Почетна Анализа За името и имињата и некои други нешта
За името и имињата и некои други нешта

За името и имињата и некои други нешта

1.36K
4

Не треба да си теолог со длабоки познавања, па секој просечен верник тоа го знае, а ние помалку упатените, ако вложиме минимален труд, брзо ќе научиме дека Православната црква е „ЕДНА, света, соборна и апостолска“. Оваа формулација е искажана во кредото на православната вера и е закон неизменлив.

Не верувам дека случајно е ставен зборот што го нагласив како прв во низата од категоризациите на Црквата. Всушност, тој збор искажува дека таа (Црквата) е една и единствена каде и да егзистира во ограничувањата по нормите на светот. Односно дека нема Цркви, туку секогаш има само Црква. И тоа се должи, согласно догмите, на принципот што христијанството го проповеда – „дека во сè и на сè е Христос“ и дека нема „ни Елини, ни Јудејци“ (цитирано). Не само што ова е логично, туку е и добро основано. Оттука доаѓа и ирелевантноста на именувањето, односно дека името, називот, се само во функција на таа едност. Значи Православната црква е секогаш и секаде едната и истата, а за да се лоцира, треба да се именува Православна Црква на: Грција, Србија, Романија, Антиохија итн. Ако историски погледнеме, тогаш ќе видиме дека древните Цркви, наречени Патријаршии, се именуваат по полисот, па има Александриска, Ерусалимска, Константинополска, а соодветно на ова и Охридска Архиепископија. Истите се помесни цркви уште од своето основање, ограничени во конкретни географски граници, а не во народни (етнички) и не се именувани по називот на различните народи кои таму живееле (Сиријци, Грци, Египќани, Арапи, Власи итн.), туку по името на главниот град.

Христијанскиот идентитет е во единството и едномислието на верата, а нацинализмот е апсолутено небтиен во идентификувањето на една црква за црква, како што ни црквата воопшто не е одлучувачки битна за идентитетот на еден народ. Ако, чисто за оние што го сакаат логичниот принцип, религиозно припаѓавме кон исламот, како побогу тогаш ќе го бетониравме националниот идентитет? Преку називот Македонска исламска заедница? Патем, ИВЗ се именува како Исламска верска заедница на Македонија. Националниот карактер на една држава е исклучиво политичко прашање и се решава во рамките на процесите кои ги одредуваат политичките авторитети (избрани предводници од народот). Затоа се сметаа за сулуди, страни за христијанското разбирање и воопшто ненаучни изјавите од некои second hand византолози, кои очигледно не познавајќи го православното гледиште, а и византискиот дух на толеранција и инклузивност, даваат смешни изјави од типот: „Евентуалното отстранување на атрибутот Македонска православна црква од називот… би значело директно губење на помесниот национален статус на таа црква, а преку признанието само на називот Охридска архиепископија таа би добила улога на самостојна јурисдикција со духовно функционирање без идентична автокефалија како другите помесни православни христијански цркви“ (цитирано). Помесен национален статус? Идентична автокефалија како другите Цркви?  Дали си сериозен, човече? Јас се смеев добар половина ден и на следниов став: „Новата „признаена“ православна црква во Република Македонија како Охридска архиепископија би го стекнала статусот каков што е на пример на Антиохиската, Ерусалимската или на Александриската православна црква, кои не функционираат како помесни, односно како национални цркви на определен христијански народ, туку на област, на територија“ (цитирано).

Имало национални цркви на определен народ и некакви други – кои се ничии. Не знаев! Вистина е дека Црквата придонесува и за националната еманципација и идентитет (под овој термин не се подразбира само име, туку национална севкупност), затоа што од неа излегувале просветлени народни водачи. Но во никој случај Црквата не смее да биде инструмент за национализација или за ширење на било какви земски интереси, бидејќи „таа не е од овој свет“ (цитирано) и универзална е за сите – една, света соборна и апостолска.

Значи, вака: Православната Црква го осудила т.н. етнофилетизам, односно идентификацијата на Црквата со националното. Тоа вака го дефинирале православците на собирот во Цариград, во 1872 година: „Етнофилетизмот, односно правењето разлика врз основа на народното потекло и јазичната разлика, како и остварување на ексклузивни права од страна на одредени поединци, или цели групи луѓе кои се од исти места и генеалошки поколенија и каква вредност може да има тоа во световниот живот среде различни етникуми, е надвор од опсегот на истражување на нашето изложување. Но, за христијанската црква-духовно општество, предодредено од нејзината Глава и Основач да ги вклучи сите народи во едно братство во Христа – етнофилетизмот е сосема туѓ и неразбирлив“ (цитирано). Изразот на свети апостол Павле – „цркви на народите“ недвосмислено го опишува ранохристијанскиот тренд: Црквите, основани локално, ги инкорпорирале луѓето од конкретната локација (најчесто град со околината), и тоа без разлика на народноста и затоа се именувале според името на градот или местото, а не според етно припадноста на верниците. Така, Црквата во Охрид се разликувала од Црквата во Смирна по местото на егзистирање, а не по етничките разлики.

Ајде да ви објаснам нешто како на првачиња:

Согласно наследната традиција, видлива во ранохристијанската историја, но и од очигледното во дискрипциите на Томосите, помесните црковни организирања  се именуваат со еклисиолошкиот назив кој е оформен според главниот град или називот на државата, со прецизно определување на границите во чии рамки се делува: Православната Црквата на Грција (Ορθόδοξη Εκκλησία της Ελλάδος). Кога сме тука, не е на омет да кажеме дека повеќето помесни цркви го пазат правилото за исто именување и внатре и надвор, па нема да сретнете различно од Православна Автокефална Црква на Албанија (Kisha Ortodokse Autoqefale e Shqipërisë), Православната Црква на Чешките земји и на Словачка (Pravoslavná církev v Českých zemích a na Slovensku) итн.

Етничките називи што за себе, со помош на црковните устави, си ги дадоа некои од поновите Помесни православни Цркви,

прво: воопшто не се добар пример за следење, па и народната вели: ако слеп те води… Па зар не е одговорноста на клерот во чувањето на догмите и устројството што произлегува од нив? Видовме како испадна кога црковните лица се движеа по инерција со неразумната толпа: „Распни, распни“ велеа;

второ: Уставите би требало да произлезат од православното верско наследство и од учењето. Секоја уставна одредба која е спротивна на ова, е нелегитимна од овој аспект и продуцира проблем;

трето: Уставите се менлива и договорена категорија, се креираат според волјата на мнозинството, која мора да е во согласност со формулациите на верувањето, и минатата волја за некоја одредба не е обврзувачка за идните генерации. Во моментот на „силата на важноста“, донесена со ставот на мнозинството, тие се задолжителни, но не се догма – се менливи, повторно по волјата на мнозинството.

четврто: Називот „Романска православна црква“, може да го изразува и територијалниот аспект (Романија), зашто таква држава постои, а да не имплицира на етничкиот (Романци).

А сега ајде да ви дадам материјал за да каменувате и да ја исфрлите од вас сета бљувотина, нели како вистински верници, иако сакам само да ви ја посочам логичната страна на проблемот, само да ви кажам каде ви е проблемот:

На што се мисли со терминот -македонска- во името МПЦ?

На Македонците? Тиииит…. голема утка. Ова не е православно, нема етнички Цркви. А може да биде пречка и за другите православни во земјава да ѝ припаѓаат, зашто не се идентификуваат како Македонци, на пример на Власите, Србите, Албанците.

На Македонија? Извинете, меѓународно-правно не постои таква држава. Ќе речете – да, ама ЗЗ ја предаде, ние не сакавме, итн. итн. Чекај, чекај – не постои, факт е, ако постои некогаш – во ред. Ќе рече некој досетлив – да ама постои област Македонија. Точно, постои – но се протега низ територијата на сите наши соседни земји, вклучително е дел и од територијата на локалните цркви. Иредентизам, велат, нереално е, кажуваат, немате дел од нашата територија – вака вриштат.

И како ви изгледа ова? Мене вака: По дома си се викаме МПЦ-ОА. Ама го преминеме ли куќниот праг нè нарекуваат: ОА, Православна црква на Северна Македонија, ОА во РСМ, МПЦ, МПЦ-ОА. И, кои сме ние? Кога ќе соберат сите – за кого што ќе бидеме? Ќе викне баќушката: „Ела, МПЦ-ОА“. Тогаш ќе рече Гркот: „Какво тоа на М? ОА само“. Ќе крене глас братот Бугарин: „Извинејте, нема ОА, аз го познавам как Северномакедонскому“. Е тогаш ќе речат заедно, без око да им трепне: „Проблем. Да го решиме проблемот – да дадеме име“. Веќе познато е како е кога други ти даваат име, обично не е пријатно, нели?

Знаете, во ред си беа падни-стани размислувањата до пред 9 мај, не бевме видливи, надвор од клубот си бевме, сами – самодоволни. Но сакавме, баравме, коопнеевме да сме со сите. Нè качија на возот, патуваме со сите. Ама тие што ги затекнавме внатре, патуваат подолго заедно, од поодамна се знаат, а има и правила – возен ред. Ајде да си го фатиме редот, па сами да си кажеме име, според правилата и реалноста, да не нè крстат според силата. Зашто јасно е што се случува кога слоновите се роваат во продавница со кристали. Ама уште појасно е кој страда кога големите ќе најдат заеднички јазик. Малите да не се занесуваат да бидат мост меѓу големите, зашто кратки се, не можат да ги спојат големите разлики. А кога големите ќе се доближат, не им треба малото мосте – долги им се рацете за да се прегрнат.

Пишува: Алтер Его

(со помош на теолошките лекции на светогорскиот монах Василиј (Стојанов), родум од Повардарието)

 

Коментар(4)

  1. Некои луѓе и сто години да окапат на Света Гора, па и на Светиот Гроб, ќе останат со ропски ум – никогаш со царски, а камоли со Божествен. Има многу докази и сведоштва за ова, не е само овој текст. Дали за чинија леќа, дали од друга причина… тие си знаат.

  2. Етнофилетизмот во МПЦ е нешто од кое попусто се крие, а вакви апологетски текстови не може да ја маскираат вистината.
    Ако го немаше, каде се дозволите за литургиско славење на другите јазици на народите во Македонија? Зошто прославите на Зебрњак на српски се табу, зошто не се зборува за служба во Чучер Сандево и Старо Нагоричане на јазикот на народот што таму живее? Зошто мораше да се пребегне со кражба на влашката црква во Битола? Зошто беше истеран од таму единствениот свештеник што служеше на влашки во Битола и
    го пикнавте во дупка во Драчево? Зошто архиепископот не се одважи да честита барем еден празник да речеме на ромски?
    Еве видете ја православната црква во Албанија. Без никаков проблем овие работи си се одвиваат таму. Аргументите ви се ништовни.

  3. Једино Срби не траже ништа. Признају браћи Македонцима име, нацију језик и веру! Са овим другима нек вам је са срећом! Волите своју земљу и не дајте је никоме!

  4. Арогантно и бедно. Арогантно – затоа што го нарекува „бљувотина“ различното размислување и бедно – затоа што пишува таква еднострана и површна тирада, што 99% од неа може да оди под “тииит”.

    Како првачиња значи, ги научивме теоретските основи на еклисиологијата, но го знаеме и она што во школо не се учи, а во пракса е сосема очигледно, на пр. дека патријарх во Христово име може да настапува како политички чинител кој застапува национални интереси на народот од кој потекнува. Често цитираната фраза дека во Црквата нема Елини, ни Јудеи, во продолжение вели дека нема ни роб, ни слободен, што значи дека има за цел да го истакне рамното достоинство на сите народи во Христа. Токму врз основа на овој принцип, нашето право за себе-именување ја изразува вистинита, а лажни се агресивните обиди за негирање на тоа наше право, затоа што се рамнат според световни политички тенденции, а не според Христа.

    Ако пак, разбирливо, во надворешниот свет „силата не го моли Бога“, што да се каже за демонстрација на закани и сила во атарот на Црквата и од оние кои се нарекуваат браќа и членови на едното Тело на Христос?

    Како те цени, христијански ли постапува оној кому, иако му дозволуваш да не те нарекува онака како што самиот се именуваш, тој, како да не си го знаеш името, ти вели; освен што ќе те викам јас како што сакам, и ти мораш да се именуваш со име кое што јас ќе ти го дозволам или како што ние ќе се договориме да те викаме.

    Софизам е да се рече: личното името не го бираме, името ни го даваат. И своето име, иако други ни го дале, слободно го прифаќаме. А, правото човек да ги именува нештата и својата околина е основно, богодадено право, толку јасно изразено уште во почетокот на Св.Писмо. Луѓето ја именуваат територијата на која живеат со име преку кое и себеси се определуваат како христијани од определена територија, и тоа име е наследство, татковина. За иредентизам секој секого може да обвинува.

    Тоа што територијалното име не е суштински елемент на Црквата, значи и дека тоа не треба за никого да биде камен на спрепнување, а не да се забранува некому такво, природно право. Затоа, во ваквата поставеност на работите, секое спомнување на етнофилетизам како укор за нас, е превртување на тезите; бидејќи, оној што се чувстува силен и припадник на превосходна класа во Црквата, врши напад врз интегритетот на христијаните кои се бранат токму врз основа на принципот од св. апостол Павле, за рамноправност на народите во Црквата.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *