Почетна Проповеди Време е да си подадеме рака и конечно да се сплотиме како македонски православен народ
Време е да си подадеме рака и конечно да се сплотиме како македонски православен народ

Време е да си подадеме рака и конечно да се сплотиме како македонски православен народ

481
0

Божикно послание на Митрополитот Повардарски, г. АГАТАНГЕЛ

Драги браќа и сестри!

Преку воплотувањето на Господа Исуса Христа, Самиот Троичен Бог ни се објави и ни се откри на единствен и неповторлив начин. Творецот на сé видливо и невидливо, Кој соединува сè што е прекрасно и величествено, се роди од пречистата и непорочна Дева и на тој начин стана еден од нас. Заради тоа, ние денес, на Божик, го празнуваме Рождеството Христово со голема љубов и торжественост во срцето, со искрена радост и благодарност во нашите души, зашто преку раѓањето и воплотувањето на Словото Божјо, нам и на целото Божјо создание, ни беше подарена нова блага вест, неслушната и неповторлива во историјата на целото човештво.

Возљубени мои духовни чеда!

Неможно е да се достигнат Небесата без Божја помош и застапништво. Ние, луѓето, ограничени и обременети со грев, не можеме само со свои сопствени сили да го видиме Бога Онаков Каков што Е, во сета Негова совршеност и убавина. Затоа, човекољубивиот Бог, полн со совршена љубов и вистина, благоизволи да се спушти до нас, да стане човек, и преку таа возвишена тајна, да му даде можност на секое човечко создание да се воздигне и да се уподоби на Бога. Бог го земал телото на човек, не само за да нè поучи на нешто и да ни остави заповеди кои ќе бидат запишани во Книга, која ќе биде поставена и заборавена на полиците во библиотеките. Бог се воплотил, за ние да се соединиме со Него, за да не постои растојание меѓу Бога и луѓето, за Бог и човекот да бидат едно. Како што Бог го примил на Себе човечкото тело, така и ние преку причестувањето со Светите Христови Тајни Го примаме во себе Божественото тело. И како што рекол преподобниот Ефрем Сирин: „на Божик, се случува чудесна и неискажлива размена меѓу Бога и човекот: ние Му ја даваме на Бога нашата човечка плот, а Господ ни Го дава целото Свое Божество, Кое се соединува со нас, навлегува во секој дел од нашето тело, ја обожува целата наша човечка природа – и материјалната и духовната – и ни помага нам да бидеме нови луѓе, кои се создадени не само според образот, но и според подобието Божјо“.

Драги браќа и сестри!

Величенствениот Бог, со Неговото воплотување, ни ја покажа Својата огромна љубов, ни го покажа Своето разбирање, простување и милосрдие. Синот Божји, со Неговото раѓање од Девојка, покажа дека верува во човекот и во неговите духовни капацитети.

Христос ни го посведочи смирението и Божјата љубов, и истовремено ни овозможи да разбереме колку можеме да бидеме велики и колку е длабока и спасоносна Божјата промисла. Ние, сега можеме да го гледаме светот во кој живееме не како мртов материјал, а како нешто што е повикано да се преобрази и да стане видлива потврда за силата Божја.

Каква слава, каква радост и надеж! Торжествено и со љубов да го воспееме Христовото раѓање, зашто тоа за нас е вечен живот уште овде на земјата и тоа е слава на целото создание во вечноста на Небесата.

Верни чеда на Македонската православна црква!

Бескрајно сме му благодарни на Бога што бевме удостоени како македонски православен народ, со многу љубов и посветеност, да ја прославиме 1100 – годишнината од блажената смрт на нашиот македонски духовен великан – Светиот Климент Охридскиот Чудотворец. Во оваа Светиклиментова година, имавме можност како библиски народ да се потсетиме на големата жртва, на огромното дело, кое како духовно наследство ни беше оставено од страна на овој наш македонски патријарх. Доблестите на љубовта, трудољубивоста, трпението, почитта кон другиот, вистинската просвета и духовниот напредок, што како народ ги бевме примиле и научиле од св. Климента, се вечни вредности врз кои почива светот. Ние сме генерација која треба да ги дополни и да изгради нови човечки и житејски вредности, кои ќе ги стави во духовната ризница на нашиот македонски народ и со радост и љубов ќе ги пренесе на нашите идни генерации. Во овие тешки времиња за нашиот народ и за нашата татковина, божикните празници и нивната длабока духовна смисла, да ги искористиме како одлична можност за сопствено преиспитување, преумување и умудрување. Божикниот период е вистинското време за престанок на омразата и за надминување на сите меѓусебни поделби. Божик 2017-та нека биде нов почеток во нашите животи. Време е да си подадеме рака и конечно да се сплотиме како македонски православен народ. Доволно се имаме нагледано, и ние и нашите предци, рушење и страдање предизвикано од меѓусебна нетрпеливост, омраза и неразбирање. Гарант и подлога за секој национален успех е токму народното единство и меѓусебното почитување. Дојдено е времето кога ќе треба да се надминеме себе си и својата себичност и ќе мораме да ја извојуваме духовната битка против поделбите, омразите и недоразбирањата. Мораме да имаме предвид дека скапо сме платени и ние и нашата слобода.

agatangel-vertiВо овие моменти важен е поединецот, но поважно е општеството. Македонија била, е и ќе биде наша единствена радост и наша единствена татковина. Со силата на воплотениот Христос, преку застапништвото на Неговата Света Мајка – Богородица и по молитвите на Свети Климента и на сите македонски светители да ги усвоиме сите спасоносни добродетели и заедно како народ Божји, во радост, мир и благосостојба да ги поминеме Божикните празници и со нови духовни сили, преобразени и духовно очистени, да влеземе во новото 2017-то лето Господово.

Христос се роди, навистина се роди!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *