Со особена духовна радост и молитвена возвишеност, во сите храмови на Австралиско-сиднејската епархија свечено беше прославен најголемиот христијански празник – Христовото Воскресение – Велигден.
Во ноќта на Воскресението, бројни верници се собраа во светите храмови, каде што со запалени свеќи го дочекаа благодатниот миг на објавата на победата над смртта. Со торжественото пеење на победоносниот тропар „Христос воскресе од мртвите, со смрт смртта ја победи и на оние во гробовите живот им дарува“, започна Пасхалната богослужба, исполнета со светлина, надеж и духовна радост.
Свештенството во епархијата, отслужи Пасхална утрена и Света Божествена Литургија, на која учество зеде мноштво верен народ. Голем број од присутните се причестија со Светите Христови Тајни, пристапувајќи со вера, смирение и благодарност.
По завршувањето на богослужбата, верниците меѓусебно се поздравуваа со радосниот пасхален поздрав: „Христос воскресе!“ – „Навистина воскресе!“, споделувајќи ја радоста на Воскресението и сведочејќи ја живата вера во воскреснатиот Господ.
Прославите продолжија со заеднички трпези на љубовта, каде што во духот на единство и братска заедница се одбележа овој спасоносен празник, кој претставува темел на христијанската вера и надеж.
Велигденската радост уште еднаш ја потврди силната духовна поврзаност на македонскиот народ во дијаспората со својата Света Црква, која и далеку од татковината останува живо сведоштво на верата, традицијата и националниот идентитет.























