Чудотворната икона на Богородица „Владимирска“ е изнесена од храмот „Св. Николај“ во Толмачи приТретјаковската галерија, додека на нејзино место во херметичката витрина е поставено копија од XVII век.
Според достапните информации, постои можност иконата да биде изложена во храмот „Христос Спасител“ во Москва, но засега нема официјална потврда за тоа.
Храмот во Толмачи формално функционира како една од салите на Третјаковската галерија, каде се почитуваат сите стандарди за зачувување на културно наследство, но во исто време е и активен православен храм. На тој начин се овозможува зачувување на вредни уметнички дела во нивната природна црковна средина.
Иконата е пренесена по наредба на руската министерка за култура Олга Љубимова. Во моментов се наоѓа во складиштето на Третјаковската галерија, каде се вршат научни испитувања и се подготвува детална научна документација.
За време на октомвриската политичка криза во Русија во 1993 година, рускиот патријарх Алексиј II ја изнесе Владимирската икона за молебен во Богојавленскиот собор во Москва со молитва за спречување граѓанска војна. Оттогаш иконата го напуштала храмот само за реставрација или научна проверка.
Владимирската икона на Богородица е создадена кон крајот на XI или почетокот на XII век и се смета за една од најзначајните икони на Руската православна црква. Таа пристигнала во Киев кратко по покрстувањето на Киевска Рус, а подоцна, во времето на кнез Андреј Боголјубски, била пренесена во Владимир. На крајот на XIV век иконата била донесена во Москва, каде станала една од најпочитуваните свети икони.
Ова е втора значајна руска икона што во последните години е предадена на Руската православна црква по барање на патријархот Кирил. Во 2023 година слична одлука беше донесена и за иконата „Света Троица“ од Андреј Рубљов, која исто така беше изнесена од Третјаковската галерија и поставена најпрво во храмот „Христос Спасител“, а потоа во Троице-Сергиевата лавра.

