Почетна Анализа Врапче во рака за гулаб на гранка – вредно ли е?
Врапче во рака за гулаб на гранка – вредно ли е?

Врапче во рака за гулаб на гранка – вредно ли е?

1.24K
2

„Украинската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА и го впиша името на Архиепископот Стефан во Диптихот на оваа црква, како Архиепископ Охридски и Македонски Стефан.“

Ова е веста што овие неколку денови кружи низ социјалните медиуми и кога на прв поглед некој ќе ја види радосно ќе воскликне за уште еден голем успех за МПЦ-ОА. Но, кога во суштина ќе се провери веста, тогаш станува јасно дека некој почнал, или мајтап да тера со македонската автокефалност, или пак приказната има многу подлабоки скриени интереси. Зошто?

Станува збор за одлука на Синодот на Украинската Православна Црква – Московска Патријаршија, една од црквите во Украина, каде поглавар е Митрополитот Онуфриј. На нивниот официјален сајт пишува: „поради фактот што на 5 јуни 2022 година, Неговата Светост српскиот Патријарх Порфириј и додели Томос за автокефалност на Македонската православна црква, Светиот синод на Украинската православна црква одлучи да го вклучи името на поглаварот на Македонската православна црква во диптихот на поглаварите на помесните православни цркви. Името на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, отсега на секоја божествена богослужба ќе го чествува Поглаварот на нашата Црква.“ Тоа е целиот текст на одлуката на УПЦ-МП.

Но, кога работите ќе се погледнат низ фактичката состојба, за оние кои знаат, знаат дека УПЦ-МП (црквата на Митрополитот Онуфриј), практично нема диптих. Таа е автономна црква во рамките на Руската Православна Црква и нејзиниот поглавар (Онуфриј) на литургиите не споменува поглавари на останати помесни автокефални цркви, туку само поглаварот на црквата во чии рамки има автономија. Тоа во случајот е Патријархот Московски и на цела Русија г. Кирил. Така што некој да донесе одлука за да ја впише МПЦ-ОА во Диприх кој го нема, е најблагоречено кажано играње мајтап и понижување на Архиепископот г.г. Стефан.

(Овде имате видео од литургија на Митрополитот Онуфриј во делот на големиот вход, кога се врши спомнувањето, како тоа изгледа)

Но, приказната може да се толкува и од една друга (моментална) фактичка состојба, која пак е поврзана со актуелниот статус на УПЦ-МП. Оваа црква, поради воените дејствија во Украина и јавната поддршка од Руската црква на инвазијата врз Украина, неодамна донесоа одлука за еднострано прогласување автокефалност и одвојување од влијанието на Руската Црква. Таа одлука беше толкувана како нов раскол и од таа позиција УПЦ-МП практично е самопрогласена автокефалија, без никој да ја признае во православниот свет. Во овој случај таа црква може да има свој Диптих и во него може да наброи кого сака, но тоа за Сеправославната црква нема никакво значење. И од оваа гледна точка, оваа одлука на УПЦ-МП е уште попонижувачка за МПЦ-ОА, бидејќи автокефалност признава некој, кој ниту самиот не е признаен за Автокефалија. МПЦ-ОА на пример 55 години беше изолирана, но никогаш не посегна по одлуки да признава нечија автокефалност.

Но, кога внимателно ќе се аналира текстот на одлуката на Синодот на УПЦ-МП, ќе се најде уште еден интересен момент. Реченицата: „ поради фактот што на 5 јуни 2022 година, Неговата Светост српскиот Патријарх Порфириј и додели Томос за автокефалност на Македонската православна црква“. Тука не може точно да се одреди дали Синодот на УПЦ-МП одлучувал по добиено известување од Српскиот патријарх за МПЦ-ОА, или Синодот одлучувал самоиницијативно, што е малку веројатно. Но, тоа е важен детал затоа што ако СПЦ ја известувала и автономната УПЦ-МП за ова прашање, тогаш тоа е многу несериозен мајтап со МПЦ-ОА. Од друга страна пак, ако СПЦ ја известила автокефалната УПЦ-МП, тогаш тоа е уште поскандалозно, барајќи од непризната црква да признае црква што таа ја признава, а самата СПЦ не признава автокефалија на УПЦ-МП. Гротеска.

Но, што се крие зад оваа игранка?

За да се дојде до целта, треба да се проникне во интересите на различните црковни страни во Православието. (Фанар, Белград, Киев, Москва).

Се поизвесно станува дека одлуката на УПЦ-МП за некаква самопрогласена автокефалност и одвојување од Црковна Москва е практично маска пред нивниот народ дека се откажани од Русите. Тоа веројатно е само формално и се согледува во оваа нивна постапка. Доколку не беше така немаше да влегуваат во ваков „циркуз“, да признаваат црква, а самите не се признаени. Дополнително што таа одлука за признавање е идентична со одлуката на Руската Црква. Како по директива.

Ако е тоа така, тогаш лесно се доаѓа до целта на интересите и веројатно од оваа дистанца многу повидливо за македонската јавност е во каква состојба е ставена МПЦ-ОА по 5 јуни, кога СПЦ го издаде фамозниот Томос.

Како стојат работите во пракса, а како на хартија?

Иако многумина не сакаат да признаат, сепак се почна и се на крај ќе мора да заврши во Вселенската патријаршија. Почна со ставање во процедура на барањето за апелација од страна на Вселенската Патријаршија, процес на кој СПЦ, по иницијатива на РПЦ се вклучи за да го преземе приматот, користејќи го сентименталното прашање за името на црквата.

Во конкретниот случај станува збор за сосема ист план. Москва е сигурна оти Цариград очекува МПЦ-ОА да го признае Епифаниј за поглавар на автокефалната Православна Црква во Украина. Тоа е онаа црква во Украина што доби Томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, а тогашниот митрополит на УПЦ-МП, Онуфриј остана на страната со Русите. Не ги прифати одлуките на Вселенската патријаршија што се однесуваа на Украина, не прифати да се појави на обединителниот Собор на кој имаше право да биде избран за автокефален Киевски митрополит, за на крај да си самопрогласи автокефалија од РПЦ.

Прифаќањето на Епифаниј како автокефален поглавар од страна на МПЦ-ОА е логично и веројатно ќе се случи откако Вселенската патријаршија ќе го издаде Томосот за автокефалност на Охридската Архиепископија. Логично, затоа што црковните интереси се поклопуваа. Произлегуваат од ист центар и имаат исто значење. Што значи, признаената Охридска Архиепископија како автокефална ќе размени признавање со Православната црква на Украина, која исто произлегла од Томос на Вселенската Патријаршија.

Руската црква тоа го знаеше и затоа инсистираа СПЦ да биде таа црква што ќе даде автокефалија и во тоа успеаја. Целта беше прво да се понижи Вартоломеј и Константинопол како центар кој секогаш давал автокефалија, а дополнително, да се оттргне МПЦ од сферата на неговото влијание и да се претвори во сателит на Москва. Монетално таа улога на руски сателити во православниот свет ја играат само уште Полската црква и Црквата на Чешка и Словачка, заедно со еден дел од СПЦ. Практиката за создавање на такви сателит-цркви од страна на РПЦ во црковната историја има уште неколку.

За да биде појасно. Не постои автокефалија доделена од друга Црква освен Вселенската патријаршија, која е соборно признаена, а обиди имало, но неуспешни. Русите имаат дадено автокефалија токму на Полска и на Чехословачка, но тие две цркви во Православниот свет се прифатени дури откако Константинопол им издаде Томос. РПЦ во моментов има дадено автокефалија на „Американска православна црква“, но тоа е црква која до ден денес, никој не ја признава.

Од тие причини црковната јавност во Македонија треба да биде на јасно што ја очекува и чиј интерес треба да е најважен. На Москва? На Белград? На Фанар? Или нејзиниот да ја добие суштинската и вистинска автокефаност?

Во такви констелации на односите некакво си впишување на МПЦ-ОА во Диптих на непризнаена црква не може да биде никакв успех. Онуфриј ако сака да биде автокефална вистинска црква пред него има долг пат да се избори за признавање на својата, а после да признава туѓи автокефалии. Но, за МПЦ-ОА ова треба да биде сериозен сигнал, бидејќи „иако раскарани Кирил и Онуфриј“, во пракса реализираат едно исто сценарио. Целта е да се поведе МПЦ-ОА и „да се задолжи“ за да не случајно одлучи да го признае Епифаниј како поглавар на Украина.

Времето ги открива трагите

Како што одминува врмето, така се повидливи се трагите од патот по кој беше трасирана да се движи МПЦ-ОА со велелепната „добра надеж и добра волја“ од СПЦ. Уште од самиот почеток на онаа „добра“ игра од страна на СПЦ беше јасно (барем за оние кои активно го познаваат процесот) дека сентименталноста со името на МПЦ-ОА ќе биде најдоходвен инструмент за да се придобие МПЦ-ОА и црковната јавност и држи до страната на Москва. И тоа од ден на ден станува се појасно, но од ден на ден станува и сеповидливо дека тој сентимент е класична злупотреба и има намескаа функција само за по дома. Во реалноста работите се сосема поинакви.

Да, СПЦ издаде Томос на име Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, но јасно дефинира самата МПЦ-ОА треба да си се договори за името.

Да, СПЦ призна титула Архиепископ Охридски и Македонски, а во праска Патријархот Порфириј елегантно се штити себе си и користи формулација  „Архиепископ „Охридски“, или „Охридски и на Северна Македонија“.

Да, СПЦ призна автокефална МПЦ-ОА, но константно во сите заеднички сослужувања македонските архиереи не ги претставува како владици на МПЦ-ОА, туку ги реди во редот на владици кои се во хиерархијата на СПЦ.

Ова се неколку многу важни сигнали, што македонскиот Синод за сега ги премолчува и не реагира. Зошто? Само тие си знаат. Но, ако состојбите останат вакви, МПЦ-ОА уште долго време нема да дојде до посакуваната автокефалност. Да не заборавиме дека сите Цркви, освен Руската, кои досега излегоа со соопштение и влегоа во општење со МПЦ-ОА се држат до одлуката на Вселенската Патријаршија, но она што е важно е дека напишаа дека сослужуваат со „Православната Црква во Северна Македонија“. Тоа е така затоа што во моментов реалниот статус на МПЦ-ОА и реалното нејзино именување се уште е отворено прашање. Отворено затоа што тоа прашање ќе биде затворено со издавањето на Томосот од Вселенската Патријаршија. Како црквата ќе биде евидентирана во тој документ, така ќе биде титулирана од најголемиот број автокефални православни цркви. Прашањето не е затворено меѓу другото и затоа што се уште се чека на одлуката МПЦ-ОА да го прифати она што и сама го бараше. Автокефална Охридска Архиепископија, без притоа да има обрски да менува какви било интерни докуменити. Тоа и СПЦ го знае и затоа нејзиниот поглавар во диптихот ја користи формулацијата што сега ја користи.

Но, тука има еден друг многу посериозен проблем, а тоа е можноста со текот на времето да се изгуби и она за што сега се мисли дека е дообиено. Тоа што ние немаме проблем да ја викаме  оваа земја Македонија, нема апсолутно никаква врска со црковните состојби, бидејќи она што е важно се синодските одлуки на Православните цркви. Таму правилата се јасни. Древното име, или, името на државата е опцијата за именување. Нашиот избор мора да биде древното именување, бидејќи името на државата е тоа, без разлика дали ми се допаѓа или не.  Дополнително што името на географската територија Македонија се протега многу пошироко од територијата на државата Македонија, во чии граници се дефинира јуриздикцијата на црквата, како што тоа е пример за сите јуриздикции на сите православни цркви. Затоа лажно борејќи се за нешто што е невозможно, може и да го загубите и она што мислите дека го имате. Тоа е исто како да менувате врапче во рака за гулаб на гранка.

Предизвикот е обврска

Но, за иднината на МПЦ-ОА најмалку важно е тоа како таа ќе се именува во диптихот на православната црква. Најважно е таа црква да влезе во редот на рамноправни автокефални цркви, достојна еднакво со сите. На тој пат има еден многу сериозен предизвик, кој веќе е нејзина обвска преземена токму поради одлуката на СПЦ да дозволи автокефалност на нова црква од територијата на нејзината јуриздикција. Пред МПЦ-ОА во моментов постои многу посериозен проблем за решавање, отколку виртуелно замајување на јавноста за нејзиното именување. Тоа е прашањето за ПОА, кое се уште не е завршено.

За решавањето на тоа прашање МПЦ-ОА мора да ја понесе сама одговорноста, но досегашното искуство покажува дека таа пропушти неколку идеални прилики во кои можеше да иницира иницијативност и да биде носител на решенијата.

Откако доби Томос од СПЦ за автокефалност, канонизираше и светители, но и чествуваше празници, како денот на македонските светители, на кои мораше да ги покани и владиците од ПОА на заедничко сослужување. Тоа не е нешто од што треба да се плаши, затоа што ако веќе во Белград, или низ епархиите на СПЦ сослужуваат, ако се причестуваат, ако се прегрнуваат, зошто дома тоа не го практикуваат? Таму ќе глумиме конструктивност, а дома ќе наметнуваме надмоќ? И врапчињата знаат дека владиците од ПОА мора да се интегрираат во МПЦ-ОА. Ако тоа е жртвата за автокефалноста, ако тоа е патот на единството, направете ја. Тоа е најмалата жртва што може да ја даде МПЦ-ОА за печатирање на шест децениската борба за автокефалност. Простувањето е одлика на христијанската црква. Автокефалноста не е само триумф на успехот, автокефалноста е сериозна одговорност. Одговорност за единството на црквата. А единството прво се прави дома, а потоа надвор. Популизмот не е црковна одлика, тоа е карактеристика на политиката. Автокефалноста не се сведува само на прошетки низ белградските улици, автокефалноста бара да се биде достоен и одговорен.

М.Н

Коментар(2)

  1. Господине МН, твоите квази анализи и бесцелни празнословија, штетат само на нас самите. И тоа без никаква потреба.

  2. Најбедниот критериум за вреднување на нечии духовни квалитети е фаворизирањето на административниот, квази-соборен критериум. Пред да се осмелите да се спуштите на тоа рамниште најнапред спомнете си чија официјална административна потврда имал своевремено Богочовекот Исус Христос за Неговата духовна величина. И може ли некој да го добие или да го изгуби својот духовен интегритет преку административен акт на некој друг, на сеедно кој друг субјект?! Каде навистина се одвива односот со Пресвета Троица: на хартија или во човековото срце? Сите ние, низ целиот свет имаме Крштеници дома коишто на хартија ни потврдуваат дека сме православни христијани, а ретко кој бива официјално одлачен од Црквата од страна на свештенството заради погрешен избор или небрежен живот. И ретко кој бива официјално награден за извонредна побожност, како и да ја наречете. Дали сите кои имаат Крштеница во своите фиоки во иста мера остануваат да пребиваат во благодатта Божја и духовно да растат? Дали нивниот духовен развој постојано се регулира административно? Дали, на пример, кога некој ќе отпадне од благодатта Божја и подолго време не може да го обнови својот духовен интегритет, а камоли да воспостави будност со која ќе може да ја негува чистотата на мистичниот аспект на своето битие (за творечката сила на тој аспект и да не зборуваме), добива документ или јавна опомена за таа и таа состојба? Слободата и безграничноста Христова се премногу скапоцени за да прифатиме да се насладуваме со некаквоси “црковно право и криво” наместо со бесконечно братољубие. За дволичност од сеедно чија страна на Трпезата Господова место секако нема. Време е за Црквата да се зборува и да се пишува со благодатен јазик. Се’ друго е бесмислено.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *