Претседателот Ѓорге Иванов и поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск, на речиси 40-минутната тет-а-тет средба, договориле тајните архиви на Ватикан да бидат отворени за македонските истражувачи.
Иванов и Папата разговарале и за актуелната состојбата со мигрантите и бегалците и за начинот на кој досега се реагираше за да се излезе во пресрет на сите тие луѓе.
Станало збор и за прашањето за името.
-Пројавениот интерес лично од страна на Папата и за прашањето за името и за актуелните состојби кај нас и во регионот кажува дека ги следи сите настани и е заинтересиран каде што може да придонесе, изјави претседателот Иванов, по средбата.
Ова е шеста посета на претседателот Иванов на Ватикан, а прва на македонски претседател на Ватикан. Сите досегашни посети беа на денот на Свети Кирил и аудиенција на Папата во склоп на свеченостите поврзани со Свети Кирил.
-Ова е прва официјална посета која следува по 20 години воспоставени дипломатски односи и извонредните односи што ги гаиме со Ватикан во сферата на културата, образованието и здравството и архивското работење, истакна претседателот Иванов.
По аудиенцијата, шефот на македонската држава остварил средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, на која, како што рече, имале коструктивен разговор за сите прашања што се однесуваат на односите меѓу Македонија и Ватикан.














