Почетна Коментар За оној што „нема“
За оној што „нема“

За оној што „нема“

413
0

Оној што „нема“ и кому ќе му се одземе и она што (мисли дека) го има, е оној што не Му благодари на Бог за сè што Он му дал – дури и смета дека не му е доволно дадено. Чувството дека нема и дека сѐ нешто му недостасува е клучно. Да не навлегуваме во ситуации кога му се случува и нешто „лошо“, тогаш таквиот потполно се губи и хули на Бог уште повеќе.

Оној што „нема“ и кому ќе му се одземе и тоа што мисли дека го има, е оној што живее во согласност со своите страсти – славољубие, среброљубие и сластољубие. Страстите за власт, пари и телесни наслади се тие што прават човекот, нивниот заробеник, сето она што го ужива и поседува да го користи само за свои потреби (самољубие), а не да му помогне на оној што страда, и кои прават сè во што ужива и поседува да му изгледа малку.

Таква е самата природа на страстите: тие постојано бараат ново и поголемо задоволување, а по секое задоволување оставаат уште поголема потреба и уште поголема празнина во душата на човекот што ги задоволува.

Целиот живот на самољубивиот човек се претвора, од една страна, во мрачна параноја (страв) – дека некој ќе му ги одземе човечката власт и слава, и стекнатиот имот, како и пари (ама кој да му каже дека Бог е тој што одзема, а не човек), а од друга страна, ја демне и најмалата можност за да се дограби до уште поголема човечка власт и слава, како и до поголем имот и финансиска сигурност – без оглед на начинот на кој тоа ќе го постигне.

Тоа е човек без вистински пријатели: во својата параноја и сомничавост да не изгуби нешто, природно, не верува никому, а со својата преголема алчност, амбициозност и склоност кон завери и борба за власт го плаши и го одбива од себе секој нормален што од некакви причини се потпрел или побарал помош од него. Никогаш нема мир за душата со таква расцепеност на разумот.

Нормално, некогаш паранојата му ги потиснуваат амбициозноста и алчноста, а некогаш, кога не е исплашен, му се зголемуваат алчноста и амбициозноста, со уште поголема жар. Страстите во него само се потиснуваат една со друга – не се преобразуваат. Како и да е, проекцијата, односно препознавањето на своите страсти во другиот, во „непријателот“ и „пријателот“, е карактеристика на неговиот однос кон луѓето и затоа не е способен да создаде личносен однос со ближниот свој, туку само однос заснован на интереси – кој трае сѐ додека траат и самите интереси.

Чудна е леснотијата со која таквиот човек ги изневерува своите „пријатели“ кога веќе нема да му бидат потребни или кога ќе западнат во неволји, кои и самиот него го оптоваруваат. И чудна е леснотијата со која тој ги уништува своите „непријатели“, кога над нив има реална власт.

Таквиот човек никако не успева да препознае кои му се вистински пријатели. Неговите пријатели изнаоѓаат најразлични начини да му ја пренесат нежно пораката, која е, нормално, спротивна на неговите големи идеи за самиот себе и на неговата амбициозност, и затоа често се отфрлени, па дури и сметани за непријатели.

Но, и блиските негови не му се веќе пријатели ако јасно не му укажат на таквиот дека греши, кога веќе ги поминува сите граници на нормалното. Исто така, не се пријатели ако не ја остават својата рака испружена и отворена за помош секогаш кога ќе му затреба.

Секако, Господ секому од нас му остава време за покајание (metanoia/μετάνοια – преумување), и потоа сè се одзема, а на крајот и самото време дарувано за покајание.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *