Вселенскиот патријарх Вартоломеј, за време на престојот во Софија, остварил пријателска средба со последниот бугарски цар Симеон II, кој беше и премиер на Бугарија од 2001 до 2005 година.
Фотографии од средбата објави Вселенската патријаршија, посочувајќи дека станува збор за долгогодишен познаник на Вселенскиот патријарх.
Симеон II бил на бугарскиот престол од 1943 до 1946 година. На престолот дошол на само шестгодишна возраст, по смртта на неговиот татко, царот Борис III, кој владеел од 1918 до 1943 година.
По укинувањето на монархијата и воспоставувањето на републиката, Симеон живеел во егзил, а по враќањето во Бугарија влегол во политичкиот живот. Во 2001 година стана премиер на земјата, функција што ја извршувал до 2005 година, период во кој Бугарија ги зарши сите процеси за членство во Европската Унија.
Од Вселенската патријаршија потсетуваат дека Симеон присуствувал и на Божествената литургија во патријаршиската катедрала „Свети Александар Невски“ во Софија, како и на свечената заедничка архијерејска литургија во Рилскиот манастир, предводена од Вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Даниил.




