Здружението Бадникови поворки возобнови уште една прекрсна, овој пат василичарска песна. Новогодишната каланда, насловена „Чук, Чук, кој иде?“ е во изведба на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ – Кичево.
-Со длабока почит кон вековната духовна и народна традиција, Хор „Митрополит Козма Пречистански“ – Кичево ја објави новата новогодишна каланда „Чук, чук, кој иде?“, посветена на празникот на Свети Василиј Велики и благословот на Новата година, за која изработи и прекрасен видео запис. Оваа каланда ја носи пораката за здравје, бериќет и духовна обнова, како што со генерации се пеела при новогодишните благослови од дом на дом, велат од Бадникови поворки.
Текстот на новогодишната песна обединува делови од старата Дебарско-реканска песна и новиот современ и многу поучен текст.
-Новогодишната каланда изразува еден достоинствен хорски аранжман, создавајќи топла празнична и духовна атмосфера за сите оние кои ја негуваат православната традиција, велат иницијаторите за возобновување на оваа песна.
Песната е снимена во студиото на Димитар Андоновски, аранжман и оркестрација е на Владимир Димовски, видео запис, камера, монтажа и режија е на Стојан Стојановски.
Во продолжение ТЕКСТ НА КАЛАНДАТА „Чук, чук, кој иде?“
– Свети Василиј Чук, чук, кој иде? — Свети Василиј. Од кај иде? — Од Кесарија. Што носи? — Здравје и бериќет од Господа. Сурова година, весела година, голем клас на нива, голем грозд на лоза, црвено јаболко в градина, живо и здраво до година. До година — до амина. Среќна и бериќетна Нова година. Почнува Нова година на Божјата милостина, и со споменот на свети и блажен Василиј Велики. Со арно нека почнеме во Христа живот обновен, далеку од зло и прелест, и украсени со доблест. И во просвештението според Евангелието, и со љубов и во светост да сведочиме пред светот. Среќна ви Нова година со чиста душа, спокојна, и со радост и со славје, и догодина со здравје. Среќна и бериќетна Нова година — со здравје и радост во секој дом!
ЕКИПА И УЧЕСНИЦИ Режија, камера и монтажа: Стојан Стојановски Асистент на камера: Александар Николовски Продукција: 2С Студио Изведба: Хор „Митрополит Козма Пречистански“ и голем број статисти кои со своето присуство создадоа вистинска новогодишна атмосфера. Инструменталисти: Кларинет – Игор Бакревски Клавијатури – Вера Поповска Виолончело – Дејан Цветковски Контрабас – Коста Стевановски Виолина – Димитар Андоновски Лаута и уд – Петар Христов Аудио снимање и постпродукција: Андоновски Мјузик Продуцент, микс и мастер: Димитар Андоновски


Веројатно со заложби и благослов на Владиката Партениј, чие име нигде не се ни споменува. Така се бива Светител!