
Владиката Јосиф во посета на гостиварското муфтиство по повод Курбан бајрам
Делегација на Македонската православна црква Охридска архиепископија (МПЦ ОА) предводена од митрополитот на тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф ја посети гостиварското муфтиство и го честиташе Курбан бајрам.
Домаќинот, гостиварскиот муфтија Сабахудин еф. Зендели искажа задоволство од можноста да пречека висок црковен претставник и како што кажа, тоа е продолжение на добрата соработка која владеела и во минатото.
– Денеска, на гости ни дојде чесниот владика Јосиф по повод празникот Курбан бајрам и на сите верници во гостиварското муфтиство им го честита празникот. Нашата соработка нема да остане само на меѓусебни честитки, туку ќе биде и проширена соработка помеѓу двете институции во насока на подигање на моралните, човечки вредности кои се темелат на толеранција и мир меѓу луѓето. Таква, како што била со векови, меѓу муслиманите и христијаните кои на овие простори живееле, изјави муфтијата Сабахудин еф. Зендели.
Покрај празничната честитка г. Јосиф му го честиташе назначувањето на Зендели за муфтија, кое дојде по изборот на неговиот претходник за поглавар на ИВЗ. Владиката искажа оптимизам за натамошната соработка.
– Како надлежен владика на оваа епархија секогаш сум бил добро прифатен и имам одлична соработка и со муфтиите во Гостивар и Тетово. Верувам дека добрата соработка, каква што беше со поранешниот муфтија, сега реис, ќе продолжи и во иднина, за општото добро на нашиот народ. Бидејќи, нашата мисија е таа, да воспоставиме толеранција, љубов и разбирање меѓу нас, изјави митрополитот г. Јосиф по средбата.
Посетата беше искористена за да се поразговара и за други теми кои се од важност за двете верски заедници.