Православната црква на Русија и Исламската Република Иран продолжуваат да го продлабочуваат религискиот дијалог, но и поширокото партнерство меѓу Москва и Техеран, преку повикување на заеднички ставови за улогата на верата, семејството и традиционалните вредности во современиот свет.
Патријархот Московски и на сета Русија Кирил на средба со иранскиот амбасадор во Москва, Казем Џалали, ја прими пораката од новиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во која се нагласува желбата за понатамошно зајакнување на односите меѓу двата народи.
Средбата се одржа на 30 јули во Патријаршиската резиденција во Даниловскиот манастир во Москва.
Хамнеи, според пораката што ја пренесе иранскиот амбасадор, му се заблагодарил на патријархот Кирил за сочувството по смртта на неговиот татко, ајатолахот Али Хосеини Хамнеи, како и за честитките по неговиот избор за врховен лидер на Исламската Република Иран.
Во разговорот патријархот Кирил ја истакна важноста на долгорочниот дијалог меѓу Руската православна црква и муслиманските верски институции во Иран.
„Православните христијани и муслиманите препознаваат колку се блиски нивните позиции по многу прашања што денес се на светската агенда“, изјави Кирил, посочувајќи ја работата на заедничката комисија за дијалог меѓу Православието и Исламот.
Според Московската патријаршија, двете страни имаат слични ставови за прашањата поврзани со моралот, семејството, бракот и улогата на религијата во јавниот живот.
„Како традиционални религии мораме да ги чуваме Богодадените заповеди и вредностите, чие уништување би можело да доведе до пропаст и на човекот и на општеството“, порача патријархот Кирил.
Москва и Техеран ја истакнуваат религијата како мост меѓу двете држави
Иранскиот амбасадор Казем Џалали оцени дека односите меѓу Русија и Иран се наоѓаат во период на посебно приближување.
„Сега живееме во златна доба на односите. Нашите лидери добро се разбираат меѓусебно, а исламот и православието имаат многу добри и цврсти врски“, изјави Џалали.
Во последните години Москва и Техеран сè почесто го нагласуваат партнерството засновано врз концептот на „традиционални вредности“, спротивставувајќи го со она што го оценуваат како прекумерна секуларизација на западните општества.
Руската православна црква во овој контекст го развива православно-исламскиот дијалог како дел од својата надворешна црковна политика, додека Иран ја гледа верската соработка како еден од елементите на пошироките односи со Русија.

