Неподносливата присутност

Date:

Share post:

Поратлот Тивериопол.мк, на Струмичката епархија објави интересна анализа за односите на државата и религијата, која е мотивирана од неодамнешните критики во локаната струмичка јавност дека викарниот епископ Јаков со посетата на јавните општински претпријатија ја нарушувал секуларноста на општеството.

Анализата ја пренесуваме во целост.

Пишува: Протопрезвитер Симеон Кантурски, дипломиран теолог и дипломиран психолог по општа психологиј

I. Во Струмица се случува неприродно и изнасилено повампирување на стари и истрошени идеи, но овојпат облечени во ново руво. Нешто што мириса на нафталин или подобро кажано на трулеж и смрт, сакаат да ни го подметнат како граѓанска совесност. Имено на еден локален портал, чии автори и спонзори оперираат во полусенка (читајте темнина), во една неодамнешна објава се јавуваат како бранители на Уставот. Од кого?! Верувале или не, ни повеќе ни помалку од Епископот Стобиски г. Јаков. Објавата илустритрана со фотографии е понудена на струмичката јавност како одбрана на Уставот. Иако формулацијата е елегантна: член 19, одвоеност на Црквата од државата и повикување на секуларизмот, самата не може да ја сокрие неписменоста на авторот како што тој го сокрил своето име, не потпишувајќи го текстот. Но еве да го успокоиме, без оглед на површноста и логичката недоследност и неаргументираност на тврдењата во самиот текст, ние не мислиме дека навистина е неписмен, туку дека само е тенденциозен и злонамерен.

Повод за објавата? Епископот, на покана на директорите, посетил две јавни претпријатија. Им понудил духовна поддршка. Дал благослов. Ги сослушал проблемите на вработените. Толку. Ниту донел административна наредба, ниту потпишал буџет, ниту наметнал верско образование. Човекот дошол кога бил повикан, и зборувал за она за што е повикан во животот: за утеха, за надеж, за смисла. И за тоа, според авторите на порталот, го прекршил Уставот.

Но, дозволете да бидеме прецизни. Истата недела кога Епископот бил нападнат заради посетата на јавна институција, тие исти институции организирале ифтарски средби за вработените муслимани. И за сето тоа, тишина. Апсолутна тишина. Во истиот период, неколку општини од нашата епархија ги примиле претставниците на Македонски Каритас, организација на Католичката Црква. На тие средби биле потпишани Меморандуми за соработка за спроведување на проект финансиран од Министерството за надворешни работи на Република Словенија и Словенски Каритас. Значи, не само посета, туку формално институционално партнерство помеѓу општина и црковна организација, заверено со потпис и меморандум. И за сето тоа, повторно тишина. Ниту наслов, ниту коментар, ниту повик на Уставот.

Нека биде јасно: ниту ифтарот е нелегитимен, ниту соработката на општината со Каритас е спорна. Напротив и едното и другото се примери на здрава, нормална интеракција помеѓу верските заедници и јавните институции. Ние ги поздравуваме и двете. Но токму затоа тишината е толку разоткривачка. Зашто ако принципот е доследен ако проблемот навистина е „религијата во јавниот простор” тогаш и ифтарот во јавното претпријатие и меморандумот со Каритас во општините мораа да предизвикаат исто толкаво негодување. Но не предизвикале. Зашто проблемот не е религијата во јавниот простор. Проблемот е конкретно Православната Црква во јавниот простор. Проблемот е конкретно Епископот Стобиски г. Јаков, кој говори и проповеда слободно секогаш и секаде, категорично одбивајќи да биде и остане некаков безгласен декор само помеѓу ѕидовите на црковните храмови.

Но, зошто токму Црквата? Зошто присуството на Црквата предизвикува толку непропорционална реакција во одредени средини? Самиот факт на присуство е доволен да активира рефлекс кој се преправа во уставна загриженост, а всушност е нешто подлабоко, постаро и, да бидеме искрени, попатетично. Зашто кога нешто те вознемирува толку диспропорционално, проблемот не е во она што го гледаш. Проблемот е во тебе. И тој рефлекс заслужува дијагноза. Не полемика, не одбрана — дијагноза. Зашто полемиката подразбира рамноправни соговорници. А она со што се соочуваме не е аргумент — тоа е рефлекс. Рефлексите не се побиваат со контрааргументи. Тие се дијагностицираат, се именуваат и им се покажува етиологијата. Потоа, доколку имаат доволно самосвест, сами се засрамуваат. Доколку немаат, барем публиката знае со што има работа.

II. Пред да ги отвориме правните и филозофските аргументи, мора прво да ја разбереме историјата  зашто оваа идеолошка матрица е наследена, не создадена. Антицрковниот рефлекс во нашето општество не е производ на рационалната критика. Не е наследен од западноевропското просветителство, иако нашите локални необолшевици сакаат да се замислуваат како некакви балкански Волтери. Тој рефлекс кај нас е производ на конкретна историска програма: комунистичката антирелигиозна политика спроведувана систематски врз македонскиот народ и Црквата во минатиот век.

Фактите се многу жестоки. Со Законот за аграрна реформа од 23 август 1945 година, на Црквата ѝ се конфискувани сите земјишни поседи. Со Законот за конфискација на воена добивка, Законот за заштита на државната сопственост, Законот за експропријација од 1947, и низата закони до 1965 година, религиозните заедници се лишени од секаква економска самодоволност.[1] Како што признаваат и самите истражувачи, целта била „да ја лишат Црквата од основата за нејзино одржување и да ја направат економски и политички зависна од владејачката елита“. Не реформа, туку гушење.

Верското образование било целосно забрането во јавните училишта по 1952 година. Теолошките факултети се истерани од универзитетите. На нивно место е воведен предмет наречен „Морално воспитание“ кој служел како инструмент за систематска атеизација.[2]

Комунизмот не ја уби верата, но ја приватизираше. Ја затвори во домашните ѕидови, ја сведе на суеверие, на формализам. Го лиши народот од евангелското слово, од литургиската заедница, од пастирско водство. И потоа прогласи дека тоа е природна состојба: народот е „напреден“, „секуларен“, „ослободен“. Штетата беше претставена како прогрес. Ептен познат трик, впрочем ист го користат и денешните наследници кога катастрофата на семејството ја нарекуваат „еманципација“, а моралниот распад, „толеранција“.

Режимот секако се растури, но штетата остана. Менталитетите не се менуваат со промена на знамето. Комунистичкиот антицрковен рефлекс не умре со Југославија. Тој мутираше. Го смени речникот: наместо „опиум за народот“, сега „клирикализам“. Наместо „народна борба“, сега „граѓански активизам“. Но, длабинската структура е иста: Црквата е непријател на прогресот. Попот е паразит. Верникот е заблуден. И тоа не е мислење — тоа е рефлекс. Услов, наследен, пренесен од генерација на генерација, од колено на колено, од партија на партија, од идеологија на идеологија. Го среќаваме кај луѓе кои не прочитале ниту еден богословски текст во животот, но со авторитетот на човек кој прочитал сè знаат дека Црквата е „проблем“. Свртете им го вниманието и прашајте ги: кој проблем? каков проблем? врз основа на што? —и ќе добиете мрморење, лутина и евентуално навреда. Тоа е знак на рефлекс, не на аргумент.

III. И дијагнозата бара докази. Не заради нив, туку заради оние кои гледаат и кои заслужуваат да видат колку е празна позицијата која им се продава како принцип.

Да почнеме со фактите. Член 19 вели: „Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата“. Забележете: „слободно и јавно“. Не тивко и приватно. Не зад затворени врати. Не само во храмот. Јавно.[3]

Истиот член вели дека верските заедници се „одвоени од државата“. Но одвоеност не е исклучување! Одвоеност значи: државата не наметнува религија, Црквата не донесува закони. Тоа е институционален аранжман, не социјален карантин. Ова не е само наша интерпретација. Ова со пресуда го потврди самиот Уставен суд на Република Македонија  каде утврди дека одвоеноста од член 19 став 3 не значи исклучување на верските заедници од јавниот живот, туку забрана за институционално сраснување.[4]

Уставниот аргумент на нападот не само што е слаб, тој е неодржлив. А најзабавно е тоа што правото кое тие го цитираат против посетата на владиката практично ја овозможува истата. Тие се повикуваат на Устав кој ги побива. Но, тоа не го гледаат зашто не читаат Устав. Тие проектираат идеологија врз уставен текст. Зборот „секуларизам“ го земаат како готов производ, без да ја знаат разликата помеѓу секуларизацијата како политичка еманципација и секуларизмот како идеологија и тврдење дека религијата треба да исчезне од јавноста. Мешањето на двете е основната интелектуална нечесност. „Нечесност“ можеби е погрешен збор, бидејќи тоа подразбира свесно лажење. Поверојатно е дека навистина не знаат.

Оваа разлика ја артикулирал Жак Маритен, и тоа не кој било Маритен, туку човекот кој бил водечка личност во комисијата за утврдување на Универзалната декларација за човекови права на ОН во 1948 година.[5] Маритен ја концепирал суштинската разлика помеѓу „здрав секуларизам“, односно разграничување и соработка помеѓу Црквата и државата, и „воинствен лаицизам“ — протерување на религијата од јавноста. Првото е демократија. Второто е идеологија. И Маритен ја познавал разликата од прва рака, бидејќи целиот негов интелектуален живот му бил жестока борба против францускиот модел на laïcité кој се стремел да ја „исчисти“ јавната сфера од секоја религиозна пројава.

Тој во ОН се борел за модел кој ќе проектира оптика каде државата е неутрална, но пријателски расположена кон религијата, препознавајќи ја нејзината улога во градењето на моралот кај граѓаните  впрочем и основна градбена единица на универзалните човекови права.

Но, Маритен отишол и подлабоко до самата антрополошка основа. Неговата дистинкција помеѓу индивидуа и личност е најсилниот аргумент против она што порталот го промовира, и е аргумент кој тие ниту го познаваат ниту можат да му одговорат.[6] Според Маритен, човекот како индивидуа е дел од политичката заедница подложен на нејзините закони за општото добро. Но како личност, човекот е носител на духовно достоинство кое е надредено на државата. Совеста не е граѓанска концесија — таа е конститутивен дел од личноста. Токму затоа, државата нема право да ја заробува верата во приватноста.

Демократскиот персонализам вграден во самата Декларација на ОН гарантира дека личноста има право на јавен глас. И тоа право не зависи од тоа дали некој на порталот се чувствува нелагодно од присуство на свештено лице во простор кој тие очигледно го сметаат за „свој“. Но нелагодноста не е правен основ. Идеологијата не е уставна норма. Проектирањето врз уставен текст не е читање на Устав, туку , рековме — дијагноза.

Она со што се соочуваме нема врска со уставно право. Нема врска со секуларизам. Нема врска со граѓанска совесност. Има врска со нешто постаро и попросто: со неподносливоста на Црквата која зборува. Им пречи Црквата која е присутна. Им пречи Епископот кој е присутен меѓу народот, а најмногу им пречи што е почитуван и сакан од народот. На народ кому Епископот му е авторитет, не можете лесно да му сеете ветер и магла, т.е марксистички идеи со ленинистичка реторика.

IV. Постои и потесна политичка димензија, и таа е доста попрозаична отколку што нејзините актери сакаат да признаат.

Во средини каде владејачките елити десетлетија ја задржувале моќта со имплицитно левоориентиран консензус, Црквата била толерирана, но само додека молчела. Била корисна како декор: присуство на литургии, фотографии, церемонијален блесок. Партнерството било козметичко. Црквата служела како знак на стабилност, не како субјект со глас. Тоа е улогата што секуларистите ја сакаат: Црква како музеј и како фолклор, не како совест.

Тоа што Црквата престана да биде декор и станува авторитет е токму тоа што ги вознемирува. Нив не им пречи назадна Црква. Назадна Црква ги теши, ги валидира дека се во право. Им пречи жива Црква. Црква чии храмови се полни, чиј глас го слуша народот, чиј авторитет расте додека нивниот опаѓа. Слабата Црква ги тешеше. Силната ги вознемирува. Тоа е целата психологија на нападите  се собира во една реченица. Сè друго е декорација.

Кога во 2022–2023 се отвори дебатата за родовата идеологија и Црквата не само што проговори, туку го мобилизираше јавното мнение, Епископот Стобиски организираше форуми низ цела Македонија, петте верски заедници издадоа заедничка изјава — старата рамнотежа се урна неповратно. И оттогаш, нападите не се случајни. Тие се функционални. Секој напад е обид да се врати стариот поредок: Црквата назад на маргините, свештеникот назад во молчание, верата назад во домовите.

V. Има еден есеј кој е клуч за разбирање на сè што до сега зборувавме. Во 1965 година, Херберт Маркузе, интелектуалниот „патријарх“ на новата левица, го објавува текстот „Репресивна толеранција“.[7]Тезата е проста и разорна: во модерното општество, толеранцијата кон сите ставови всушност е репресивна, зашто го одржува статус квото! Затоа е потребна „ослободувачка толеранција“: толеранција кон движењата од левицата. Маркузе дословно бара „повлекување на толеранцијата од регресивните движења пред тие да можат да станат активни; нетолеранција дури и кон мислата, мнението и зборот“.

Прочитајте го тоа повторно. Маркузе не гради аргумент за еднаквост. Тој бара системска пристрасност. Луѓе кои споделуваат длабинска претпоставка дека религијата е регресивна, по автоматизам го применуваат овој модел без воопшто да го познаваат. Не мора да го читале Маркузе. Доволно е да го наследиле рефлексот. Впрочем, да го читале, можеби ќе го разбрале, а тогаш би морале да се соочат со непријатниот факт дека се епигони, не пионери  и дека нивната „револуција“ е стара осумдесет години и веќе целосно генеричка.

Исходот од ова е ужасно предвидлив и го добиваме точно она што го гледаме во Струмица: ифтар во јавна институција — мултикултурализам. Епископ во јавна институција — клирикализам. Религиозна свеченост на исламска заедница — традиција. Мисионерска активност на Православна Црква — мешање во државните работи. Двојниот стандард не е грешка. Тој е дијагноза: покажува дека „секуларизмот“ на напаѓачите е селективен. А селективен секуларизам не е принцип — тоа е предрасуда.

Оваа предрасуда, меѓутоа, не е само теоретска. Таа има свое лице, свој јазик и свои носители.

VI. Погледнете го визуелниот, јазичниот и моралниот универзум на антицрковните активисти. Нивниот јазик е крик на негација: „против“, „разобличување“, „нарушување“, „унаказување“. Тоа е оној тип „уметнички“ сензибилитет кој се храни од деконструкција зашто за конструкција е потребен талент, а талентот бара и понизност, нешто што е физиолошки неподносливо за его кое живее од аплауз на мал кружок истомисленици. Нивната естетика е естетика на деконструкцијата: не создаваат, туку демонтираат.

Сега споредете. Црквата обновува храмови — тие ја критикуваат бојата на фасадата (спекулативно и научно невтемелено, давајќи им колорит по желба на стари црно-бели фотографии). Црквата отвора центри за лекување на зависници и рехабилитација на лица со попреченост — тие отвораат портали за напад. Црквата собира илјадници на литургија, на форуми, на дебати — тие собираат по десетина лајкови на провокативни објави. Црквата заживува манастири, храни сиромашни, советува зависници и закрилува жртви на семејно насилство — тие пишуваат статии за бојата на ѕидот. И потоа тврдат дека Црквата е „назадна“? Кој е овде назаден: оној кој гради или оној кој руши? Оној кој лечи или оној кој повредува? Оној кој собира или оној кој расфрла?

А коалицијата зад овие напади? Идеолошки, таа е невозможна комбинација: левичари со контраријанци, уметници со антикултурници, „хуманисти“ со нихилисти. Нема заеднички именител освен еден: антиеклисијалноста. Тие не се за нешто, тие се против Црквата. А кога единственото нешто што обединува различни луѓе е заедничкиот непријател, тогаш не зборуваме за идејно движење, туку за психолошка проекција. Очигледно единствениот синдром што ги обединува овие карактери е хроничната неспособност да се припадне на нешто поголемо од сопственото его, тој вечен, немирен, гладен и незадоволен бог на оние кои немаат друг. Некаде тука, ако сме искрени, би ја побарале вистинската дијагноза: не во уставното право, туку во психологијата на комплексот, тој познат, сеприсутен комплекс на луѓе кои секогаш мислат дека некој друг е виновен за нивниот неуспех, дека некоја институција ги спречува да бидат она што заслужуваат, дека нечие присуство ги прави помали отколку што се. А всушност, тие се точно онолку колку што се  и Црквата нема никаква вина за тоа.

Антицрковниот активизам во Струмица нема конструктивна програма. Тој знае само за она против кое е. Но не знае за кого е, ниту зошто. Неговата визија е визија на отсуство: отсуство на Црквата, на традицијата, на авторитетот. Тоа е естетиката на грдоста: кога религијата е отсутна, животот не станува „слободен“ туку празен. Го губи чувството за светотаинство, за длабочина. На тоа празно место доаѓаат колку сакаш сурогати: секакви идеологии, зависности, цинизам, очај. Не е случајно што токму овие „прогресивни“ средини генерираат толку многу психолошка нестабилност, толку многу озлобеност, толку многу агресија облечена во „активизам“. Каде нема Бог, нема мир. Каде нема мир, има само војна — перманентна, исцрпувачка, без цел и без крај.

VII. Од теолошка перспектива, сето ова е длабоко предвидливо. Црквата не е институција која ги задоволува „религиозните потреби“ на верниците, колку и тоа да го тврдат секуларистите. Тоа е фундаментално погрешно разбирање. Црквата е евхаристиска заедница , тело Христово, чија мисија е преобразување на целиот свет. Затоа Црквата не смее да молчи: не заради политика, не заради моќ, туку заради верност кон сопствената природа. Пастирот не може да не ги познава проблемите на стадото. Епископот не може да ги игнорира тешкотиите на луѓето.

Секуларистите бараат Црквата да се повлече од јавниот живот. Но евхаристичко-есхатолошката визија, основната визија на Православието  е точно обратна. Христос не дојде да го осуди светот, туку да го спаси (Јован 3, 17). Црквата е новиот живот на некогашниот стар свет, кој е искупен и преобразен од Христа. И секој пат кога Црквата се повлекува, тој свет останува подлабоко во темнината на сопствените идеологии.

Да завршиме, значи, не со одбрана. Зашто одбраната подразбира дека сме обвинети или нападнати. Ние сме носители на колективната меморија и искуство на Телото Христово, односно Црквата. Дури и на оние што не се во Црквата, а познаваат макар и елементарна христијанска историја овие напади во обид им се смешни, а камо ли нам?!

Ова што се наметнува како општествено-политички наратив во Струмица не е дебата за секуларизмот. Тоа е рецидив на комунистичкиот антицрковен проект, облечен во нова јазична облека. Ние тоа го препознаваме. Го препознаваме зашто го памтиме. Нашите храмови биле конфискувани. Нашите свештеници биле затворани. Нашата вера била во прогон. И сепак, Црквата е тука. Воскресна. Расте. Се зацврснува. И нема да биде вратена назад. Затоа што зад неа стои не партија, не буџет, не медиум, туку Оној кој рече: „И портите пеколни нема да ја совладаат“ (Матеј 16, 18).

На авторите на порталот, и на сите кои стојат зад нив, идеолози и инструментализирани озлобеници, им порачуваме со спокојство и јасност: знаеме што сакате. Знаеме чии интереси ги застапувате. И не се плашиме. Не затоа што сме силни, туку затоа што служиме на Оној кој е посилен од секоја идеологија. И зашто сме сигурни — со сигурноста на оние кои излегле од гробот.

Тоа е нашиот одговор. Не дрскост, туку сигурност. Не провокација, туку сведоштво. Не гнев, туку вистина.

А вистината е оваа: Во Струмица нема надеж за неокомунизам зашто Струмица е просветлена од Евангелието. И никаква идеологија нема да ја изгасне таа светлина, затоа што тоа не е наша светлина, туку е Христова. А Христос, како што ни кажа Самиот, е Светлината на светот (Јован 8, 12). А темнината, колку и да се труди, не може да ја совлада (Јован 1, 5).

[1] Закон за аграрна реформа, 23 август 1945; Закон за конфискација на воена добивка, 24 мај 1945; Закон за заштита на државната сопственост, 1945; Закон за експропријација, 1947. За систематскиот преглед видете: Dragoljub B. Đorđević, „Sveto i svetovno – sekularizacija kao sociološki problem“, во: Povratak svetog?, Niš, 1994, 7–28.

[2]Кирче Трајанов, „Мисиолошка егзегеза на секуларизацијата и секуларизираната религиозност“, Годишен зборник на Православниот богословски факултет, Скопје, 2024, 75–94.

[3]Устав на Република Северна Македонија, член 19, ставови 1–4.

[4]Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.104/2005. Судот утврди дека одвоеноста од член 19 став 3 не значи исклучување на верските заедници од јавниот живот, туку забрана за институционално сраснување помеѓу државата и верските заедници.

[5]Jacques Maritain, Man and the State, Chicago: University of Chicago Press, 1951. За Маритеновата улога во изготвувањето на Универзалната декларација за човекови права, видете: Mary Ann Glendon, A World Made New: Eleanor Roosevelt and the Universal Declaration of Human Rights, New York: Random House, 2001.

[6]За дистинкцијата индивидуа/личност кај Маритен, видете: Jacques Maritain, The Person and the Common Good, prev. John J. Fitzgerald, Notre Dame: University of Notre Dame Press, 1966, посебно глави III–V.

[7]Herbert Marcuse, „Repressive Tolerance“, во: Robert Paul Wolff, Barrington Moore Jr. & Herbert Marcuse, A Critique of Pure Tolerance, Boston: Beacon Press, 1965, 81–123.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img