„А оној што твори вистина, оди кон Светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бог извршени“
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Видете, деца, на колку едноставен начин Светото Евангелие ни ги објаснува основните вистини на скриениот, во Бог, наш живот и подвиг; само треба да сакаме да разбереме.
Најнапред, за која светлина ни говори Евангелието и каде се наоѓа таа; во која насока ние треба да одиме за да се сретнеме со неа? Евангелието ни говори за Богочовекот Христос, кој преку Тајната на Крштението, пребива во нашето срце – во Својата несоздадена светлина. И кога ние твориме дела по Бог извршени, нам срцето ни се отвора и несоздадената светлина се пројавува од него, а нашиот ум ја насочува својата енергија кон „местото“ од каде што се пројавува таа светлина. Гледате ли колку е сѐ едноставно?
Значи, Евангелието, не ни говори за светлината на театарските рефлектори – со полно медиумско покритие. Тоа го прават само луѓе чии дела се направени по нивна волја и во нивна слава, а кобожем за доброто на Црквата или народот. Тие се, просто, зависни од медиумско внимание. Зашто секој што прави зло, т.е. грев, ја мрази или игнорира вистинската светлина, односно, Бог, и не оди кон Светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави – оти ќе наиде на затворено срце.
Но, вдовицата со двете лепти ни е урнек и проверка на сѐ што правиме и во Литургијата и „надвор“ од неа; ако даваме од својот одвишок ние сме „out“, ако го даваме сето она што ни останало за живот, пред сѐ – самите себе, ние сме „in“. Како инаку би се соединиле со Богочовекот Исус Христос Кој ни Се принесе без остаток. Треба да внимаваме и на рамнотежата, помеѓу она што Му го принесуваме на Бог и она што го покажуваме пред луѓето – да не испадне дека даваме од одвишокот, а се фалиме како да сме дале сѐ што имаме за живот. Кај вдовицата давањето и покажувањето апсолутно се поклопија. Можеби луѓето тоа не го забележаа – таа и така само извршуваше Божја волја во Божја слава, но Бог го виде; а, тоа беше – и повеќе од доволно.
Така што, „овој суд (т.е. страдање што сите ние го доживуваме – цело време) е затоа што Светлината дојде на светот, ама на луѓето повеќе им омиле темнината, отколку Светлината, оти нивните дела беа лоши“.
Господи Исусе Христе, вистинска Светлина на луѓето – која свети во мракот и мракот не ја опфаќа, дојди и просветли ја нашата темнина!

