Религија.мк, во следниот период поединечно, со анализа ќе ги објави сите прашања од обемното истражување за перцепцијата на граѓаните за религиите во Македонија, спроведено со ИПИС, а поддржано од фондацијата Конрад Аденауер.
Македонските граѓани религијата ја ставаат пред етничката припадност. Односно за нив поважна е верската или религиската припадност, отколку етничката. Овој интересен податок го открива прашањето „Дали за вас е поважна религијата или етничката припадност“ од истражувањето на Религија.мк, ИПИС и КАС.
40,8% од испитаниците ја избрале токму религијата како за нив поважна компонента, наспроти 21,1% кои сметаат дека етничката припадност им е пред религиската.
Анализата на испитаниците покажува дека кај Македонците религиската припадност е многу поважна. 43% македонски испитаници ја ставаат религијата пред етничката припадност. За разлика од нив, 40,3% албански испитаници се определиле за етничката припадност, иако и кај нив е висок процентот – 31,9% кои сметаат дека религиската припадност и е поважна.
Ако се анализираат одговорите на православно декларираните, тогаш тој процент на важност на верската определба е уште повисок. За 44,4% православни религијата е поважна од етничката припадност.

