И оваа година, на преминот меѓу старата и новата календарска година, во српската јавност повторно се отвори прашањето за оданочувањето на Српската православна црква и другите традиционални верски заедници. Темата редовно се појавува во овој период, при што Црквата често се соочува со критики дека не учествува во јавните финансии со останатите граѓани, иако се позиционира како морален коректив во општеството.
Патријархот на својот Инстаграм профил изјави дека навистина не може да замисли што ги мотивирало оние кои изнесоа сосема неточни тврдења дека Црквата не плаќа даноци. @Се плашам дека за тие луѓе јавните финансии и државата Србија не се на прво, туку на последно место“, напиша тој. Тој истакна дека ниту Црквата ниту свештениците не се надвор од даночниот систем на Република Србија, додавајќи дека, како и сите други граѓани, тие плаќале ДДВ за сите производи и услуги по важечките даночни стапки. „Се надевам барем дека неточните тврдења и свесните клевети повеќе нема да имаат привилегирано место во медиумите“, изјави патријархот.
Во оваа насока, Министерството за финансии на Србија уште еднаш појасни дека традиционалните цркви и верски заедници не се целосно ослободени од данок на имот, туку даночно ослободување важи исклучиво за недвижности кои се користат за богослужбени цели. Министерството нагласи дека ослободувањето од данок се применува само доколку се исполнети три услови истовремено: имотот да е наменет за богослужба, да се користи исклучиво за таа намена и да не е издаден под закуп на трети лица повеќе од 183 дена во текот на една календарска година, без разлика дали континуирано или со прекини. Сите останати имоти во сопственост на црквите, како што се парохиски домови, станбени објекти, образовни згради, продавници или помошни простории, подлежат на редовно даночно оданочување. Министерството јасно посочи дека не постои правна основа за даночно ослободување на имоти кои не се користат исклучиво за богослужбени цели.
Според Законот за данок на имот во Србија, обврската за плаќање данок се однесува на сопственост или користење на градежно, земјоделско и шумско земјиште, станбени и деловни објекти, гаражи, како и други надземни и подземни градби. Исклучок постои само за богослужбени објекти на традиционалните верски институции.
Како традиционални цркви во Србија со посебен правен статус се признаени Српската православна црква, Римокатоличката црква, Словачката евангелска црква, Реформираната христијанска црква и Евангелската христијанска црква, додека како традиционални верски заедници се сметаат Исламската и Еврејската верска заедница. Овие институции имаат вековно историско присуство и нивниот статус е уреден со посебни закони.
Во исто време, државата од буџетот ги покрива пензиското, инвалидското и здравственото осигурување на свештениците и верските службеници. Тие плаќаат даноци за економска дејност, а данокот на додадена вредност за одредени предмети со исклучиво богослужбена намена им се враќа. Сепак, прашањето за финансиската транспарентност останува отворено, бидејќи согласно важечкото законодавство, црквите и верските заедници во Србија немаат обврска да објавуваат финансиски извештаи.

