Монахињата Ефимија од Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, успешно го одбрани својот втор магистерски труд, овој пат на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Трудот е насловен како: „Религиското образование во јавниот образовен систем – компаративна анализа со посебен осврт на Северна Македонија“. Ментор беше проф. д-р Анета Јовковска, а членови на комисијата беа и митрополит Дебарско-кичевски проф. д-р Георгиј Ѓорѓевски и доцент д-р Дарко Анев.
Истражувањето е плод на долгогодишна работа и соработка по однос на ова прашање и нуди длабок теолошки, педагошки, правно-политички и општествен научен осврт. Низ детална анализа на устави, закони, образовни политики, како и на обемна компаративна анализа на европските и балканските модели, сестра Ефимија директно ја критикуваше тезата за неспоивост на секуларизмот со религиското образование. Притоа, се осврна и на историскиот контекст по Втората светска војна, чија што марксистичка идеолошка матрица се провлекува и во современиот демократски образовен контекст, велат од Бигорски.
Фокусот на трудот е ставен на домашните состојби, со теза дека во Македонија не постои уставна пречка за интегрирање на ова образование, туку проблемот е во рестриктивното толкување на секуларизмот.
За потребите на трудот, беиле спроведени две значајни истражувања и тоа квантитативно емпириско истражување (CATI метод), спроведено врз 1.200 испитаници, како и експлоративно истражување со родители, спроведено преку платформата Google Forms.
Како главен проблем кај нас, сестра Ефимија ја лоцираше малата временска рамка на застапеност на предметот Етика во религиите, и тоа од само 36 часови во едно полугодие во шесто одделение, со што воопшто не може да се искористи неговиот воспитен потенцијал.
Трудот нуди и конкретни препораки до институциите: враќање на претходниот задолжително-изборен статус на предметот Етика во религиите, системско решение за вработувањето на теолозите и постепено проширување на предметот низ повеќе одделенија.
-За време на одбраната, монахињата Ефимија демонстрираше високо ниво на академска зрелост, критичко размислување и научно издржани аргументи. Им изразуваме искрена благодарност на менторката и на членовите на комисијата, а на монахињата Ефимија ѝ упатуваме најискрени честитки, со желби за понатамошни академски успеси и пред сè, непрестаен устрем кон Господа Исуса Христа!, велат од Бигорски.

