Црква и со што тие верски храмови си продолжија со уреден верски живот извршувајќи ги сите потребни венчавки и крштавки. Односно, со тоа настрана се тргнаа сите одлуки за расчинувања и забрани изрекувани на свештените лица во периодот на кавгите од органите на Австралиско-новозеландската епархија и владиката Петар, пишува весникот Вечер.

Игор Аврамовски и Ицо Најдовски, за кои владиката Петар и натаму бара да бидат третирани како екскомуницирани, за весникот ВЕЧЕР изјавуваат дека се апсурдни барањата за повторни венчавки, крштавки и погреби.

– Тоа е апсурдно барање, но тоа не е ништо ново од владиката Петар. Таквите одлуки за мене се очекувани, но се и антихристијански. Зарем е возможно да се прекрстуваат, превенчаваат и да се препогребуваат? Зарем е нормално ова, зарем е Христово учење. Ако го прифатиме „учењето” на Петар, тогаш широко се отвораат вратите на СПЦ, БПЦ и ГПЦ да побараат сѐ што е крстено, венчано и погребано во Македонија да се прогласи за еретичко и антихристово оти чиновите биле направени од расколници владици и свештеници кои не се признати и денес – наведува Ицо Најдовски.

За Игор Аврамовски, барањето е апсурдно и неприфатливо и од причина што владиката Петар воопшто не е надлежен за нивната епархија.

– Тој и неговиот наследник немаа ама баш никаква јурисдикција да одлучуваат за што било во црквите на регистрираната Австралиско-сиднејска епархија. Во 2016, по првпат во историјата на МПЦ регистриравме епархија како правно лице во дијаспората, на чело со дедо Тимотеј, со благослов од Синодот. Сите наши сегашни свештеници се одобрени од дедо Тимотеј. Ако, пак, Синодот го погази тоа што го прифатил/ветил, овој пат самостојна задгранична црква ќе биде трајно решение за нас – предупредува Аврамовски.

Тие додаваат дека и покрај екскомуникацијата изречена од владиката Петар, тие редовно одат во црквите во својата епархија во Австралија и во Македонија.

–Јас редовно одам во нашата македонска црква „Св Ѓорѓи“, првата македонска православна црква во иселеништвото од 1960 година. Одам во сите храмови што беа со дедото Тимотеј, а во Македонија се среќавам со владици како Агатангел, новиот митрополит Георгиј и другите достоинственици – нагласува Најдовски, кој живее во Мелбурн.

И Игор Аврамовски вели дека одлуката за негова екскомуникација не е важечка пошироко.

– Можам да одам во која црква сакам. Управувам со општината под која спаѓаат катедралата „Св. Кирил и Методи“ во Сиднеј и „Св. Никола“ во Сиднеј.  Скоро сум бил и во црквите во Џилонг, Епинг, Сиднам, Волонгонг, Бризбан, Голд Кост, Рокдејл… – објаснува Аврамовски, кој е генерален раководител на Македонската православна општина за Австралија со седиште во Сиднеј.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img